ПОВЕЌЕ

    Пензионерите ќе добијат усогласени пензии: Егзистенцијата не се решава со 800 денари  

    Време зa читање: 5 минути

    За најниските пензии 800, а за највисоките 4700 денари – процентуалното покачување големите пензии ги направи огромни, а ниските не мрдаат, се реакциите на пензионерите и основа на барањето линеарка од 3.500 денари, со што државната каса би требало месечно да обезбеди дополнителни 19,1 милион евра

     Со претстојната исплата на септемвриските пензии, пензионерите на сметките ќе добијат плус 6,8 проценти од усогласувањето со растот на трошоците за живот и на просечната плата. Тоа се 810 денари за корисниците со најниска пензија, која во моментов е 11.897 денари, па со придвижувањето ќе дојдат до некои 12.700 денари. Истите проценти обезбедуваат дополнителни 4.750 денари за 75 приматели на највисоката пензија, која од сегашните 69.803 денари ќе отиде над 74 илјади денари.

    Ова е основата за главното пензионерско барање што се повторува веќе два месеци – линеарно зголемување од 3.500 денари за сите. Од оние со најниска пензија до, како што велат, поранешните претседатели на државата кои сега се пензионери. Затоа што „процентуалното покачување големите пензии ги направи огромни, а ниските не мрдаат“.

    Оттаму и незадоволството од последниве 6,8 проценти и укажувањата дека методологијата „не ја бива“. Проследено со барањето за утврдување минимална пензија на нивото од 18 илјади денари.

    Засега, состојбата, според августовските статистики на ПИОМ е – во земјава има 336.806 пензионери, а најголемиот дел од нив 97.033 или 28,81 отсто живеат со месечни примања до 13.300 денари. Пензии до 16 илјади денари имаат 60.454 лица, а до 22 илјади – 86.719. Оттука произлегува дека околу 200 илјади пензионери месеците треба да ги врзуваат со пензии кои се под минимумот што се поставува како барање на протестите.

    Износи, пак, поголеми од 22 илјадарки добиваат 92.600 пензионери. Меѓу нив се и оние 1.532 со максимални пензии, во распон од 48,304 до 69.803 денари.

    Статистиката на ПИОМ покажува дека во осмиот месец од годинава пензионерската книга ја отвориле 1.870 лица (1.150 мажи и 720 жени). А, ја затвориле 1.127 лица (600 мажи и 527 жени).

    За нив семејствата добиваат средства од Солидарниот фонд. Во август се исплатени 25.050.000 денари или близу 407 илјади евра, со што е одговорено на 835 барања. Од почетокот на годината во ПИОМ пристигнале 11.373 барања од семејствата на починатите пензионери, при што вкупната исплатена сума е 341.190.000 денари, односно 5,5 милиони евра.

    Големи износи се слеваат од месечната членарина и од издвојувањата за Солидарниот фонд, од каде што и произлегуваат сомнежите во коректното управување со парите и нивната распределба. На протестите гласни се негодувањата против раководството на Сојузот на пензионерите. Исто како и барањата – чланарината повеќе да не се плаќа во Сојузот.

    Податоците на ПИОМ велат: од 317.618 пензионери во август се наплатени (членарина и средства за Солидарниот фонд)       9.627.090 денари/над 156 илјади евра. А, од почетокот на годинава – вкупно 76.566.000 денари или повеќе од 1,2 милиони евра.

    „Најголем дел од пензионерите не само што не учествуваат во активностите на здруженијата, туку не ни знаат каде се наоѓаат. А, се работи за средства кои достигнуваат износ од околу 1.850.000 евра на годишно ниво, пари кои се трошат од пет-шест проценти од вкупната бројка на таканаречени членови“, категоричен е кумановскиот пензонер Мирослав Трлин, кој пред неколку дена поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на член 115 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Односно, исплатата на посмртната помош да не се условува со задолжително членување во Сојузот и во пензионерскте здруженија кои го сочинуваат.

    И на протестите се пензионерите најавија дека ќе бараат да се укине членарината, затоа што „Сојузот не работи за нивните интереси“, а отворена е и можноста да формираат ново тело од ваков вид, кое ќе ги оправда нивните очекувања и ќе одговори на потребите.

    Кумановските пензионери, пак, до Сојузот упатиле предлози: пензионерите со пензии до 10.000 денари да се ослободат од плаќање членарина, со можност да се рамноправни членови, по своја определба, на здруженијата на пензионерите; и пензионерите чии примања се поголеми од десет илјади денари да плаќаат членарина од 0,1 отсто од номиналниот износ на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување. Но, оттаму се уште нема никаква реакција.

    Во меѓувреме и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, и претседателката на Сојузот на здруженијата пензионери, Станка Трајкова, во изјавите се повикуваат на работната група која делува во насока на подобрување на пензионерскиот стандард. Со тоа што прво ќе се решава статусот на лицата со најниски пензии и видовите помош што ќе ги добијат, а потоа ќе се расправа за минималната пензија и за другите теми од типот на линеарното зголемување. За кое, Владата уште во старт рече дека е невозможно, со оглед на средствата што ќе ги повлече и на состојбата на ПИОМ.

    Доколку се пристапи кон линеарен пораст на пензиите од 3.500 денари, тоа претпоставува дека месечно ќе бидат потребни дополнителни 1.178.821.000 денари или 19,1 милион евра, а годишно 230 милиони евра. Пари кои треба да се обезбедат од државната каса, од каде што се црпат и средства за повисоките функционерски плати и нивните 78 проценти кои ја покренаа лавината од незадоволство и нови барања.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично