Канадската компанијата „Магна”, која почна да гради фабрика во ТИРЗ „Струга”, треба да почне со производството на ретровизори за „Дачиа Дастер” кон крајот на годинава. Компанијата веќе вработи 40 лица, а според Договорот за државна помош треба да бидат вработени 300. Согласно бизнис планот, пак, се планираат над 1.200 работни места. Инвестицијата ќе биде најмалку 35 милиони евра, а државната помош до 50 отсто од реализираното вложување преку даночни и царсински ослободувања, како и преку грантови за нови работни места, за инвестициски трошоци, конкурентност.
Како што беше речено на денешната презентација во Музејот на современа уметност во Скопје, инвестицискиот циклус на „Магна” почна во март 2021 и ќе трае до 2026 година, а објектот што ќе се гради ќе биде со големина од околу 17.000 метри квадратни.
Една од придобивките на инвестицијата ќе биде интензивирање на соработката со домашните компании. Почнат е процесот на идентификување на локални добавувачи кои би се вклучиле во производниот процес.
-Придобивките од оваа инвестиција се бројни, а една од нив е интензивирање на соработката со домашните компании. За таа цел започнат е процес на идентификување на локални добавувачи од Македонија кои би се вклучиле како потенцијални добавувачи на суровини за „Магна”, но и за останатите компании. Ваквата соработка со локалните компании има силен придонес за севкупната економија во државата, истакна премиерот Зоран Заев на презентацијата.
Заев уште еднаш повтори дека Владата ги поддржува инветсииците кои креираат висока додадена вредност, имплементираат современа технологија, отвораат работни места, извезуваат и го раздвижуваат деловниот амбиент.
-Новата инвестицијата во Струга е уште една потврда за заложбите на оваа Влада за рамномерен регионален развој за нови добро платени работни места, а со тоа и нов стимул за нашата економија, нагласи премиерот.
Тој апелираше до инвеститорите да ги искористат можностите и да го вложат капиталот тука, во Македонија.
-Владата креира поволен деловен амбиент и еднакви услови како за домашните така и за странските инвеститори. Економијата во зоните во првиот квартал од 2021 година порасна за 30 отсто во споредба со истиот период во 2020 година и 41 процент во споредба со 2018 година, што го прави рекордно високо во последните четири години. Позитивниот тренд продолжува и во април – имаме седум отсто раст на извозот во споредба со претходниот месец или 280 милиони евра. Во првите пет месеци од оваа година потпишавме 15 нови договори со инвеститорите, а само пет се нови во индустриските зони. Вредноста на овие договори надминува 100 милиони евра во обем на инвестиции, подвлече Заев.
„Магна Интернационал” производува ретровизори и други технолошки производи за потребите на автомобилската индустрија, поточно за „Генерал Моторс”, „Форд”, „БМВ”, „Тојота”, „Волксваген”, „Хонда” и многу други познати брендови.
Како што рече потпретседателот на компанијата, Дејвид Креспи, „Магна” има 160.000 вработени низ светот, присутна е во 21 земја со 350 производни погони. Бизнисот освен во Северна Америка и Европа, веќе го шири и на азискиот пазар. Во 2020 година остварила 33 милијарди долари обрт, а во 2019-та вкупно 40 милијарди.
-Не само што обезбедуваме компомненти, туку вршиме и целосно склопување на возила, обезбедуваме различни производи, каросерии, шасии, електроника, ретровизори, осветлување, седишта,… Фабриката во Македонија ќе биде за ретровизори, рече Креспи.
Договорот со „Магна Интернационал” за инвестицијата во земјава беше потшишан пред два месеца.
На презентацијата присуствуваа вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, како и директорот на Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.