
Годинава, како и сите претходни изданија трката доби нова тема – „Битолси”, како омаж на луѓето кои оставиле траги во Битола, а инспирирани од The Beatles, но и како симбол на битолската креативност, упорност и карактер. Широк Сокак се претвори во Abbey Road, со статисти облечени како култната четворка, 30 музички фан точки по целата патека и стотици насмевки од најмладите учесници до ветераните кои трчаат од првото издание.

„Трчај бе” е повеќе од спорт. Тоа е проект кој секој септември добива нова приказна, нов визуелен код и симболика што поврзува луѓе преку заедничко движење. Темите низ годините беа од Форест Гамп на Широк Сокак, преку трка базирана на “Битолцизми”, па сè до ланската Филм ми е да трчам со Браќата Манаки, секогаш раскажувајќи за Битола како културна сцена што постои надвор од клишеата.

Маиците годинава дојдоа со дизајн инспириран од винтиџ концертен постер, а медалите, уникатно изработени за секоја дисциплина, беа замислени како колекционерски спомени на тркачкото искуство дело на дизајнерот Мартин Цветановски. Креативата е составен дел од идентитетот на оваа трка од самите почетоци, исто важна како километражата или рекордот.

Фан точките беа вистинска сензација – со настапи на Паркети, Дина Јашари, Herzel, Flooder, BBoy, Tsar Von Time, JOSS, DJ Tanja, Мартина Пенева, Emily nas za vas, Kunich, училишните бендови од Гимназијата Јосип Броз Тито…па патеката се претвори во најголемиот фестивал во градот на отворено. Настанот кулминираше со аплаузи за победниците и енергија што ќе се памети долго.