Гледишта на менаџерскиот тим на Generali Investments за пазарите на капитал во 2023 година
Тимот на Генерали Инвестментс подготви приказ на трендовите и факторите што ќе влијаат на пазарите на капитал во 2023 година.
Добредојдовте во 2023 година. Првиот неделен коментар за оваа година ќе биде малку поинаков од вообичаениот. Наместо она што се случуваше на берзите во изминатата недела, кое патем не донесе некои поголеми промени, ќе се фокусираме на трендовите и факторите кои ќе влијаат на економските движења и развојот на настаните на финансиските пазари во 2023 година.
Скок 12 месеци назад
2022 година уште еднаш ни докажа дека единствената константа во светот е промената. Пред само дванаесет месеци, најголемата грижа со која се соочивме во Европа и западните економии беше новата варијанта на коронавирусот – омикрон. Централните банкари добија уверување дека инфлацијата, која во тоа време во еврозоната изнесуваше околу 5% на годишно ниво, е само привремена. ЕЦБ најави дека нема да ги зголемува каматните стапки во 2022 година, додека американската ФЕД дозволи можност за максимални три зголемувања на основната каматна стапка. Индексот S&P 500 достигна рекордно високо ниво од 4.819 поени во првата недела од 2022 година. Малкумина веруваа дека собирањето руски воени трупи во близина на границата со Украина може да значи неминовен почеток на најголемата војна во Европа од крајот на Втората светска војна.
Европа наскоро ќе се најде во рецесија
Денес, една година подоцна, се чини малку веројатно дека војната, која во меѓувреме темелно ги разниша геополитичките односи и ја предизвика најтешката енергетска криза од 1970-тите, може да заврши наскоро. Кризата е особено изразена во енергетски зависната Европа, каде што инфлацијата веќе надминува 10%. Помалата куповна моќ на потрошувачите и конкурентноста на компаниите, повисоките трошоци за отплата на долгот и генерално негативната економска клима многу веројатно ќе ја втурнат европската економија во рецесија веќе во првата половина од оваа година. Неодамнешниот пад на цените на енергијата, прилично успешната потрага по алтернативни извори на енергија (главно течен природен гас) и благата зима влеваат надеж дека рецесијата во Европа ќе биде управувана и кратка. Но, многу ќе зависи од движењето на инфлацијата која тешко може да се предвиди и која веќе е вградена во очекувањата на потрошувачите. Растот на цените во Европа би можел да биде поупорен отколку што се предвидуваше поради различните фискални мерки, со кои владите на краток рок ја ублажуваат болката на домаќинствата и компаниите, но долгорочно таквите интервенции во економијата генерално излегуваат како меч со две оштрици.
Тврдоглавата инфлација ќе ги принуди централните банки дополнително да ја заострат монетарната политика, што дополнително ќе ја забави економската активност и ќе ги загрози финансиските пазари. Колку повисоките каматни стапки можат да предизвикаат системски ризик во сосема неочекувани и на прв поглед безбедни пазарни сегменти, се покажа во октомври во Велика Британија. Таму, ненадејниот пад на цените на државните обврзници по објавувањето на несреќните даночни реформи на сега веќе поранешната британска влада беше речиси фатален за домашните пензиски фондови, кои потоа беа спасени од Банката на Англија преку интервенција на пазарот. Во новата година особено внимателно ќе го следиме движењето на бараните приноси на државните обврзници на високозадолжените европски земји, на чело со Грција и Италија.
Најголемите инвестициски банки предвидуваат дека берзата ќе закрепне во втората половина од годината
И покрај фактот што економските изгледи за САД, која е многу независна од енергијата во споредба со Европа, изгледаат нешто посветли, рецесијата во 2023 година тешко ќе се избегне. Претставниците на американската централна банка во својата реторика ја нагласуваат нивната решеност да држат построга монетарна политика додека инфлацијата не падне кон целта од 2%, дури и по цена на помал економски раст. Повисоките каматни стапки и помалата ликвидност се главните виновници за тоа што приносите на американските берзи во 2022 година беа најлоши од 2008 година, а најследаниот индекс на 500-те најголеми американски акционерски компании, S&P 500, од споменатата рекордна вредност од 4.819 поени до крајот на годината падна за 20%. Повеќето од најголемите инвестициски банки предвидуваат дека главните берзански индекси би можеле да достигнат ново дно во првата половина од годината, а потоа полека да закрепнуваат во втората половина од годината. Но, прогнозите за толку краток временски период се многу неблагодарни. Вниманието на инвеститорите, а со тоа и двигател на движењата на финансиските пазари во наредните недели и месеци, ќе бидат прогнозите за движење на каматните стапки, кои се очекува да достигнат врв од 5% во САД во првата половина од оваа година , како и перспективите и показателите кои ќе го покажат темпото на заладување на економската активност.
Кина конечно се отвора
На крајот на годината, старо-новиот кинески претседател Кси Џинпинг, попушти под притисокот на јавноста и ги олабави строгите мерки за ограничување на ширењето на корона вирусот. Брзото отворање на ниско вакцинираното и инфицирано кинеско општество очекувано беше проследено со бран инфекции, кои силно го оптоваруваат здравствениот систем и одземаат многу животи, но порано или подоцна и Кина ќе научи да живее со Ковид и ќе стекне имунитет. Односите на Кина со САД и ЕУ, темпото на економски раст, кое не ја достигна целта од 5% минатата година, пукнатините на пазарот на недвижности и геополитичките потези и позиции на кинеската Комунистичка партија – особено во однос на Тајван и Русија – ќе се вратат во центарот на вниманието.
Дали и јапонската централна банка ќе се приклучи кон заострувањето на монетарната политика?
На останатите пазари можеме да ги истакнеме јунските избори во Турција, каде што контроверзниот Таип Ердоган ќе се обиде да ја продолжи својата власт. Многу африкански земји веќе се соочуваат со потешкотии во враќањето на долговите во услови на повисоки каматни стапки, девалвација на нивните домашни валути и успорување на глобалната економија. Ќе биде интересно да се следат и потезите на јапонската централна банка, која на крајот од минатата година укажа дека полека може да почне да ја заострува значително стимулирачката монетарна политика која трае речиси три децении.
На сите очекувани настани ќе им се придружат и непредвидливи настани, оние кои ги изненадуваат инвеститорите и барем на краток рок, силно го нишаат пазарот. Овие флуктуации претставуваат предизвици и создаваат можности за портфолио менаџерите и инвеститорите. Во изминатиов период, Генерали Инвестментс се докажа со тоа што добро изреагира на брзите промени. Веруваме дека ќе бидеме подеднакво успешни и во 2023 година.
СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ
2023 година ќе биде полна со предизвици. Макроекономските податоци, со исклучок на инфлацијата, се влошуваат. Но, бидејќи пазарот на трудот останува многу силен, шпекулациите за идната монетарна политика остануваат многу широки. Промената на политиката на централните банки, и покрај нивната различна реторика, останува фактор на пазарите на капитал. Ликвидноста останува добра и му дава поддршка на пазарот, но за нагорно движење ќе бидат потребни нови и пред се пооптимистички информации. Забрзаното влошување на макроекономските податоци и брзото лизгање кон рецесија, ќе го потресе пазарот. Отворањето на Кина дава надеж, но влошувањето на кинеските податоци од друга страна покажува дека оваа рецесија на развиените пазари нема да можеме да ја решиме на ист начин како во 2008 година, со растот на кинеската економија. Рецесијата не е факт, но станува се поверојатна. Во ова опкружување, каде централните банки остануваат централен играч на пазарите на капитал и нивната комуникација останува крајно непредвидлива, а од друга страна, силната нестабилност на пазарите во последните недели укажува на потреба од зголемена претпазливост и поконзервативен пристап за првите недели од 2023 година. Акциите, со оглед на сите предизвици и очекуваните промени, не се евтини, но одредени сегменти на пазарот сè уште нудат можности, бидејќи иднината или очекувањата на инвеститорите за тоа како треба да изгледа иднината се менуваат многу брзо. Препорачуваме да се задржи долгорочен пристап со периодични зголемувања на инвестициите, што се покажа дека дава добар одговор и најдобар резултат во услови на поголема нестабилност и привремена неизвесност. Диверзификацијата на портфолиото останува клучен двигател за одржување и зајакнување на заштедите. Комбинација од акциски фондови како што се Генерали Топ Брендови, Генерали НОВА ЕУ и паричниот фонд Генерали Кеш Депозит, ги нуди најдобрите решенија за сложениот коктел на актуелната политичка ситуација и економското опкружување. Тоа исто така носи одредени можности. Оние кои имаат поголема позиција во технологијата или одредени други сегменти во нивното портфолио можат да го искористат овој пораст за да ги реконструираат своите портфолија. Генерали БРИК сепак, останува многу шпекулативна инвестиција, бидејќи кинеската држава редовно и често ја менува сликата за иднината што ја предвидуваат инвеститорите, што со себе носи силни флуктуации. Обврзниците ја имаа најлошата година (2022) во последните 50 години. Не веруваме дека тоа може да се повтори во 2023 година, напротив, полека ќе почне да се гради можност за инвестирање. За трпеливите инвеститори ова се моментите за почнување на градење на позиции. Времињата се непредвидливи и ќе се појават можности. Последното отскокнување покажува дека пазарот е непредвидлив и дека се потребни постепени и методички чекори во прилагодувањето на инвестициското портфолио, бидејќи чекањето за оптимален момент води до можност за пропуштање на силни скокови. Отскокнувањето не значи дека кризата е завршена и дека не е можно ново дно. Тоа само покажува дека да се биде премногу самоуверен во една приказна и како резултат на тоа да се има неизбалансирано портфолио може да биде опасно.