Макропрудентната мерка, стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 0,5% за изложеностите на банките кон домашната економија, којашто ја донесе неодамна Народната банка, е со цел натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем. Тоа пак, е предуслов за натамошна солидна кредитна поддршка на граѓаните и компаниите. Со оваа мерка, која е од превентивен карактер, всушност, се подобрува подготвеноста на банките за справување со ризиците, бидејќи тие ќе имаат уште повеќе капитал да ги апсорбираат евентуалните загуби и да продолжат со поддршка на реалната економија, вели во интервју за „Слободен печат”, гувернерката на Народната банка, Анита Агеловска-Бежоска.
„За да биде појасна улогата на овие заштитни слоеви на капиталот за јавноста, ќе се обидам да направам аналогија со значењето на заштедите за еден поединец или семејство. Ако вие имате заштедено средства од вашиот доход, тоа ви дава простор да ги зголемите инвестициите или потрошувачката во следниот период, но и полесно да ги надминете евентуалните непредвидени настани што може да се случат, како што се на пример намалувањето на доходот или загуба на работното место. Заштитните слоеви на капиталот имаат ваква слична улога на заштитен механизам за банките. Им овозможуваат на банките полесно да се справат со евентуалните шокови, без притоа да се загрози нивната стабилност и способноста за кредитирање на приватниот сектор. Јакнењето на заштитните слоеви на капиталот е причина за дополнителна сигурност за граѓаните, дека банкарскиот систем е стабилен и има доволно капитал да се справи со ризиците од окружувањето”, вели гувернерката.
Гувернерката посочува дека при носењето на мерката земени се в предвид и солидните биланси на банките, подготвени да одговорат на новите предизвици од окружувањето, исто како и во целиот пандемичен период. Но, исто така земени се и предвид ризиците од окружувањето, кои се нагласени во овој период и налагаат потреба од поголема претпазливост, особено во однос на управувањето со кредитниот ризик и планирањето на капиталните позиции.
Во последниот период, повеќе европски земји реагираа со вакви или слични мерки со кои се бара повисока капитализираност на банките. Гувернерката посочува дека Народната банка ќе продолжи внимателно да ги следи случувањата и во следниот период и останува подготвена да преземе соодветни мерки доколку оцени дека е потребно за да се одржи стабилноста на банкарскиот сектор, како и севкупната финансиска стабилност.