Доне Танески деновиве ја напушти водечката позиција во Македонија турист. Застана на чело на Надзорниот одбор. Раководењето со оваа реномирана компанија ја презедоа млади кадри
Но неговата тивкост доминираше над сѐ. Аналитичарите можеби и ќе се сетат на неговата слика од 1994 година кога се потпишаа трите први договори за приватизација со менаџерски откуп. Тоа беше “револуција” во бизнисот.
Доне беше во првите редови. Овој скромен човек, пријател на нашето семејство во три генерации, можеше да разговара со часови и со татко ми Благоја, со мене но и со син ми Дејан, кој за Доне ќе рече:
“На мое големо задоволство со Доне Таневски сум имал навистина многу средби низ животот, како формални така и неформални, и сите без исклучок исклучително пријатни. Сепак една ми е врежана во сеќавање како пример, како човек може да биде најголем токму во својата скромност. Беше ноќ пред затворање, а ние со другарите во познатата слаткарница Апче на боза и тулумби и нормално муабет за по риба и рибарење за претстојниот викенд. Се сретнавме со Доне во слаткарницата. Го повикав да ни се придружи, најпрво не сакаше да смета, а потоа седнавме сите заедно пред слаткарница. Другарите родени 1990 година кои се бават со информатика и фала Богу никогаш не се замарале ниту со бизнис, а уште помалку со поими како транзиција, приватизација и слично воопшто немаат поим со кого седат. Го претставив како голем рибар, другар на татко ми и ништо повеќе од тоа. Во очите му ја гледав среќата дека не го титулирав според функцијата или богатството туку по нешто во што е прочуен и добар. Веројатно истото да го направев со било кој од неговите колеги бизнисмени ќе беше барем благо навреден, но не и Доне-направив добра проценка. Така разговорот за рибата тргна како вода иако на масата седеше до луѓе половина век помлади од него. Не знам како се префрливме на кошарка, а јас ненаметливо нафрлив дека седиме со еден од најдолгогодишните активисти и функционери во легендарниот Работнички. Доне воопшто не се ни осврна на тоа туку скромно си продолжи да зборува за кошарката како целина. Бидејќи дел од нас се и колекционери на разни работи се зафативме и со филателијата која Доне ја познава како својот џеб, а исто така неприметливо спомена дека знае и по нешто за монети. Тоа нешто малку што го знае е преточено во две научни, а не публицистички дела за монетоковањето во Античка Македонија, кои врз база на обемот и квалитет на литература врз кои се базирани, слободно можам да кажам дека можат да се користат и на Сорбона и веројатно еден ден и ќе се користат. Да траеше разговорот вечерта уште пет часа ќе констатиравме барем 30-40 различни области во кои Доне е подеднакво добар или малку и подобар отколку во економијата која му е вокација уште од средношколски и студентски денови. Никогаш не сум ги видел другарите толку опуштени со било кого. Се разидовме скоро со гушкање, а јас не се воздржав да им нафрлам дека имале чест вечерта да седат со еден од најуспешните бизнисмени во Скопје во последните педесет години, на што беа воодушевени со оглед на неверојатната приземност на човекот со кој го поминаа претходниот час”.
Македонија Турист АД Скопје и Доне се едно исто. Започна како рецепционер ги помина сите скалила во работниот процес достигнувајќи до челните функции на оваа наша најголема хотелско-туристичка организација. Во тој процес тој се надгради, усоврши, афирмира како човек кој е посветен на својата струка и не бара никакви други алтернативи. А во својата струка го достигна и она што му успеа на малкумина, беше претседател на Здружението за угостителство и туризам на Југославија. Во Македонската комора беспрекорно ги објавуваше сите свои функции.
Застанувајќи на чело на Надзорниот одбор еден вака искусен бизнисмен е гаранција за напредокот на Македонија Турист на која покрај развојот, перспективите и капиталот ги вгради своите две ќерки во менаџерските структури. Многу љубопитни луѓе ме прашувале да го опишам Доне во неколку реченици. Секогаш сум почитувал луѓе кои цел живот се посветиле на својата професионалност. Сум почитувал луѓе кои што тивко и мирно си ја работеле својата работа без да предизвикаат внимание. Сум почитувал луѓе кои водат грижа подеднакво и за фамилијата и за фирмата и за државата. Но овој човек има во себе уште нешто што е за почит. Почитта што ја искажува кон тебе, кон твојата фамилија, кон твојата фирма и сѐ што е врзано за тебе. Такви луѓе се ретки и тоа го прави на еден многу едноставен и ненаметлив начин. За големите луѓе треба малку да се пишува затоа што за нив сѐ се знае. Стопанската комора како најголема и најзначајна бизнис заедница во своите редови имаше и има многу луѓе со слични карактерни особини. Но Доне е единствен што покрај него, да ја почитуваат комората ги научи и своите две ќерки Мими и Ана кои остануваат во нејзините структури и секако Соња Бибановска која исто така заслужува респект и почит како и нејзиниот ментор.
Минатата недела ни донесе нови кадровски решенија во Македонија Турист која е гордост на нашата комора но и можност во слободното време со Доне да се дружиме повеќе и да разговараме на општи теми како пред слаткарницата на Апче од почетокот на овој текст.
П.С. Овој текст го пишуваме јас и Дејан затоа што ние со Доне изградивме две паралелни пријателства. Едно професионално, бизнис и коморски градено со децении и друго лично како човек одличен познавач на историјата, филантропијата и целата општествена надградба. Му посакуваме на новата должност многу успех но исто така успех и на новите раководни структури на Македонија Турист кои во него ќе имаат врвен едукатор докажан низ праксата и потврден како човек на општеството.