ПОВЕЌЕ

    Сергеј Зафироски: ДА НЕ ТРЕБАШЕ СИТЕ ДА НАПРАВИМЕ ЖРТВА, НЕМАШЕ ДА СЕ ВИКА КРИЗА

    Време зa читање: 5 минути

    ДА НЕ ТРЕБАШЕ СИТЕ ДА НАПРАВИМЕ ЖРТВА, НЕМАШЕ ДА СЕ ВИКА КРИЗА!

    Денес разговараме со Сергеј Зафироски, извршен менаџер на агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД. Тој одговара на неколку прашања во однос на новата криза и пренесува дел од неговите лични размислувања за тоа што можеме да очекуваме во следниот период.

    Пари: Може ли на кратко да ни се претставите?

    Јас сум Сергеј Зафироски, извршен менаџер на агенцијата Инсајдер ИД. Компанијата е основана од 2010 со исклучок на неколку “славни” и “неславни” паузи работи од моментот на започнување, додека се ребрендира во моменталната агенција во 2013 година. Како и секогаш што кажувам себе си се сметам за менаџер, работник и лице кое е ставено на позицијата за да ја заврши работата. Се занимаваме со истражувања и консалтинг, но пред се лично сметам дека се занимаваме со напредна аналитика и употреба на математички модели за одлучување. На кратко податоците од пазарот, без разлика какви се или кој е изворот ги преточуваме во корисни информации за нашите клиенти и соработници.

    Пари: Живееме во едно интересно време на криза, кое е Вашето размислување за неа и што би можеле да очекуваме?

    Сергеј Зафироски: Ваков “ресет” на глобалната економија и воопшто на однесувањето на луѓето мислам дека нема да доживееме повторно. Да, на краток рок можеби изгледа како негативна ситуација, но анализирано долгорочно ова претставува според мене голема можност токму за луѓето, пред се на колективите со добри идеи, реален потенцијал и кои се подготвени за многу работа не само во економијата туку и општеството. Јас сум особено фасциниран што живеам во ваков историски момент, без разлика што може да има негативни реперкусии директно врз мене и нашата компанија. Реакциите на општествата во криза и промената која ќе настане по неа од ваков обем и тоа што ќе се случи по неа е бесценето да се присуствува.

    Сметам дека ова што го имаме во моментов треба да го искористиме позитивно, да ги видиме проблемите кои ги имаме, да ги решиме и да го надградиме системите. Глобалноста на кризата и важење на истите правила секаде, ни овозможува барем мал степен да се приближиме до светските практики. Како ќе ја искористиме кризата тоа на нас останува.

    Пари: Што би можеле ние да направиме за оваа криза за да ја искористиме позитивно?

    Сергеј Зафироски:  Да не требаше сите да направиме жртва, тогаш немаше ситуацијата да се вика криза! Кризата по дефиниција е неочекувана, најчесто негативна, влијае на генерално не интерно, и потребно е размислување, стратегија и акција за нејзино надминување. Ние издадовме една анализа за последиците и трендовите кои ќе ги предизвика “COVID-19”, во која што дефинираме 9 главни трендови за Македонските и Балканските Економиии и чие што решавање или искористување може да донесе бенефит за целата економија. Пред се и лично сметам дека решавањето на организациските проблеми, како непрофесионален менаџмент, несоодветни финансии, несоодветни бизнис модели ќе придонесе кон решавање и на многу поголеми проблеми во економијата. Високи 80% од компаниите (според неофицијална проценка) имаат несоодветен менаџмент, замислете што би се случило на макро ниво доколку половината од нив го покренат нивото на работење! Огромен скок напред, не само за фирмите туку и за целата економија.

    Едно нешто треба да разберат сопствениците на компаниите, не се прават компании за да се исполнат само приватните финансиски цели туку да се исполнат очекувањата на сите кои се во секаков контакт со бизнисите. Друга работа е што претприемништвото би требало да биде движечка сила на економијата во ваква ситуација, но сметам дека Македонските претпримачи се далеку под потребното ниво како на образование, размислување што воопшто тоа претставува, но пред се подготвеноста за напорна работа.

    Пари: Претприемништвото е еден од “квалитетите” на општествата што помага токму во ваква кризна ситуација, зашто сметате дека е проблематичен во Македонија?

    Сергеј Зафироски: Претприемачите се луѓе кои носат нова вредност, искористуваат ресурси на нов начин, придонесуваат за развој на општеството и економијата, а парите се само награда дека добро ја завршиле првата работа. Не го критикувам претприемништвото, тоа е основа за развојот на целото општество. Ја критикувам современата дефиниција на квази-претпримачите особено Македонските кои што најчесто на претприемништвото гледаат како нешто што носи многу пари, луд и незаборавен живот, во кратки црти како да направите пари без работа. Кога би направил паралела, верувањата на македонските претпримништво се идентични како во средновековието дека доколку умрете на бојно поле ќе одите во рајот. Многу ретко сретнувам, од тие што се класифицираат како претприемачи, некој кој е подготвен и 24/7 да биде на работа, посветен и пред се со реални очекувања и визија за бизнисот.

    Претходната декада сме сведоци на подем кај индивидуи и компании кои што апсолутно немаат никаков придонес кон развојот на општеството, од инфлуенсери до различни квази услуги кои што задоволуваат некакво нелогично барање, кои што финансиски ги исцрпуваат ресурсите кои што можат да се искористат многу попродуктивно. Се губат персоналните вредности, трендовите ги поставуваат луѓе кои што се необразовани и добиваат вредност само поради тоа што добиле некаков моментум. Луѓето повеќе живеат во фиктивен свет отколку во реалноста, додека претприемништвото се измести до степен што е многу далеку е од примарната цел. Тоа е не е ниту капитализам, а уште помалку претприемништво.

    Пари: За крај, што ќе прави Инсајдер ИД во однос на кризата?

    Сергеј Зафироски: Ние сме родени во криза, работевме во неколку кризни периоди така да пронаоѓаме начини да ја надминеме и тековната. Моментално развиваме неколку нови концепти на работење, за уште повеќе да ги приближиме истражувањата и пристапот до информации на нашите соработници. Едноставно, мора да направиме и ние промена да ги пресретнеме барањата на пазарот. Останува да видиме и ние дали добро ќе ги процениме трендовите и дали ќе успееме успешно да ја надминеме кризата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично