Во насока на оперативно олеснување на работењето на друштвата за осигурување и останатите субјекти на пазарот на осигурување во услови на вонредна состојба, Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување заклучи да се одложи почетокот на прекршочни постапки спрема субјектите на супервизија и спроведувањето на претходно планираните теренски супервизии на друштвата за осигурување и останатите субјекти на супервизија.
Агенцијата за супервизија на осигурување будно ги следи состојбите во осигурителниот сектор и потенцијалните ризици кои може да влијаат на осигурителниот сектор како резултат на ширење на вирусот КОВИД-19, соопштуваат оттаму.
Истовремено, Агенцијата на дневна основа ги следи и препораките за намалување на ризиците, последиците и ефектите врз осигурителните пазар на Европското регулаторно тело EIOPA, а кои може да се применат на македонскиот осигурителен пазар и супервизија.
Советот на експерти одржа седница на ден 20 март, 2020 година со која претседаваше претседателот на Совет на експерти, г. Крсте Шајноски. Советот на експерти ја разгледа состојбата во осигурителниот сектор во контекст на актуелните случувања со ширење на вирусот КОВИД – 19.
Последните прибрани квартални податоци доставени со состојба 31.12.2019 година и спроведените вонтеренски супервизии на Агенцијата потврдуваат дека осигурителниот сектор е стабилен.
Во насока на оперативно олеснување на работењето на друштвата за осигурување и останатите субјекти на пазарот на осигурување во услови на вонредна состојба, Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување заклучи:
- се одложува започнување на прекршочни постапки спрема субјектите на супервизија;
- се одложува спроведувањето на претходно планираните теренски супервизии на друштвата за осигурување и останатите субјекти на супервизија;
- се овозможува флексибилност во доставувањето на редовните извештаи кои субјектите на супервизија имаат обврска да ги достават до Агенцијата во периодот на траење на вонредната состојба во државата, со можност истите да се достават во дополнителен рок од 30 дена од законски утврдениот роки;
- им се наложува на субјектите на супервизија да ги преземат сите можни мерки за одржување на нивниот капитал и солвентност во насока на целосна заштита на правата на осигурениците;
- се препорачува субјектите на супервизија да се воздржат од распределба на добивката на друштвата во форма на дивиденда или други бонуси спрема членови на органи на управување како и воздржување од трошење на средствата на друштвата на непродуктивни расходи, во периодот додека трае кризата;
- се препорачува друштвата за осигурување да бидат свесни за околностите во кои се наоѓаат клиентите и да постапуваат правилно со нив во текот на целиот циклус почнувајќи од побарување, купување на производот/услугата, и обновување на договорот;
- се одложува организирање на обуки и испити за застапници во осигурување и осигурителни брокери.
Агенцијата продолжува континуирано да ја следи состојбата и да презема соодветни мерки неопходни за намалување на негативното влијание врз стабилноста на осигурителниот пазар и заштитата на правата на осигурениците.
Редовно ќе ја продолжи комуникацијата со Владата, Министерството за финансии, со осигурителниот сектор, Здужението на осигурители и Асоцијацијата на осигурително брокерски друштва во рамки на Стопанската комора и останатите релевантни институции и редовно ќе ја информира јавноста за преземање на нови активности и дејсвија.