За десет години просечната нето плата на ниво на држава пораснала за 12,154 денари. Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика ако се земе во предвид последната објавена статистика за просечната нето плата за месец ноември 2022-ра и истиот месец во 2012-тата година. Бројките покажуваат дека просечната нето плата како што објави деновиве Заводот изнесувала 33,011 денари. Во ноември пред десет година пак, била пресметана просечна плата од 20,857 денари.
Ако се направи споредба на просечни плати по професии интересно е дека поголемиот дел од платите се движеле во нагорна линија, но има и такви чии просек сега е понизок од пред десет години. Исто така, ако програмерите се оние кои што сега живеат најудобен живот од своите плати, сликата не била иста во 2012 година.
Кои се професиите кои на нашите сограѓани им обезбедиле европски плати и удобства за последните десет години?
Интересно е дека највисоката просечна плата во 2012 година е повисока од највисоката просечна плата забележана во ноември лани. Пред десет години највисоката просечна плата на ниво на држава изнесува дури 93,361 денар и таа не им припаѓа на информатичарите.
Рекордот за највисока просечна плата последните години го држат информатичарите и според последните објавени податоци просечната нето плата во овој сектор изнесува 84,019 денари.
Во 2012 година највисоката просечна плата од над 93 илјади денари ја имале вработените во воздухопловниот транспорт. Платите во овој сектор изминатите години се намалиле, па сега просечната плата во овој сектор изнесува 63,289 денари и е втора највисока просечна плата на ниво на држава.
Какви се промените во платите кај останатите професии? Бројките говорат дека во производството на фармацевтски производи просечната плата во ноември минатата година изнесувала 53,353 денари, додека пред десет години била 36,241 денар.
Трудот на стручњаците и научниците станал поисплатлив низ годините. Па од 27,815 денари нето просечната плата кај нив се зголемила на 53,243 денари.
Неочекувано, но во делот на правни и сметководствени дејности статистиката забележала пад на просечната нето плата. Па ако во 2012-та просечната нето плата во овој сектор изнесувала 55,497 денари, во ноември лани се намалила до 41,009 денари.
Во финансиско услужната дејност, банкарите пред десет години бележат просечна плата од 37,487 денари, додека сега 49,787 денари.
Туристичките агенции и ветеринарите не можат многу да се пофалат со своите плати. Туристичките работници пред десет години бележат просечна плата од 17,455 денари, сега 26,312 денари.
Факултетот тежок, но платите лесни. Во ветеринарите дејности просечната плата во ноември 2012 година изнесувала 15,748 денари. После десет години во номеври 2022 просечната нето плата на ветеринарите изнесува 24,845 денари.
Просечна нето плата по сектори | 2022 | 2012 |
---|---|---|
Компјутерско програмирање | 84, 019 | 32,902 |
Воздухопловен транспорт | 63,289 | 93,361 |
Производство на фармацевтски производи | 53,353 | 36,241 |
Стручни и научни дејности | 53,243 | 27,815 |
Финансиско-услужна дејност | 49,787 | 37,487 |
Маркетинг | 44,596 | 30,000 |
Осигурување | 43,495 | 35,322 |
Правни и сметководствени дејности | 41,009 | 55,497 |
Филмска дејност | 37,947 | 15,293 |
Изградба на згради | 35,036 | 14,589 |
Дејности на коцкање | 29,033 | 15,683 |
Туристички агенции | 26,312 | 17,455 |
Ветеринарни дејности | 24,845 | 15,748 |
Снабдување со ел.енергија | 42,877 | 33,639 |
*во денари
Споредбата на просечните нето плати покажува дека поголемиот дел оделе во нагорна линија некои повеќе некои помалку, но дел и се намалиле. И покрај зголемувањето на просечната плата, инфлацијата го изеде ќарот.
Редакција Пари