Домовите за заштита на стари лица – мал, но атрактивен бизнис во земјава. Највисоките приходи што лани се направени во дом за заштита на стари лица се во износ од 522.400 евра, додека најголемата остварена добивка е 52.700 евра. „Таргет Груп“ анализира, каква е финансиската кондиција на приватните домови за заштита на стари лица.
Судејќи според тоа на која територија има отворено најмногу домови за заштита на стари лица и кои според приходите се меѓу првите дваесет, тогаш Сопиште се покажува како атрактивна локација, со оглед дека на територија на оваа општина има три приватни установи од овој тип. При тоа, „Резиденција Дабески“ е на трето место според направените приходи во овој бизнис, домот „Света Петка“ е на седмо место, додека „Сончев дом Тодоровски“ е на десетто место по направени приходи во текот на минатата година.
„Терзиева“ најголеми приходи, „Миркоски“ најголема добивка
Во домот за заштита на стари лица „Терзиева“, минатата година се свртела сума од 522.400 евра, што е највисок регистриран приход во овој бизнис. Минатата година приходите се зголемени за 13%. Но, во овој дом за заштита на стари лица, каде работат 49 луѓе, минатата година не е регистрирана добивка за разлика од претходната година кога добивката изнесувала 10.000 евра.
Оваа приватна установа е основана во 1998 година, а новиот комплекс што се наоѓа на осум километри од Скопје, отворен е во 2013 година.
Најголемата добива од минатогодишното работење ја има домот за заштита на стари лица „Миркоски“. Таму, лани е направена добивка од 52.700 евра, но истата бележи пад од 15,5% во споредба со претходната година. Додека пак, во однос на висината на приходите направени лани, оваа приватна здравствена установа се наоѓа на петто место. Односно, таму лани се свртела сума од 251.300 евра, што е речиси на исто ниво како и претходната година. Со оглед дека во оваа „Миркоски“ има 23 вработени, добивката по вработен е нешто повеќе од 2.200 евра.
Приватната установа за социјална заштита на стари лица „Миркоски“ започннува со работа во 2016 година и е лоцирана во скопската населба Аеродром.
Во приватната установа „Дом-Жана“ од Неготино, се свртела втората по големина сума во текот на минатата година, односно приходите таму изнесуваат 434.900 евра. При тоа, минатата година за овој дом за заштита на стари лица се покажува како многу подобра од 2018 година, со оглед дека лани во споредба со 2018 година приходите се зголемени за 43,4 отсто. Добивката, лани останува речиси на исто ниво како и претходната година, и изнесува 22.200 евра. Во овој дом лани работеле 43 луѓе и нивниот број е драстично зголемен во однос на претходната година кога работеле 24 луѓе.
Овој дом во Неготино е основан во 2000 година, а последните неколку години, постојано се проширува и според она што е наведено на нивната интернет страна, располага со 98 легла.
Третиот најголем износ на приходи во овој бизнис го прави приватната установа за социјална заштита на стари лица „Шелтер домување- Резиденција Дабески“ лоциран во општина Сопиште. Во овој дом во 2019 година е забележан драстичен раст на добивката, а зголемување има и кај приходите.
Минатата година е направен е приход од 260.800 евра. При тоа, приходот е зголемен за 17 отсто во споредба со претходната година. Добивката е во износ од 17.400 евра, и истата е зголемена за 57,7 отсто во споредба со 2018 година. Во овој дом работат 28 луѓе, па со тоа добивката по вработен изнесува нешто повеќе од 620 евра.
Оваа резиденција, според она што го пишуваат на нивната интернет страна е основана во 2014 година а објектот е лоциран на осум километри од Скопје.
Следува приватната установа за социјална заштита на стари лица „Вера“, каде лани е направен приход од 256.600 евра. Лани, приходите се намалени за 4,7 отсто во споредба со претходната година, додека пак добивката има пад од 18,4 отсто. Односно лани имало добивка во износ од 9.200 евра, додека пак претходната година изнесувала 11.300 евра. Во овој дом лани работеле 20 луѓе.
Домот за стари лица „Руски“ – минатата година има раст на приходите за 8,6 отсто и раст на добивката за 15,5 отсто. Односно, лани во оваа приватна установа се свртела сума од 231.700 евра а направена е добивка во износ од 7.200 евра. За луѓето сместени во овој дом се грижат 38 вработени.
Раст на приходите, и огромно зголемување на добивката за минатата година регистрира и приватната установа „Света Петка“, лоцирана во општина Сопиште. Лани, добивката е зголемена за 1209 % додека приходите за 22 отсто. Со тоа, ланските приходи во овој дом изнесуваат 175.400 евра, додека пак добивката изнесува 10.100 евра. Во овој дом лани имало 21 вработен, со што добивката по вработен е околу 480 евра.
И домот за заштита на стари лица „Жана- С“, минатата година бележи раст на добивката за 117 отсто и раст на приходите за 15,2 отсто. Во овој дом каде работат 14 луѓе, лани имало добивка во износ од 16.100 евра, додека приходите изнесувале 163.700 евра. Добивката по вработен е околу 1.150 евра.
Следува домот за заштита на стари лица „Сонце“, каде лани има раст на приходите за 9,9 отсто и пад на добивката за 5,5 отсто споредено со 2018 година. Тоа значи дека, лани во овој дом се свртела сума од 163.200 евра, а добивката била само 254 евра. Во овој дом работат 13 луѓе.
„Во последно време се зголемува потребата за воведување повисоки норми и стандарди. Затоа го реализиравме проектот кој е алтернатива на старските домови со цел да обезбедиме услови за поквалитетен живот во кој старите лица ќе добијат грижа во одлични услови и простор”, посочил сопственикот на домот, Петар Старделов, пред неколку години кога домот беше отворен.
Приватната установа, „Сончев дом Тодоровски“, лоцирана во Сопиште, лани бележи раст на приходите за 67 отсто и пад на добивката за 34,5 отсто. Минатата година, во овој дом каде работеле 12 луѓе, односно осум повеќе од претходната година, се свртела сума од 161.900 евра. Односно, толку изнесувале приходите, додека направена е добивка во износ од 3.500 евра.
Приватната установа „Нана“, минатата година има добивка, во износ од 24.200 евра, што е за 8,5 отсто помалку од претходната година. Добивката по вработен изнесува околу 2.200 евра со оглед дека таму работат 11 луѓе. Минатата година во овој дом се свртела сума од 153.800 евра, што е 56,9 отсто повеќе од претходната година.
Оваа приватна здравствена установа е лоцирана на само неколку километри од центарот на Скопје, во населбата Црниче.
Третата најголема добивка, меѓу домовите за стари лица со најголеми приходите направени минатата година, ја има домот „Милица“. Иако, овој дом не е меѓу првите десет според остварените приходи во текот на минатата година, сепак според остварената добивка котира на третото место. Па, така лани во овој дом има добивка во износ од 22.700 евра, и истата е намалена за 17,5 отсто во споредба со 2018 година. Додека пак регистрира приходи во износ од 132.400 евра кои бележат раст од 8,5 отсто. Во овој дом работат 11 лица , што значи дека добивката по вработен е нешто повеќе од 2000 евра.
ПРОЧИТАЈТЕ: 34 пензионери го земале највисокиот износ од 53.691 денари
Прочитај за: Постапка и потребна документација за остварување на правото од пензиско и инвалидско осигурување
ЗА СТАРОСНА ПЕНЗИЈА [ ТУКА ]
ИНВАЛИДСКA ПЕНЗИЈА И ПРОФЕСИОНАЛНА РЕХАБИЛИТАЦИЈА [ ТУКА ]
За семејна пензија – исполнување на општи и посебни услови [ тука ]
Прочитајте го и првиот напишан текст со вештачка интелегенција – Неверојатно! Погледнете ја статијата што ја напиша робот