ПОВЕЌЕ

    Што е Стапка на вкупни трошоци на кредитот?

    Време зa читање: 2 минути

    Во рамки на преддоговорните информации, банката е должна да го информира клиентот за вкупните трошоци за кредитот, што значи не само каматата, туку и за дополнителните трошоци при одобрување на кредитот, коишто се дел од стапката на вкупни трошоци (СВТ).

    СВТ претставува дисконтна стапка изразена на годишно ниво како однос на вкупните трошоци на кредитот и вкупниот износ на кредитот (изразена со две децимали). Доколку се предвидени во договорот за потрошувачки кредит, во оваа стапка можат да се вклучат следниве видови трошоци: провизија за обработка на барање за кредит, провизија за одобрување кредит и за администрирање на кредитот, провизија за чување на инструментот за обезбедување, провизии и надоместоци поврзани со задолжителни дополнителни услуги поврзани со потрошувачкиот кредит и сл.

    Во пресметката на СВТ не се вклучуваат трошоците поврзани со неисполнување или доцнење со исполнување на обврските од договорот за потрошувачки кредит, трошоците за осигурување или гарантирање на кредитот коишто не претставуваат задолжителни дополнителни услуги (од нив не зависи одобрувањето на кредитот), нотарските трошоци и сл. Доколку има дополнителни трошоци коишто не ѝ се познати на банката, таа е сепак должна да го запознае клиентот за видот на трошоците, без наведување на износот.

    Стапката на вкупните трошоци за потрошувачките кредити коишто ги одобруваат банките во практиката е умерено над договорната каматна стапка утврдена во договорот за кредит. Треба да се има предвид дека покрај банките, и финансиските друштва основани согласно со посебен закон може да одобруваат потрошувачки кредити. СВТ за потрошувачките кредити од банките и финансиските друштва не може да го надмине петкратниот износ од стапката на законската казнена камата утврдена согласно со Законот за облигационите односи за договорите во кои барем едното лице не е трговец.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично