
Денеска започнува 56-от Светски економски форум во Давос, каде што водечките светски лидери од политиката, бизнисот и граѓанското општество се среќаваат за да дискутираат за иднината на глобалната економија под мотото „Во духот на дијалог“. Настанот ќе трае до 23 јануари 2026 година, привлекувајќи над 3.000 учесници од 130 земји, вклучувајќи 65 шефови на држави и влади, како и повеќе од 850 извршни директори.
Република Северна Македонија оваа година е претставена со висока владина делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Премиерот ќе учествува на повеќе панел-дискусии и затворени лидерски сесии, при што фокусот ќе биде ставен на одржливиот економски развој, енергетската транзиција и искористувањето на новите технологии, особено вештачката интелигенција.
Во рамки на Форумот, Мицкоски ќе има и билатерални средби со претставници на глобални корпорации и финансиски институции, со цел промоција на инвестициските можности во Македонија. Како приоритетни области се истакнуваат енергетиката и технолошкиот развој, а посебен акцент ќе се стави на инфраструктурното поврзување на Западен Балкан.
Безбедносните мерки на Форумот се на највисоко ниво – со затворен воздушен простор во радиус од 46 километри, присуство на борбени авиони и до 5.000 војници ангажирани за логистичка и техничка поддршка. Исто така, се очекува ова да биде едно од највисоко посетените изданија на Форумот досега, со учество на бројни ВИП личности, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп, кој се враќа во Давос по шест години.
Светскиот економски форум се позиционира како платформа за глобален дијалог и решенија во време на зголемени геополитички тензии, климатски предизвици и технолошки трансформации. Учеството на Македонија претставува значаен чекор кон меѓународна видливост и економска интеграција.
Аналитика








