Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари средба со Ана Дуковска, претседателка и ко-основачка на здружението „Јас сум Жена“, и со Валентина Дисоска, претседателка на Асоцијацијата на бизнис жени. Средбата беше посветена на унапредување на улогата на жените во енергетскиот сектор и во економијата.
Трите соговорнички – жени со значајни кариери и визија за општествен напредок – разговараа за иницијативи кои ќе поттикнат поголема застапеност на жените во секторите каде што се кројат клучните енергетски и економски политики. Заедничкиот заклучок беше јасен: време е повеќе жени да бидат таму каде што се носат одлуките.
„Во Министерството ја поддржуваме секоја иницијатива која им дава простор и глас на жените во енергетиката. Овој сектор бара визија, знаење и храброст – а токму тоа жените го имаат. Време е нивната експертиза и лидерски потенцијал да бидат видливи и во енергетиката. Ние не бараме квоти, туку квалитет,“ изјави министерката Сања Божиновска.
Валентина Дисоска нагласи дека институционалната поддршка е од суштинско значење:
„Особено е значајно што министерка како Сања Божиновска активно се вклучува во вакви иницијативи. Тоа е вистински пример како жените на позиции на одлука можат да отворат простор за другите,“ рече Дисоска.
Ана Дуковска ја заокружи средбата со силна порака за заедништво и поддршка меѓу жените:
„Силните жени мора да се здружуваат и да работат заедно. Само така ќе изградиме поколение жени кои нема да прашуваат дали можат – туку ќе покажат дека можат.“
Средбата заврши со договор за натамошна соработка и развој на заеднички програми и настани кои ќе ја зголемат видливоста и учеството на жените во енергетиката, иновациите и бизнисот.