ПОВЕЌЕ

    Осигурувањето не е трошок, туку алатка за справување со ризици

    Време зa читање: 4 минути

    Осигурителниот пазар во Македонија бележи континуиран и умерен раст. Заклучно со септември, вкупната наплатена премија изнесува околу 1,08 милијарди денари, од кои 75,2 милиони денари се во осигурување на живот (нови полиси), а над една милијарда денари во неживотно осигурување. Сумите, пак, за исплатените штети се – 77,4 милиони денари кај животното осигурување и 353,9 милиони денари кај неживотното осигурување.

    Притоа, осигурувањето на живот бележи двоцифрен раст, додека кај неживотното, особено се издвојува имотното осигурување со раст од 60 насто, што директно се поврзува со градежниот бум присутен во земјава. Исто така, од 2018 година па наваму во подем е здравственото осигурување.

    Овие и многу други податоци беа презентирани на настанот организиран од Агенцијата за супервизија на осигурувњето (АСО), по повод Меѓународниот ден на осигурувањето – 1 ноември.

    На овој ден е формирана АСО. Шеснаесетте години постоење и делотворно функционирање беа обележани со панел дискусии за трендовите и предизвиците во оваа област.

    Во тие рамки се дискутираше за резултатите постигнати на осигурителниот пазар, со фокус на идните трендови и иновации, како и новите предизвици. Оттука и произлезе мислењето дека во случајот на Македонија, постигнувањата се ограничени од недоволното ниво на финансиска писменост, како и од нискиот стандард. Исто така, беше посочено дека во светот има најразлични видови осигурување, се осигурува се што е од важност за луѓето, па дури има и осигурување од лоши оценки, наменето за учениците. Наспроти тоа, кај нас се уште се доминантни продуктите од традиционалното осигурување. Овој панел беше насловен „Актуелни трендови и можности за идeн раст и развој на осигурителниот сектор“. Го модерираше Маја Парнарџиева – Змејкова, раководител на стручната служба за супервизија во АСО, а учествуваа Александра Дранговска и Горан Здравковски, членови на Совет на експерти на АСО; Бобан Томески, генерален директор на Кроација осигурување – живот; Салаудин Имами, член на Управниот одбор на Граве осигурување – неживот; и Ана Секуловска, продукт менаџер за интернационални продукти од областа на осигурување неживот.

    На вториот панел посветен на новите регулаторни барања за солвентност, финансиско известување и ревизија на друштвата за осигурување, домашни и меѓународни стручњаци разменија мислења за тоа како управувањето со промените да се направи што поефикасно и ефективно. Тоа, од аспект на новите стандари што треба да се применат и кај нас, што бара синхронизиран настап на осигурителите, регулаторот и актуарите. Во тој поглед Хрватска е неколку години прд нас, а за искуството од спроведувањето на стандардите говореше Ива Иванковиќ од Дирекцијата за надзор на осигурувањето – ХАНФА. Панелот на кој дискутираа и Атанаско Атанасовски, професор на Катедрата за сметководство и ревизија на Економскиот факултет при УКИМ, Цветлана Винцензи Маркулевска, претседател на Македонското актуарско здружение, Симе Јовановски, директор во одделот за ревизија – Прајсвотерхаус Куперс и Борче Богески, член на УО на Уника Скопје, го модерираше Коста Спасески, генерален советник во АСО.

    Како што нагласи претседателката на Советот на експерти на АСО, Ели Дракуловска, на настанот организиран од Агенцијата, иднината на пазарот зависи од тоа колку граѓаните ќе ја препознаат вредноста на осигурувањето – не како трошок, туку како инвестиција во безгрижноста. Македонскиот сектор за осигурување има значителен потенцијал, но за напредок е потребна едукација на населението, уште од најраната возраст. Според панелистите, тоа е најдолгиот, но и најсигурниот пат. Претставниците на индустријата и регулаторот посочија дека иновативните производи, дигитализацијата и транспарентноста ќе бидат клучни за идниот развој.

    По традиција, на први ноември во глобални рамки се нагласува – зошто е важно да се осигураме – не само од ризици и штети, туку и од неизвесноста што секојдневно ја носи животот. Осигурувањето претставува еден од темелите на секоја стабилна економија, бидејќи создава заштитна мрежа за граѓаните и за компаниите, а воедно претставува извор на долгорочни инвестиции.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично