Долгогодишниот сон за зголемување на просечната плата се чини дека се исполнува во Штип. Во овој град, кој е симбол на текстилната индустрија и каде со години назад работниците ги бранеле своите права преку најразлични штрајкови и синдикални организирања, сепак една група од 10 компании успеале да се издиференцираат и да обезбедат пристојни примања за своите вработени. Сите тие компании сфатиле дека не може да функционира моделот од Југославија и дека неопходно е адекватно реструктуирање на сите потенцијални ресурси и капацитети во насока на понуда на конкурентни производи на светско ниво.
Пред да стигнеме до анализата на платите, ќе дадеме осврт на финансиските остварувања на овие компании, со помош на податоците од Бизнисмрежа.мк.
Ако во анализите за предходните градови сликата беше дека поголемиот дел од компаниите имаат проблеми со пласман, тука ситуацијата е поразлична. Имено, само 3 компании оствариле полош резултат во однос на 2019 година и тоа сите тие се со приходи под 1 милион ЕУР, така што не ја пореметуваат сликата за топ 10 сегментот.
Лидер во ова успешно друштво е Квенбергер Логистик, која е подружница на австриската холдинг групација AUGUSTIN QUEHENBERGER GROUP, која е специјализирана за управување со логистички компании. Оваа компанија остварила пораст на вкупни приходи од 6.59%, при што 2020 година ја затворила со салдо од над 11 милиони ЕУР. Во ранг листата следува една одлична тројка на компании: Ај Стаил, Лаура ГМБХ и Карма Бела. Сите овие компании и во услови на пандемија успеале да остварат пораст на своите приходи, а како апсолутна бројка сите се движат околу 5 милиони ЕУР. Најпозитивен пример во топ 10 сегментот е компанијата Бони Интерградба чии приходи порастиле за скоро 50%.
Назив | Приходи 2020 | Приходи 2019 | Раст% |
---|---|---|---|
КВЕНБЕРГЕР ЛОГИСТИК | 11.059.689 | 10.376.085 | 6,59% |
АЈ СТАИЛ | 5.660.236 | 4.490.698 | 26,04% |
ЛАУРА ГМБХ | 5.079.886 | 4.718.465 | 7,66% |
КАРМА БЕЛА | 4.475.508 | 4.009.407 | 11,63% |
ЈОФАТЕКС | 2.737.971 | 2.321.564 | 17,94% |
ТМ | 2.116.162 | 1.712.378 | 23,58% |
БОНИ ИНТЕРГРАДБА | 1.592.335 | 1.061.799 | 49,97% |
ЛУНА КОМЕРЦ | 791.500 | 1.296.185 | -38,94% |
ФРОЛИНГ | 694.447 | 857.575 | -19,02% |
ПАЗЛ БРЕИНС | 605.734 | 836.374 | -27,58% |
Износите се изразени во евра | Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк
Иако овие 10 компании успеале да генерираат пораст на приходи, сепак кога се нализираат вкупните добивки, општиот заклучок е дека за сопствениците/акционерите останува мал дел од колачот. Во ова друштво нема компанија која надминува нето добивка од над 600.000ЕУР, иако порастот на добивките расте со значително високо темпо. Имено, кај дел од компаниите евидентирани се порасти и од над 200%, што сепак укажува на потенцијалот на бизнис сегментот. Една од најуспешните “приказни” во оваа категорија е компанијата Јофатекс, која има највисоки остварувања на добивка од 581.000 ЕУР, или околу 21% од вкупните приходи. Во оваа група има една компанија која 2020 година ја завршила како загубар, а тоа е компанијата за откуп и продажба на кожа Луна Комерц. Оваа компанија ја затворила 2020 година со загуба од околу 120.000ЕУР, резултат кој можеби бил и очекуван во тек на корона ако се знае дека во 2019 година добивката била само 7.000 ЕУР.
Назив | Добивка 2020 | Добивка 2019 | Раст% |
---|---|---|---|
ЈОФАТЕКС | 581.861 | 414.728 | 40,30% |
БОНИ ИНТЕРГРАДБА | 399.043 | 129.118 | 209,05% |
ЛАУРА ГМБХ | 376.152 | 92.242 | 307,79% |
КАРМА БЕЛА | 265.230 | 196.872 | 34,72% |
АЈ СТАИЛ | 235.935 | 61.568 | 283,21% |
ТМ | 192.653 | 159.893 | 20,49% |
ФРОЛИНГ | 119.832 | 181.606 | -34,02% |
КВЕНБЕРГЕР ЛОГИСТИК | 31.750 | 94.811 | -66,51% |
ПАЗЛ БРЕИНС | 1.972 | 138.162 | -98,57% |
ЛУНА КОМЕРЦ | (121.076) | 6.898 | -100,00% |
Износите се изразени во евра | Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк
Какви и да се финансиските резултати на овие компании сепак се погрижиле и за време на најразлини ограничувања за нормално извршување на работата и процесите да продуцираат солиден надомест за своите вработени. Меѓутоа за да добиеме реална слика за какви компании станува збор мора да образложиме дека овие компании не се масовни работодавци, туку нивната специјализација ја сконцентрирале во околу 30-тина професионалци, со исклучок на Квенбергер Логистик. Така што колку и да изгледа розева ситуацијата сепак мора да истакнеме дека вкупниот број на вработени во сите 10 компании изнесува 341.
Назив | Просечна плата по вработен 2020 | Вработени 2020 | Вработени 2019 | Раст % |
---|---|---|---|---|
АЈ СТАИЛ | 54.700 мкд | 12 | 16 | -25,00% |
БОНИ ИНТЕРГРАДБА | 37.102 мкд | 28 | 28 | 0,00% |
ЛАУРА ГМБХ | 36.246 мкд | 11 | 11 | 0,00% |
КАРМА БЕЛА | 34.470 мкд | 30 | 22 | 36,36% |
ЛУНА КОМЕРЦ | 32.259 мкд | 11 | 11 | 0,00% |
ПАЗЛ БРЕИНС | 31.829 мкд | 57 | 74 | -22,97% |
КВЕНБЕРГЕР ЛОГИСТИК | 31.021 мкд | 119 | 92 | 29,35% |
ТМ | 30.680 мкд | 40 | 41 | -2,44% |
ФРОЛИНГ | 30.289 мкд | 18 | 19 | -5,26% |
ЈОФАТЕКС | 30.261 мкд | 15 | 13 | 15,38% |
Предводник на листата со просечна плата од 54.700 денари е компанијата за трговија и продажба на телекомуникациска опрема, пред се производи на Apple, Ај Стаил, иако оваа компанија го намлила бројот на вработени за 25%. Во оваа листа за истакнување е логистичкиот центар на Квенбергер Логистик кој е најголем работодавец со вкупно 119 вработени. Позитивен елемент е што вкупниот број на вработени во топ 10 компании е во нагорен тренд, односно во 2020 година продуцирани се дополнителни 14 вработувања.