ПОВЕЌЕ

    Нови иницијативи пред Уставен против застарување на долговите

    Време зa читање: 3 минути

    По реакциите на Стопанската комора и на Македонската банкарска асоцијација против измените на законите за облигациони односи и за извршување, со кои застаруваат побарувањата после 10 години и каматата не може да ја надмине главницата, а кои беа кажани во поткастот „Каде се парите“ со Горан Теменугов, пред Уставен суд уште една иницијатива за оспорување на овие измени. Оваа барање следува откако веќе еднаш Судот донесе одлука да не постапува по првичните 15 поднесени барања за поведување на иницијатива за оценка на уставноста на измените. Во оваа најнова иницијатива поднесена од адвокатот Љупчо Кузмановски се вели:

    Поаѓајќи од фактот дека Уставот е највисок правен акт и дека сите закони, подзаконски акти и пишани правила треба да бидат во согласност со Уставот, подносителот на оваа иницијатива смета дека потребно е оценка на уставноста на членот 2 од изменувањата и дополнувањата на Законот за облигационите односи“.

    Иницијативата на Кузмановски се однесува на членот 2 од Законот за измени и дополнувања на Законот за облигациони односи каде е наведено дека членот 368 се менува. Со овој член се предвидува застарување на побарувањата постари од 10 години. Во иницијативата се наведува: „Со промената на оваа одредба категоријата на правни и физички лица, кои се доверители ќе бидат ставени во нерамноправна положба со што ќе се предизвика нивна дискриминација, за сметка на други правни и физички лица кои се должници кои ќе бидат привилегирани и ставени во поповолна положба“.

    Покрај тоа се наведуваат и низа недоречености и контрадикторности на други конкретни одредби во законот.

    Инаку, оваа иницијатива за преиспитување на уставноста на Законот за облигациони односи доаѓа откако минатиот месец до Уставниот суд беше поднесена уште една иницијатива за истиот член од овој Закон и тоа од страна на Предраг Баришиќ.

    Инаку, со реакции се јави и Адвокатската комора на Македонија од каде сметаат дека измените на Законот за облигациони односи создаваат правен хаос во пракса. Претседателот на Комората Љубомир Михајлоски, во интервју во дневникот на МТВ, вчера истакна дека со Законот се привилегираат неплаќачите на долговите, а се оштетуваат доверителите, без разлика дали се работи за правни или физички лица. Тој посочи дека многу компании ќе имаат тешкотии во работењето и дека се нанесува голема штета во стопанството.

    Допис со назнака за селективност на законските решенија е испратен и до Државниот завод за ревизија, а писмо е испратено и до кабинетот на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска и до Министерството за правда. Приватниот сектор смета дека ваквите законски решенија им овозможуваат на должниците и од приватниот и од јавниот сектор да бидат во привилегирана положба и им овозможуваат да не мора да ја платат својата набавка и според член 368 ст.3 од ЗОО тоа да застари, при што товарот паѓа на доверителите односно на компаниите, а голем дел од малите приватни фирми заради овие причини ќе се затворат.

    Инаку, во јули минатата година самата Влада му препорача на Собранието да не ги усвојува измените на двата закони, а кои беа поднесени од неколку пратеници од владејачката коалиција. Владата сметаше дека со измените се воведува правна несигурност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично