
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска одржа состанок со управители на станбени згради и претставници на куќни совети, на кој се разговараше за усвоените кризни мерки за справување со состојбата со сметот. Управителите на состанокот добија задолжение од Општината итно да спроведат вонредна дератизација, дезинсекција и дезинфекција во сите станбени објекти кои се под нивна надлежност.
„Се работи за алармантна ситуација. Некои ме критикуваат дека не е моја работа да ги чистам улиците, но не се согласувам, секој од нас треба да даде личен пример, а тоа постојано сум го правел. Секогаш кога имало криза или хаварија, јас и мојот тим сме се вклучувале директно во решавањето на проблемите. И овојпат, со актуелнава криза, го правиме истото, изјави Герасимовски.
Тој додаде дека на домаќинствата ќе им бидат доделени големи, бесплатни ќеси за отпад кои добро се затвораат и потешко се кинат, со насоки до станарите уредно и одговорно да го фрлаат комуналниот смет.
Општината спроведе вонредна дератизација на сите 1.980 шахти со сертифициран препарат, а дополнително беше извршена и вонредна дератизација и дезинсекција во сите градинки и училишта на територијата на локалната самоуправа.
Аналитика








