Септемвриската пензија е повисока за 2.500 денари и доаѓа на Меѓународниот ден на возрасните граѓани – стари лица, пензионери, први октомври. И нема пензионер за кој тие пари не се добродојдени. Иако многумина од нив, пред сѐ упатените во начинот на кој функционира исплатата на пензионерските примања, укажуваат дека линеарното зголемување не е среќно решение. Не само за државната каса од каде што се пополнува дупката во фондот, туку и воопшто, за пензискиот систем.
„Линеарното зголемување на пензиите е во директна спротивност со основните принципи врз кои е поставен вториот столб. И не е само со вториот столб, туку е спротивно со принципите на капиталното финансирано пензиско осигурување. И не е во основната ориентација на пензиската реформа со која во 2000 година се премина кон повеќестолбниот пензиски систем“, посочува некогашниот даночен експерт, а сега пензионерски активист, Славко Лазовски.
Подолго време тој е вклучен во изнаоѓањето трајни решенија за проблемите на пензионерите. Во фокусот се унапредување на пензинскиот систем, адекватност на пензиите, подобрување на нивната здравствена заштита и борба за намалување на пензионерската сиромаштија. За „Пари“ објаснува зошто дополнителните 40, односно со мартовските вкупно осумдесеттина евра, нема да го постигнат максималниот ефект.
РЕШЕНИЕТО Е ВО ШВАЈЦАРСКАТА ФОРМУЛА
„Суштината е мојата пензија да зависи од мојот придонес во заедничката пензиска каса. Кога плаќавме придонес за ПИО, не плаќавме во линеарни износи. Ако е спасот во линеарното покачување, светот одамна ќе го применуваше. Но, никој од нас пензионерите нема против зголемувањето на сопствената пензија, а посебно не е против зголемувањето на помалите пензии. Сепак, тоа можеше да се направи и на поинаков начин – поадекватен на основните постулати на пензискиот систем. На пример, со воведување на институтот минимална пензија, избор од моделите на благонаклонетата швајцарска формула (не пола од двете стапки, туку збир на двете стапки, па дури и на тој збир некој процент плус, една но повисоката стапка и многу други подобрувања). Па, дури и издвојувањето за Солидарниот фонд да се трансформира во законски стекнато право е чекор во истата насока. За малите пензии е многу позначајно плус 1.500 до 1.800 денари, отколку за големите пензии“.
Лазовски нагласува дека воопшто не е спорна потребата од интервенција за спасување на малите пензии во нашиот пензиски систем, но тврди „линеарното зголемување не е за машала“ и објаснува:
„Прво, линеарното зголемување сепак крие одредена опасност типична за авторитарноста во одлучувањето. Добра Влада за добрите пензионери, а што ако некој утре не е доволно добар? Колку и по кои критериуми е добар? Второ, некој одлучува за нас – пензионерите. Во која релација сме ние и тој што одлучува? Зарем ова не е класична трансформација во поданички однос? Трето, ова е силна и нагла интервенција во пензискиот систем, која би била следната? Може ли следното да биде ‘чепнување’ од фондовите на вториот столб? Четврто, зошто баш ние да го правиме ова – дали сме најпаметни во светот?“
Во таа насока Лазовски наведува дека никој не е против сопствениот интерс, секој пензионер сака да има поголема пензија…
„…Но, пензискиот систем е нашата заедничка судбина, а ковачи на таа судбина сме самите ние. Сите ние. Лично, воопшто не ме загрижуваат финансиските ефекти врз Фондот, финансиите на Фондот. Тие се решаваат на овој или оној начин. Најмногу ме загрижува укинувањето на швајцарската формула – бисерчето во пензискиот систем. Без него пензискиот систем добива темна боја. Наместо да се гордееме, го фрламе под нозе. Без него пензискиот систем како да не е во рацете на пензионерите. Ако не е во рацете на пензионерите, не е ниту во рацете на осигурениците, а тоа значи не е во рацете на младите кои се во вториот столб“.
Швајцарската формула, потенцира, обезбедува адекватност на пензиите. Во светот никој не понудил подобро решение. Едноставно, појаснува, таа формула нуди неколку алтернативи на адекватност: поконзервативна, односно понедарежлива каква што е и нашата, потоа подарежлива – примена на највисоката стапка во 100-процентна големина, па сѐ до најдарежливата, која е збир на двете стапки.
„Штом линеарното ‘добро’ легна во пензинскиот систем, тоа најдобро покажува дека пензинскиот систем ни е болен, па оваа шок-терапија дејствува“, заклучува Лазовски.
НАЈНИСКИ ПЕНЗИИ ЗА 88.190, НАЈВИСОКИ ЗА 27 ПЕНЗИОНЕРИ
Во земјава, според статистиката за август на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, има 340.709 корисници на пензија. Од сите нив, само 27, чии примања биле високи и во текот на работниот стаж плаќале соодветни придонеси, ја имаат највисоката пензија од 80.280 денари. Тоа е еднакво на 1.305 евра. Пари со кои во Македонија може сосема пристојно да се врзе месецот. Наспроти малубројните се оние 88.190 лица кои веројатно и додека работеле имале егзистенцијални проблеми, па сега живеат или преживуваат со најниските законски одобрени пензии. Нивниот клуб за еден месец е зголемен за 212 лица (во јули биле 87.978). А, кога се зборува за најниските, се мисли на сумите од 13.192 до 16.909 денари.
Во август просечната исплатена пензија изнесувала 21.217 денари или нецели 345 евра. Вообичаено, најмал е просекот на земјоделската – 10.898, а највисок на воената од 29.918 денари. Старосната пензија во осмиот месец од годинава е исплатена со просечни 22.860 денари.
Во структурата на пензионерските примања, со 34,72 проценти доминираат корисниците чии пензии се во опсег од од 13.193 до 16.909 денари. Со 23,80 проценти зад нив се оние со пензии од од 16.910 до 22.500 денари.
Во помал дел се лицата кои на своите сметки ги добиваат убедливо најниските пензии кои досегаат до нивото од 13.192 денари. Станува збор за 24.894 или 7,31 отсто од сите корисници.
Сепак, со солидни месечни примања нема ниту еден процент. Поточно, запишани се 0,87 проценти, во кои се опфатени 2.957 пензионери со пензии повисоки од 57.481 денар.
Наскоро ове износи ќе бидат заборавени, зашто сите добиваат плус 2.500 денари. Дали тие пари ќе го кренат пензионерскиот стандард, ќе кажат пензионерите.
М.А.