ПОВЕЌЕ

    ПАРИ АНАЛИЗА: Какви се просечните плати во земјите од поранешна Југославија?

    Време зa читање: 5 минути

    СЛОВЕНЕЧКАТА ПРОСЕЧНА ПЛАТА ПОГОЛЕМА ОД ДВЕ НАШИ, ПРОДОЛЖУВАМЕ ДА КАСКАМЕ ЗАД РЕГИОНОТ

    Македонија и понатаму останува земја со најниска просечна нето-плата споредено со земјите од поранешна Југославија. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, а кои се однесуваат за јануари, нашата просечна нето-плата достигна 39.542 денари, но за жал, таа е пониска од декемвриската кога била 39.998 денари.

    Порталот Пари направи споредба на платите врз основа на податоците што ги објавија националните статситички агенции и според нив, очекувано највисоката плата е во Словенија, каде просечната нето заработувачка во јануари била 1.474 евра, или 90.945 денари. Тоа е повеќе од две-просечни плати во Македонија!

    Она што уште повеќе разочарува е дека, барем според најавите на политичките парии кои почнаа да ги претставуваат своите изборни програми, на ваков просек не можеме да се надеваме ниту по 4 години. СДСМ најави дека просечната плата до 2028 година ќе стигне 1.100 евра. ВМРО-ДПМНЕ засега не лицитира со износ на просечна плата, но најавува 55.000 нови работни места и раст на БДП од 5%.

    Веднаш пред Македонија, по нивото на прсечна нето-плата е Босна и Херцеговина со просек од 1.328 конвертабилни марки, или 41.812 денари, што е 5,7 % повеќе отколку просекот во Македонија.

    Црна Гора е две позиции пред нас, со просек од 819 евра, или претворено во наши пари 50.436 денари. Тоа е за 27,5% повеќе од нашата плата.

    Монополистичка конкуренција

    Во Србија просечната плата во јануари била 96.836 динари, или 50.870 денари, што е за 28,7% поголема од нашата просечна плата.

    Во Хрватска, просекот е веднаш зад Словенија, што значи дека има втора највисока просечна плата во регионот од 1.239 евра, или 76.250 денари. Хрватскиот просек е за 92,8% поголем од нашиот.

    Извор: Национални статистики на одделни држави

    КАКВИ СЕ ЦЕНИТЕ?

    Јасно е дека самото претставување на просечните плати не ја одразува и нивната куповна моќ. Во различни земји има и различни цени.  Обично се вели дека Македонија има и најниски цени, но сепак едно е јасно дека тие не се повеќе од двојно пониски отколку во Словенија, ниту пак 28,7 проценти пониски од Србија, или 92,8% пониски отколку во Хрватска, колку што се поголеми тамошните плати. Дури, многу цени во регионот пронајдовме приближно исти.

    Колку за илустрација, прелиставме неколку онлајн каталози во регионот. Впечатокот е дека цените на дел од храната во Србија се 15-тина проценти повисоки од оние во Македонија, а за толку се повисоки и цените на средствата за хигиена. На пример, конвертирано во наши пари, кравјото сирење во Србија е околу 420 денари за еден колограм, додека кај нас околу 360, што значи дека е нешто под 20 проценти поевтино. Јајцата се слично како и во Македонија, околу 80 денари за 10 јајца, свинскиот бут во Србија е околу 480 денари, слично како и кај нас, зејтинот 80 денари. Во он-лајн продавниците на Црна Гора, кравјото сирење е како кај нас, околу 360 денари, свински бут е околу 500 денари, зејтин најдовме за 60 денари. Во Босна можевме да видиме дека 1 килограм „сомборска фета“ е околу 360 денари, еден килограм свинска крменадла е 300 денари. Го разлиставме и онлајн каталогот на Плодине во Хрватска. Десет јајца се  80 денари, кашкавалите од 700 денари па нагоре, пршута се рекамира за 1.000 денари за килограм, свежа риба „бранцин“ е 550 денари во пакување од 720 грама.

    ЕКСКЛУЗИВНО НА ПАРИ: Рангирање на банките во Македонија

    КАКО РАСТЕА ПЛАТИТЕ ВО РЕГИОНОТ?

    Во Македонија стивнува инфлцијата, но затоа 2023 година ја одбележавме како земја со највисок раст на цените во регионот. Таквиот раст не беше проследен со растот на платите, па често статистичките податоци покажуваа многу помал реален раст на платите со вклучена инфлациа, отколку што тие растеа номинално.

    Сепак, анализата на Пари покажува дека номинално во јануари просечната нето плата во Македонија се зголемила најмногу во однос на регионот. Кај нас јануарскиот просек во 2024 година е поголем за 16,5 проценти во однос на истиот месец од 2023 година, во Србија растот е 15,9%, во Хрватска 13,3%, во Босна и Херцеговина 9,9%, во Црна Гора 8,2% и во Словенија каде што лани имаше и најмала инфлација, номиналниот годишен раст на плати е најнизок и изнесува 5,6%.

    Раст на јануарска плата на годишно ниво

    Извор: Национални статистики на одделни држави

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично