Родителите од Кавадарци, како и тие од Демир Капија, утре (17 февруари) ќе имаат можност да разговараат за проблемот со врсничкото насилство. Работилницата, организирана од „Макпетрол“, ќе се одржи со почеток од 18 часот во Домот на култура „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци. Активноста е дел од „Стоп за булинг“, општествено одговорната кампања на македонската компанија. Психологот Деспина Стојановска од стручен аспект ќе зборува за проблемот, додека настанот ќе го води популарниот актер Сашко Коцев.
Ова е деветтата работилница наменета за родители што се одржува во рамки на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ на „Макпетрол“. Компанијата вакви средби организира во Крива Паланка, потоа во Штип, каде што имаше учесници и од Свети Николе, во Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Центар, Куманово, како и во Кочани, која беше наменета и за граѓаните од Виница и од Берово.
Родителите, на овие настани, чија главна цел е едукација за проблемот со булингот, имаат можност да разговараат со психологот, но и да ги споделат своите искуства по ова прашање. На средбите присуствуваат и членови на стручните служби на училиштата во општината, кои најдиректно работат со учениците во случаи на врсничко насилство. „Макпетрол“ ги организира овие работилници за да креира платформа за јавна комуникација меѓу најзасегнатите страни, а со цел да се подобри ситуацијата со булингот.
Претходно, во над 150 основни училишта „Макпетрол“ организира работилници на кои учениците имаа можност од психологот да слушнат како да се справат со булингот, но и да споделат свои гледишта и искуства по ова прашање. Споменатите работилници се одржаа во основните училишта од 26 општини со кои што македонската компанија потпиша меморандуми за соработка и кои директно се вклучија со поддршка на кампањата.
Носечка платформа на општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ е интернет-страницата kreniglas.mk. Едукативната содржина на овој вебсајт дава насоки за препознавање и постапување во случаи на физичко, вербално, психичко, социјално и сајбер-насилство, кои се најчести форми на булинг. На веб-страницата секој може анонимно да сподели искуство поврзано со врсничкото насилство. Достапни се и дигитални прирачници за ученици, наставници и за родители.
Општествената одговорност е еден од носечките стратешки приоритети на „Макпетрол“. Преку кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ компанијата има за цел да креира платформа што придонесува да се подобри ситуацијата со булингот меѓу учениците. Младите и во иднина ќе завземаат значаен дел од општествено одговорните активности на „Макпетрол“.