Министерството за економија претходно соопшти дека нема да го смени ставот околу спојување на концесиите за Иловица – Штука и концесионерот Еуромакс и колку и пати да е потребно ќе го достави истиот предлог, концесиите да се спојат.
Иако првично беше соопштено дека Владата ја донесе одлуката по насоки на судска пресуда на денешниот брифинг со новинарите министерот Бектеши ретерираше и кажа дека одлуката се темели врз членот 61 од законот за минерални суровини кој предвидува спојување на концесии и одлуките на Управниот и Вишиот управен суд а со цел да ги штити интересите на државата и да спречи уште еден арбитражен процес и плаќање на евентуални милионски штети.
Случајот со спојувањето на двете концесии на просторот на идниот рудник Иловица, силно је стресе Владата откако на виделина излезе дека министрите гласале за ваквиот предлог на Министерството за финансии, иако тоа не било обврска произлезена од пресудата на Управниот суд, а со ставањето на точката на дневен ред со назнака на итност, била избеглата вообичаената процедура за подготовка на владината седница по оваа точка од дневниот ред, со што под знак прашање било доведено и почитувањето на Деловникот за работа на Владата.
Излезе дека одлуката за спојување на двете концесии за Иловица, која ја носи Владата на 163-та седница, не е по насока на Управниот суд, како што од почеток се тврдеше, туку по сопствена проценка и според член 61 од законот за минерални суровни кој не е обврзувачки.
Управниот суд, од увидот во документите од пресудата со која ја враќа одземената концесија за Иловица, јасно и недвосмислено се оградува од ова прашање и наложува да одлучат министерството за економија и Владата.
Според порталот дома.еду.мк, спојувањето на концесиите за рудникот Иловица бил еден од условите кои морало брзо да бидат исполнети за холандската фирма НД Груп, во сопственост на тетовецот Назиф Дестани да може да стекне уште поголем удел од сопственоста на канадската компанија Еуромакс Рисорсес која подолг период го турка проектот за отварање на рудник на бакар и злато во струмичко.Фирмата НД Груп, која е во сопственост на Еколог и неговиот газда Дестани во јануари годинава вложила три милиони долари во Еуромакс во вид на директна позајмица.
Одлуката на Владата за Иловица беше непосреден повод за граѓански протест во Струмица минатата сабота, а дел од министрите се оградија од своето гласање по оваа точка на владиниот дневен ред, со образложение дека не биле соодветно информирани од страна на нивниот колега, министерот за економија, Крешник Бектеши.