Претседателот Џо Бајден вчера го назначи Катар за главен сојузник што не е член на НАТО, потег што има за цел да ја пренесе благодарноста на неговата администрација за помошта на малата земја од Персискиот Залив при евакуацијата од Авганистан и за завршување на минатогодишната војна Израел-Хамас во Газа. Бајден му беше домаќин на Емирот Шеик Тамим бин Хамад ал Тани од Катар во Белата куќа, а една од главните теми на разговор е изнаоѓањето решенија да се спречи европска енергетска криза доколку Русија одлучи да ја нападне Украина. Катар е 18-та земја што ја доби оваа ознака, а последната беше Бразил во 2019 година.
Катар одигра централна улога во помагањето на американската воена евакуација на Авганистанците минатото лето . Катар, исто така, е домаќин на најголемата американска воздушна база на Блискиот Исток и служеше како посредник со Талибанците за време на последните три администрации додека тие се обидоа да ја прекинат најдолгата војна во Америка. Оваа заливска држава беше суштински посредник со Хамас за време на минатогодишниот 11-дневен конфликт за кој САД стравуваа дека може да се претвори во подолга и покрвава војна.
Сега, со околу 100.000 руски војници собрани на границата со Украина, експертите велат дека Катар – вториот најголем извозник во светот на течен природен гас може повторно да помогне повторно, но веројатно ќе може да понуди ограничена помош во случај Русија да го наруши протокот на гас во Европа.
„Катар го гледа ова како можност за понатамошно подобрување на односите со САД по Авганистан“, рече Јесар Ал-Малеки, енергетски економист во Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон. „Но, ќе биде многу тешко да се направи бидејќи нема вишок понуда“. Катар веќе произведува со полн капацитет со голем дел од снабдувањето со договор за Азија. Дури и ако САД успее некои свои пацифички сојузници – вклучувајќи ги Индија, Јапонија и Јужна Кореја – да ги убеди да се пренасочат некои нарачки на течен гас кон Европа, тоа ќе има само мало влијание во ублажувањето на ударот, велат енергетските аналитичари. Според високиот претставник на администрацијата, претставниците на Белата куќа разговарале со азиските партнери за планирање вонредни ситуации.
Можниот план за вонредни ситуации доколку Русија реши да го прекине дотокот на гас за Европа од испораките на гас беше всушност најбитната тема на состанокот во Белата Куќа. Администрацијата на Бајден вели дека планот кој сè уште се развива нема да се потпира само на „еден или двајца“ добавувачи. Наместо тоа, за напорите ќе бидат потребни „мноштво извори“ за да се надомести прекинот од Русија.
Компаниите – снабдувачи од Австралија, како и Италија, Холандија, Норвешка и Соединетите Американски Држави се меѓу оние од кои администрацијата на Бајден побара да помогнат доколку е потребно. Русија, вообичаено обезбедува околу 40% од снабдувањето со природен гас во Европа, намали својот извоз за околу 25% во четвртиот квартал од 2021 година во споредба со истиот период во 2020 година и покрај високите цени во светот. Секоја руска инвазија во Украина речиси сигурно ќе предизвика економски санкции од САД и нивните европски сојузници. Тоа може да доведе до недостиг на нафта и гас низ целиот свет и, најверојатно, до повисоки цени на енергенсите кои би можеле да предизвикаат потреси низ глобалната економија.
Русија постојано изјавува дека нема намера да ја нападне Украина, иако администрацијата на Бајден предупреди дека воената акција би можела да биде „неизбежна“. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја отфрли загриженоста дека Русија би можела да го прекине снабдувањето со европски гас како „лажна хистерија“.
Врската помеѓу Катар и Соединетите Американски држави е подобрена по влушувањето на релациите во текот на мандатот на претседателот Доналд Трамп. Републиканецот ја поддржа блокадата започната во 2017 година против Катар од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет.
Трамп, исто така, јавно го обвини Катар дека е финансиер на тероризам на „многу високо ниво“, но подоцна ја смени својата позиција за блокадата. Саудиска Арабија и другите соседи го обвинија Катар дека толерира, па дури и охрабрува поддршка за екстремистичките групи, вклучително и сирискиот огранок на Ал Каеда, Муслиманското братство и Хамас.
Американскиот министер за трговија Џина Раимондо и катарскиот амбасадор Шеик Мишал бин Хамад Ал Тани пред лидерскиот состанок во понеделник објавија дека Катар ервејс се согласил да нарача 34 товарни авиони, со опција да купи уште 16, од американската компанија Боинг. Оваа зделка вкупно би можело да достигне повеќе од 20 милијарди долари, велат извори од авиокомпанијата.