ПОВЕЌЕ

    Вицегувернерката Нацевска: Усогласувањето со ЕУ во однос на монетарната политика е во напредна фаза

    Време зa читање: 3 минути

    „Усогласувањето на правната рамка со законодавството на Европската Унија во областа на монетарната политика е во напредна фаза“, истакна вицегувернерката Емилија Нацевска во своето излагање на конференцијата организирана од страна на Секретаријатот за европски прашања, насловена „На европскиот пат: нови реформи, нови можности!”. Обезбедувањето и одржувањето на независноста на Народната банка е од витално значење за да се исполни улогата на централната банка како гарант на макроекономската и финансиската стабилност, што е од особена важност за ЕУ при оцената на ова поглавје, а воедно и еден од основните предуслови за привлекување на странските инвеститори. Монетарната политика е и ќе биде насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок, зајакнување и одржување на независноста и кон јакнење на капацитетите и исполнување на стандардите за пристап до европскиот систем на централни банки.

    Вицегувернерката се осврна и на постигнувањата и усогласеноста коишто ги има постигнато Народната банка и во други сфери во рамки на нејзиниот мандат. „Во процесот на преговори, сѐ до влезот во ЕУ, Народната банка ќе работи на натамошно усогласување на регулативата во повеќе сфери од своето делување. Ќе се работи кон понатамошно усогласување во доменот на банкарската регулатива со цел одржување стабилен и здрав, но и поконкурентен банкарски систем, водејќи сметка за соодветна заштита на потрошувачите. И натаму ќе се обезбеди непречено и безбедно вршење на платежните услуги, но во поконкурентно окружување со нови даватели на платежни услуги покрај банките и поголема транспарентност за видот на услугите и цената на надоместоците, во согласност со европските регулаторни барања и стандарди“.

    Вицегувернерката истакна дека со новиот Закон за финансиска стабилност, усвоен оваа година, се преземаат чекори за зајакнување на институционалната рамка за обезбедување финансиска стабилност, при што централната банка има водечка улога во развојот и спроведувањето на макропрудентната политика и финансиската стабилност.

    Од аспект на плаќањата и платежните услуги, вицегувернерката истакна дека Народната банка подготви повеќе соодветни подзаконски акти за спроведување на Законот за платежни услуги и платни системи, во значаен степен усогласен со директивите и прописите на Европската Унија од оваа област.

    Во однос на прашањето за очекуваните ефекти од приклучувањето кон внатрешниот пазар на ЕУ врз макроекономската стабилност и македонската економија, вицегувернерката нагласи дека не само интеграцијата туку и целокупниот реформски процес на земјата со цел исполнување на европските стандарди, како и кај земјите од Централна и Источна Европа кои веќе се дел од економската и / или монетарната унија, делува поволно и на потенцијалот за раст на економијата и на нејзината стабилност. Притоа додаде дека нашите услови се потешки, со оглед на последователни кризи, што уште повеќе ја нагласува потребата од забрзани внатрешни реформи за подобрување на конкурентскиот профил на економијата, зголемување на продуктивноста и поттикнување на инвестициите во сектори коишто ќе значат воведување нови и иновативни технологии коишто ќе ја зголемат додадената вредност во економијата.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично