ПОВЕЌЕ

    Старува кампањата „Засади желба“: Навремено штедење за одржлива пензионерска иднина

    Време зa читање: 3 минути

    Да се допре до што поголем број млади и што повеќе да се зголеми свеста за потребата од планирање и самовложување во иднината и пензионерските денови. Тоа е целта на Денот на пензиската свесност што во организација на МАПАС се обележува веќе една деценија, но и на кампањата што четири години заеднички ја спроведуваат трите пензиски друштва, под мотото „Засади желба“. За одржлива иднина.

    Дрвцата се седеа вчера, со што се означи и стартот на кампањата, за која на прес-конференција зборуваа Марјан Николовски од Триглав пензиско друштво, Татјана Бојковска од Сава пензиско друштво и Иван Стојановиќ од КБ Прво пензиско друштво, кои се членови на управните одбори.

    Како особено важно посочуваат на фактот дека мора со време да се почне и потоа да се гради одржливата иднина преку пензиските заштеди. Во фокусот се младите, кои се повикуваат на дигитална комуникација преку penzija.mk и на социјалните мрежи. Но, беше нагласено на пресот, врати на трите пензиски друштава секогаш се отворени за директен разговор.

    „Она што е особено важно е младите навремено и од веродостојни извори да се информираат за правата, обврските и придобивките од членувањето во задолжителен и доброволен пензиски фонд, веднаш по започнувањето на работниот однос. Затоа, на самиот настан ја презентиравме можноста за анонимно поставување прашања за сѐ што ја интересира јавноста во врска со пензискиот систем, можност којашто ќе остане отворена во текот на целата кампања преку нашата веб страница penzija.mk“, наведе Бојковска.

    Оттаму и поврзаноста со садењето и животната средина, за да се стави акцент на одржливата иднина, што е цел и на пензискиот систем, да е долгорочно одржлив. Притоа, секој сам се грижи за себе и кога ќе дојде до пензија ќе има доволно заштеди кои ќе ја гарантираат благосостојбата по пензионирањето.

    „Велиме дека садиме желби за одржлива иднина бидејќи навременото штедење за пензионерските денови е токму тоа, обезбедување одржлива финансиска иднина. Истовремено, со кампањата сакаме да поттикнеме и поширока свест за одржливоста и од еколошки аспект, како што тоа ние го правиме со садењето дрвја таму каде што е најпотребно“, посочи Николовски.

    По големите реформи, во структурата на пензискиот систем се три столба: првот – задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност, вториот – задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и третиот – доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Тоа опстојува 19 години.

    „Една од позначајните придобивки на реформираниот пензиски систем е воведувањето на доброволното пензиско осигурување. Тоа овозможува дополнително доброволно вклучување на сите постоечки членови од задолжителниот пензиски столб, но и можност за вклучување на граѓани кои не се опфатени во првите два столба, како и организирање на професионални пензиски шеми од страна на правните субјекти. Членството во доброволниот пензиски фонд не ги обврзува членовите да уплаќаат однапред дефинирани износи секој месец, нема пенали во случај на неплаќање, средствата се наследни, и можноста за нивно користење е најрано десет години пред возраста за стекнување право за старосна пензија, односно 52 години за жени и 54 години за мажи. Сите овие предности го прават производот достапен и привлечен за помладата популација“, истакна Стојановиќ.

    Во задолжителните пензиски фондови засега има 606.276 членови, кои имаат заштеди од 153,42 милијарди денари, што е всушност вредност на нето-средствата. Во доброволните пензиски фондови бројноста на членството е 32.981 со нето-износ од 3,87 милијарди денари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично