Пред неколку месеци во рамки на проектот на бизнис порталот Pari.com.mk и платформата за бонитетни податоци бизнисмрежа.мк беше подготвена анализа за згаснати компании во 2020 година. Како надоврзување на таа анализа денес ќе се надоврземе на еден синдром кој своја примена наоѓа пред се во психологијата, но исто така значителен придонес и се поголемо значење добива и во рамки на бизнис сегментот.
Имено, станува збор за експеримент од 19 век кога жаба е ставена во лонец со ладна вода. Жабата без никаков поблем стои во лонецот, а истото се случува и кога постепено почнуваат да го загреваат лонецот. Жабата се приспособува на новата температура и опстојува се додека водата не достигне температура на вриење и кога жабата нема сила да излезе од лонецот. Жабата привикнувајќи се на новите услови ја изгубила својата енергија да реагира во клучниот момент и да скокне од лонецот. Епилогот е сварена/умрена жаба. Доколку пак жабата веднаш се стави во лонец со вода што врие, таа веднаш ќе скокне од лонецот.
Примерот со жабата неминовно потсеќа на состојбата со македонските компании. Голем е бројот на згаснати компании кои прилагодувајќи се на новите услови, целосно го загубиле осетот дека треба да направат покрупни чекори. Зошто е тоа така? Ќе наведеме неколку причини, а сигурни има уште еден куп други. Поентата на овој текст не е да се детектираат причините туку да се подигне нивото на размислување на претприемачите и на оние кои се одговорни за обезбедување здрава бизнис клима.
- Македонските компании пред се се соочуваат со недостаток на финансии. Тоа е најголемата болка, која прераснува во хронична, на претприемачите и на оние кои започнуваат со старт ап компании. Голем дел од нив постојано го надополнуваат буџетот со разни позајмици, кредити и во мала мера грантови и субвенции кои не се доволни за успешна реализација на замислениот проект. Така, справувајќи се со недостаток на финансии, прескокнуваат битни процеси во развојот на компанијата, кои подоцна “скапо” ги чинат. Решението треба да се бара во развиен систем на државна поддршка(преку кредити, гаранции и субвенции) насочени кон реални проекти. Вториот начин за подобрување на ситуацијата е зголемување на финансискаа моќ на поединците преку зголемени плати, а со тоа ќе има поголема акумулација на средства доколку се одлучат да започнат свој бизнис.
- Вториот сегмент е промена на условите на игра. Во голема мера бизнис одлуките на компаниите се засновани на одредени политики, правила и закони кои во моментот на инвестирање биле важечки. Доколку овие услови во одреден момент бидат променети(секоја промена на услови на рок пократок од 5 години) значително се одразуваат врз менаџмент одлуките на сопствениците, а во голема мера доаѓа и до затворање на компаниите. Адаптирајќи се на новите услови, компаниите запаѓаат во се поголеми финансиски проблеми и затоа сите инвеститори претпочитаат ниско ниво на промена на услови и стабилни влади. Тука се мисли на стабилна даночна политика, стабилна валута, систем на субвенции, обезбедување на кадар, користење на простор(деловен или земјиште) и инфраструктура.
- Инвестиции во технологија. Многу ретки се случаите кога некоја македонска компанија се пофалила со некоја технолошка иновација, или доколку постои таква веднаш се апсорбира во странските бизнис акцелератори. Одложувањето на инвестициите во технологија може да не удрат како бумеранг. Се наметнува впечаток дека голем дел и од успешните странски компани кои функционираат во Македонија и кои треба да бидат предводници на новите технолошки трендови како да сакаат да извадат максимум од тоа што е до сега вложено, остварувајќи добивки кои се одлеваат кон мајките компании. Ваквиот однос доведува до тоа постојано да се адаптираме на светските трендови, но со многу мал процент на усогласување на стандарди. Токму поради тоа многу компании се насочуваат кон производство на полу производи. Долгорочно ваквата политика ќе не притисне на дното од аспект на технолошки иноватори.
Сите овие сегменти се импликативни за било кој обем на компанија и без разлика на нивната старост. Ставање во преден план на сите расположливи ресурси(државни и приватни) токму кон овие 3 точки може да спаси многу компании да не завршат по примерот на жабата.