Може ли да се врзе месецот со просечна пензија од 385 евра? Пензионерите велат, многу тешко. Списокот на нивните потреби можеби не е долг, но е скап. Храна, лекови, сметки… како дошла, така отишла, коментираат откако на сметките легна ноемвриската пензија. Велат, подолго ја чекаат отколку што ја трошат. Сепак, тоа не е проблем само на македонските пензионери, иако со месечните примања се некаде при дното во регионот.
Статистиката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за октомври покажува дека тогашната просечна исплатена пензија е во износ од 23.727 денари. Најниските законски пензии завршиле на сметките од 88.669 пензионери. Пензии во десетиот месец од годинава се исплатени на 342.170 корисници.
Просекот, пак, на пензиите се движи од 13.413 денари (218 евра) за земјоделските до 32.403 денари (527 евра) за воените пензии.
Повеќе од една третина од македонските пензионери, поточно 35,32 проценти, живеат со пензии во висина од 15.693 до 19.409 денари. Или, во евра – од 255 до 315. Овие износи ги примаат 120.861 пензионер.
Сумите во распон од 25.001 до 39.114 денари стигнуваат до сметките на 88.342 корисници, кои во структурата учествуваат со 25,82 отсто.
Не е најнизок уделот, но е со едноцифрена основа – 7,36 проценти, на лицата со најниските месечни примања. Со пензии чиј праг е до 15.692 денари, односно само 255 евра, 25.199 пензионери би требало да ги намират сите месечни предвидени и непредвидени потреби.
Исто така, низок е процентот и на корисниците со примања од 39.115 денари (636 евра) до 59.981 денар (975 евра). Се работи за 6,92 проценти, со кои се претставени 23.693 пензионери, кои во текот на работниот стаж имале пристојни плати како основа за плаќање на повисоки придонеси.
Сепак, најмалубројни се примателите на високите пензии, кои во класификацијата на ПИОМ се утврдени над нивото од 59.981 денар. Во таа група, која во структурата не партиципира ниту со еден отсто, се 3.035 корисници.
Меѓу нив, секако, се и оние 27 со, за наши услови, екстра пензии. Месечно бројат по 82.780 денари, што е противвредност на 1.346 евра.
Малку математика. Колкав е процентот на лица што имаат највисоки пензии, кога се знае дека во државата има 342.170 пензионери? Одговорот е – 0,0079 проценти.
Кој каква среќа имал, може да се каже за оние што во статистиката на ПИОМ се сместени во категоријата корисници на најниските законски пензии. Висината е одредена согласно времињата во кои ги исполниле условите и заминале во пензија. Според тоа, десетици илјади пензионери мора од први до први да ги растегнат своите примања, кои се движат од 15.692 денари (255 евра) до 19.409 денари (315 евра).
Ако е за утеха на македонските пензионери, не им е многу позавидна состојбата ниту на нивните колеги од регионот.
Српскиот претседател најавува дека во догледно време просекот ќе се крене на 500 евра. Сегашната состојба е – просечната пензија во Србија, исплатена во октомври, е 390 евра. Најнискиот износ е 213 евра кај регуларните пензии, а кај земјоделските 168 евра. И во соседството нема многумина што користат највисоки пензии, односно 72 лица примаат по 1.967 евра.
Во Босна и Херцеговина, според октомвриските податоци на Федералниот завод за ПИО/МИО, најниската пензија е 293 евра, а гарантираната 350 евра. Таму највисокиот износ на пензионерските примања е 1.466 евра.
Најниската пензија во Црна Гора е највисока во однос на другите држави од регионот кои не се членки на ЕУ. Станува збор за сума од 450 евра, која и покрај реакциите на пензионерите, според пишувањата на тамошните медиуми, нема да се коригира до 2026 година. Инаку, просечната пензија за октомври е 502,91 евро без пресметаните разлики, а со нив 521,11 евра.
Во Хрватска има две просечни пензии. Едната е за старосна пензија остварена со стаж од 40 и повеќе години, која изнесува 771,37 евра, а втората, вкупна старосна пензија – 627,92 евра. Просекот, пак, на највисоките пензии е 1,780,96 евра. Во таа група, која ги опфаќа корисниците на примања од над 1.500 евра, се 10.954 лица.
Податоците достапни за Словенија се од септември. Минималната пензија е 337,4 евра, а загарантираната 748,27 евра. Најголемиот број пензионери, како што се наведува, имаат примања од 700 до 800 евра. Лицата, пак, со стаж подолг од четири децении добиваат над 1.100 евра. Рекордот меѓу словенечките пензии го држи сумата од 4.231,5 евра. И, не е бруто, туку нето-износ.
М.А.