Германското Министерство за внатрешни работи соопшти дека технички дефект во информацискиот систем на Федералната служба за криминалистичка полиција е причината за вчерашните прекини на системите на германските аеродроми, а не хакерски напади како што се шпекулираше на почетокот.
„Во моментов, нема индиции за хакерски напади или други инциденти кои би можеле да ја загрозат безбедноста на информациските системи“, изјави портпаролот на Министерството, негирајќи ги сите претходни шпекулации.
Прекините во системот предизвикаа значителни доцнења на летовите, особено за патниците кои пристигнуваат или заминуваат од земји надвор од Шенген зоната. Во некои случаи, проверката на пасошите била извршена рачно, што дополнително ги забавило процесите на проверка и регистрации.
Министерството истакна дека повеќето проблеми биле решени до синоќа, но целосното решавање на ситуацијата ќе потрае уште неколку дена. Проблемот е лоциран во хардверот на ИТ мрежата, а Федералната полициска служба продолжува да соработува со партнерските органи за обновување на нормалното функционирање на системите и откривање на причините за дефектот.