Oсновно сидро кое овозможува надминување на многуте предизвици во минатото, но и сега, е цврстата определба на Народната банка за примена на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот, како клучен столб на стабилноста на македонската економија. За ефикасното спроведување и функционирање на монетарната политика, особено во неизвесни периоди, важен придонес имаат финансиските пазари и банките коишто ги следат сигналите на централната банка и соодветно реагираат преку своите деловни политики и активности. Ова беше истакнато од страна на вицегувернерката Емилија Нацевска во поздравното обраќање на 27то Годишно собрание на АЦИ здружение на финансиските пазари.
Енергетската криза од крајот на 2021 година и неизвесноста создадена од воениот конфликт во Украина, значително влијаеја врз увозните цени на енергенсите и кај нас, при што првиот удар врз домашната економија се одрази на домашниот девизен пазар. Во тој контекст, вицегувернерката посочи дека „брзата реакција на Народната банка преку интервенции на девизниот пазар за задоволување на потребите за девизи, поддршката од деловните банки, како и вербалните интервенции во јавноста во насока на ефикасна комуникација за стратегиската определба на Народната банка овозможи одржување на стабилноста на девизниот курс.” Ваквиот пристап на Народната банка, и во овој турбулентен период, се потврди дека има висока ефективност во насока на брзо смирување на очекувањата на населението и елиминирање на неоснованите шпекулации околу стабилноста на девизниот курс на денарот. Дополнително, беше истакнато дека во насока на одржување на стабилноста на денарот, Народната банка направи измени и во регулативата на менувачкиот пазар, со што овозможи непречено задоволување на потребите на граѓаните за девизи и на овој сегмент на девизниот пазар.
Вицегувернерката Нацевска посочи дека Народната банка на почетокот на април 2022 година реагираше и со намалување на стапката за задолжителна резерва од денарските обврски и истовремено зголемување на стапката на задолжителна резерва на обврските во странска валута како одговор на зголемените преференции на населението за штедење во странска валута и промените кај валутната структура на депозитите во банкарскиот систем. Со оваа мерка, којашто е дел од предвидените мерки во Стратегијата за денаризација, Народната банка креира простор банките да пристапат кон промени во каматната политика, но и да понудат нови атрактивни депозитни производи коишто првенствено ќе бидат насочени кон привлекување на денарските средства на населението. Што е позначајно, оваа мерка на Народната банка не се очекува да има само еднократно, умерено прилагодување на каматните стапки на денарските депозити кај банките, туку да претставува сигнал којшто деловните банки треба да го следат на подолг рок, во насока на постигнување на стратешката определба за зголемување на денарското штедење, од којашто придобивка имаат сите економски субјекти.
Народна банка и во иднина останува активен двигател на реформските процеси за развој и унапредување на домашниот финансиски пазар, имајќи ја предвид неговата значајна улога во пренесувањето на монетарните сигнали до реалниот сектор. Народната банка учествуваше и во подготовката на Стратегијата за развој на пазарот на капитал чија цел е преку современа регулација и проактивен надзор да поддржи одржлив развој на финансискиот систем за зголемување на придонесот на забрзаниот раст на БДП. АЦИ здружението на финансиски пазари ги обединува претставниците на банкарскиот сектор коишто работат на домашните финансиски пазари и претставува платформа за развивање на добри професионални односи, зголемување на меѓусебната доверба, размена на искуства и постојана професионална едукација на вработените во банкарскиот сектор, а заради поефикасно обезбедување на финансиски услуги за граѓаните.