ПОВЕЌЕ

    Дигитална револуција и економска трансформација: Во тек е Economist MeetUp „The World Ahead“

    Време зa читање: 4 минути

    Под мотото на глобалните промени и новата економска архитектура, денеска во Скопје започна годишниот Economist MeetUp: The World Ahead. Настанот, кој ги обедини клучните чинители на макроекономскиот развој, беше отворен од страна на организаторите со јасна порака: иднината не треба само да се предвидува, туку активно да се креира преку стратешки дијалог меѓу институциите и бизнис секторот.

    Настанот  беше свечено отворен од министерката за финансии м-р Гордана Димитриеска-Кочоска, која во своето обраќање истакна дека дигитализацијата, вештачката интелигенција и сајбер безбедноста стануваат централни двигатели на новата економска динамика.

    „Како држава која се соочува со недостиг на работна сила, вештачката интелигенција ќе биде една од најважните алатки за замена на одредени работни места и пополнување на празнините во системот“.

    Организаторите од Represent Communications и Color media plus, во своите поздравни говори порачаа дека конференцијата станува регионална точка за дискусија на трансформациите што ја обликуваат иднината на економијата, технологијата и лидерството.

    Панел 1: Дигитализација, АИ, сајбер безбедност и човечки капитал

    Првиот панел ја отвори суштинската дебата за тоа како компаниите треба да се адаптираат на брзата технолошка еволуција.

    • Стевчо Ристески (А1 Телеком) нагласи дека телекомуникациските оператори се предводници на оваа трансформација, преку масовни инвестиции во „дата центри“ и „клауд“ решенија кои овозможуваат побрзи и поефикасни процеси за сите корисници.
    • Бјанка Катру (М Кеш) посочи дека Финтек компаниите денес не се алтернатива, туку стратешки актери кои ги диктираат стандардите за брзина, користејќи дигитална идентификација и автоматско донесување одлуки за само неколку минути.
    • Ведран Бајер (Wonderful) упати апел до компаниите веднаш да започнат со експериментирање, бидејќи технологијата напредува толку брзо што секое одложување значи неповратно заостанување.
    • Валентина Тасева (Семос Едукација) се осврна на критичниот аспект на сајбер безбедноста, предупредувајќи дека компаниите мора да бидат подготвени за ризиците што ги носи неконтролираното користење на вештачката интелигенција од страна на вработените.

    Fire Talk: Ивица Карапетров (Рудник Бучим)

    Во инспиративниот разговор со Ивица Карапетров, публиката слушна како изгледа трансформацијата на традиционална индустрија во време на глобални економски промени.

    Карапетров говореше за интеграцијата на новиот коп, инвестициите во модернизација и развојот на квалификувана работна сила.

    „Рударството е долгорочна игра на одговорност, стабилност и визија. Инвестираме во опрема, безбедност и во луѓето – затоа што без нив нема одржливо рударство,“ истакна тој.

    Тој дополни дека Бучим активно вложува во дуално образование, нови тренинг-центри и дигитализација на производствените процеси, што ја подигнува продуктивноста и ја зајакнува безбедноста на работниците.

    Fire Talk: Д-р Катерина Бошевска (EOS Matrix)

    Д-р Бошевска ја освежи сесијата со силен, визионерски говор за иднината на финансиските услуги и трансформацијата што ја носи вештачката интелигенција.

    Таа потенцираше дека 2025 година за нив значела заокружување на процесот на дигитална трансформација и реорганизација на процесите со цел подобра имплементација на AI, притоа задржувајќи го фокусот на фер третман на крајните корисници..

    „Вештачката интелигенција е моќен партнер, но човечкиот фактор останува незаменлив. Технологијата мора да служи за фер третман на клиентите и подобра транспарентност,“ нагласи Бошевска.

    Таа посочи дека компанијата активно работи на автоматизација, дигитални комуникациски канали и нови модели што ја подготвуваат индустријата за регулативите и трендовите што доаѓаат.

    Настанот продолжува со дополнителни fire talk сесии, интервјуа и презентации на регионални лидери, создавајќи динамична платформа за визии и идеи што ќе ја обликуваат 2026 година и понатаму.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично