Владата со буџетот за 2023 година потврди дека Македонија е влезена во период на стагфлација, односно по нискиот раст оваа година, во 2023 година планираат низок раст од 2,9% и повторно висока инфлација од 7,1%. Буџетот се полни од инфлацијата, а не од реалната економија. Во интервјуто за порталот „Пари“ остри критики за усвоениот буџет и фискалната политика во земјава стигнаа од финансискиот експерт и поранешен вицегувернер на Народната банка, Маја Кадиевска Војновиќ.
Пари: Собранието го усвои Предлог-буџетот за 2023 година. Колку според вас е реален буџетот и дали соодветствува со вистинските потреби на граѓаните и стопанството?
Кадиевска Војновиќ: Владата со буџетот за 2023 година планира да потроши 5,3 милијарди евра што е за 65% повеќе од последниот буџет во 2017 година на претходната власт (од 3,2 милијарди евра). Веќе втора година по ред вкупните расходи годишно растат над половина милијарда евра, а во меѓувреме справувањето со кризи потфрла и реализација на инфраструктурни проекти нема. Генерално, Владата со буџетот за 2023 година потврди дека Македонија е влезена во период на стагфлација, односно по нискиот раст оваа година, во 2023 година планираат низок раст од 2,9% и повторно висока инфлација од 7,1%. Но, проекцијата за растот е опимистичка во услови кога забавува економската активност на нашите најголеми трговски партнери и кога забавува и домашната побарувачка заради високите малопродажни цени кои го еродираат реалниот доход на населението и високите цени за струјата, кои ја намалуваат ликвидноста на домашните фирми и можноста за инвестиции. Владата докажа дека нема капацитет да реализира капитални проекти, па затоа базирањето на растот на инвестициската активност на државата е неразумно. Од друга страна, ризиците за инфлацијата се во нагорна насока, поттикнати од надворешни и домашни фактори. Буџетот се полни од инфлацијата, а не од реалната економија.
Пари: Наредната година се очекува буџетски дефицит од околу 700 милиони евра, заради финансирање на капитални расходи. Како го коментирате ова?
Кадиевска Војновиќ: Имаме дежа ву од лани и од претходни години дека златното правило се применува т.е дека Владата се задолжува само за финансирање на капиталните проекти. Но, не е така. Буџетскиот дефицит значајно ги надминува капиталните расходи во последните три години. Ова значи дека не се задолжуваме исклучиво за покривање на капиталните расходи, туку се задолжуваме и за тековни трошења, односно за плати на јавна администрација, за набавки на стоки и услуги, за пензии, социјала, здравство, отплати на камати, субвенции, трансфери до општини итн. Златното правило не важи за оваа Влада. Кумулативниот дефицит од 2018 година заклучно со 2022 година (за пет години) ќе биде околу 2,5 милијарди евра, а кумулативните капитални расходи се пониски и околу 1,5 милијарди евра. За споредба, од 2007-2017 година, за 11 години на претходната власт буџетскиот дефицит е 2,4 милијарди евра со повеќекратни кризи кои не ги почуствувавме, а кумулативниот износ на реализирани капитални расходи е 3 милијарди евра. Со оваа власт дефицитот т.е задолжувањето значајно се мултиплицира, справувањето со кризите потфрла, не се испорачува економски раст, а најмалку преку капитални државни инвестиции. Уште повеќе, четврта година по ред Владата ќе креира исклучително висок буџетски дефицит од 694 мил.евра, колку и оваа година. Во 2021 година буџетскиот дефицит беше 630 мил.евра и во 2020 година изнесуваше 874 мил.евра. Финансирањето на функциите на државата со толку високи дефицити е неодржливо, создава и ќе создаде уште поголеми проблеми во иднина.
Пари: Но, капиталните инвестиции во 2023 година Владата ги планира да изнесуваат 800 милиони евра. Дали имаме капацитет за ваква реализација?
Кадиевска Војновиќ: Капиталните инвестиции од 800 мил.евра ќе бидат само на хартија, а во пракса ќе бидат значајно помалку. Како и во претходните години, така и оваа година имаме висок иницијален план на капитални расходи којшто на крај не се исполнува. Нереално е да се планираат капитални расходи за 2023 година како 15% од вкупни расходи, а знаат дека реализираат само околу 7,5%, колку што е просекот од 2018-2021 година. Што ќе се случи толку различно за една година за да ја подобрат реализацијата за 100%? Ова повеќе личи на предизборно ветување кое ќе остане само ветување. И во 2022 година капиталните расходи иницијално беа планирани на 622 мил.евра, па со ребалансот се намалија за 100 милиони евра и со последната распределба дополнително за околу 100 мил.евра. Остварувањето на капиталните расходи до 19.12.2022 година беше 336 мил.евра, а на 21.12.2022 година е 383 мил.евра (за три дена плус 50 мил.евра). Но и со последната дата тоа е само 62% од иницијалниот план за капиталните расходи.
Пари: Вкупните приходи годишно ќе пораснат за 14,8%. Од каде ќе дојде растот?
Кадиевска Војновиќ: Планот на приходите базира на инфлацијата којашто помага во полнење на буџетот, но во исто време овој план ќе создаде инфлација, а ефектите од промените во даночната политика се мали според она што е репортирано до ММФ. Очекуваниот годишен раст на приходите од 590 мил.евра е историски највисок досега, но не заради тоа што имаме економски бум, туку затоа што преку ДДВ приливите односно преку инфлацијата се полни буџетот, преку растот на минималецот се зголемува основата за одданочување кај персоналниот данок на доход и придонесите, преку растот на цените на акцизните стоки пр. нафата растат приливите од акцизи и преку растот на цените на увозот растат приливите од увозните давачки. Ефектот од промените во даночната политика од страна на власта сочинува околу 13% од овој раст или 75 мил.евра.
Само од придонеси се очекуваат плус 154 мил.евра во однос на лани, што во услови кога се отстапи од наплата на придонеси на хонорарци, базира на планираниот раст на минималецот кој има потенцијал од страна на приватниот сектор да се пренесе повторно врз раст на цените и да ја засили инфлацијата. Во буџетот значајно ја намалуваат сумата за субвенции за поддршка на растот на платите и минималецот, што беше мерка од страна на оваа Влада. Растот на минималецот ќе се отслика и во раст на приходите од персоналниот данок на доход (од 63 мил.евра). Тука, се очекува ефект од околу 12 мил.евра од одданочување на капиталните добивки, премиите за животно, доброволно пензиско и здравствено осигурување, но и од одданочување на приходите од камати, што во последен момент се одложи. Од друга страна, инфлаторното полнење на буџетот се гледа во високиот раст на приливите од ДДВ од 163 мил.евра. Во овој раст се инкорпорирани 44 мил.евра фискален ефект од зголемувањето на повластените стапки од 5% на 10% на ревидираната листа на производи за храна, на услугите за смествување, на прометот на електрична енергија за домаќинства. Сѐ ова ќе се преслика во раст на инфлацијата. Промена има и кај данокот на добивка, а оценетиот фискален ефект е околу 19 мил.евра, заради инкорпорирано одданочување на приходот на малите и микро фирми, промените кај донациите за спорт и кај премиите за животно осигурување. Потенцијалните приливи кај данокот на добивка ако се воведе данокот за екстра профит не се вклучени во буџетот, но концептот и опфатиот допрва треба да го видиме. Би сакала да потенцирам дека објавувањето на даночните промени по поднесување на буџетот во собраниска процедура и само еден месец пред почеток на календарска година е неетично однесување на власта, кое на овој начин не креира стабилна и предвидлива бизнис околина.
Пари: Расходите за наредната година се планирани на високо ниво од 5,3 милијарди евра или за 12,6% повисоки во однос на 2022 година. Каде ќе се трошат парите?
Кадиевска Војновиќ: Веќе кажав дека втора година по ред вкупните расходи ќе растат над половина милијарда евра. Тоа е многу. Но треба да е јасно дека во овие средства нема ништо за градење на енергетската инфраструктура, односно за зајакнување на капацитетот на домашната економија да се справи со перманентниот шок од растот на цената на електричната енергија. Инвестициите во енергетиката, во обновливи извори на енергија, коишто Владата сака да ги престави како свои, во најголем дел се приватни инвестиции што значи дека продажбата на електричната енергија ќе се реализира по пазарни цени. Приватниот сектор забрзано се адаптира на овој перманентен шок, но не и државата која само ја покрива неспособноста на државната ЕСМ со пари од буџетот. Тоа се наши пари, на фирмите и населението, а данокот за оваа неуспешност допрва ќе се плаќа. Ни во буџетот за 2023 година нема средства за развој на енергетика. Смешна е сумата од само 7,8 мил.евра, од кои само 3,3 мил.евра е за гасна инфраструктура. Може ќе кажат дека во јавното претпријатие Национални енергетски ресурси или дека ЕСМ има обезбедени средства, но реализацијата на проектите никој не ја гледа.
Расходата страна на буџетот е како разгорен пожар кој самата Влада го создаде. Во 2023 година планираат 590 мил.евра повеќе да потрошат од 2022 година. Планираат раст кај капиталните рaсходи од 270 мил.евра (кој нема ни да биде), а кај тековните трошоци од 317 мил.евра. Најголем дел на годишниот раст на тековните трошења се однесува на растот на трансферите од ПИОМ за околу 140 мил.евра (102 мил.евра во 2022 година). Ова е заради усогласувањето на пензиите со високата инфлација и растот на просечната плата. Е сега дали некој гледа што значеше да имаме пониска инфлација? Колку многу нѐ кошта неуспешноста во справување со инфлацијата од страна на власта и централната банка? Колкав трошок се продуцира во економијата? Во 2023 година растат и трансферите за здравствена заштита за 63 мил.евра (51 раст во 2022 год.), што е чудно зошто веќе немаме здравствена криза. Најверојатно ова се однесува на поголемо издвојување на пари за помирување на кумулираните долгови во здравството кои беа создадени од 2020 година наваму. Со еден збор опашките од минатото се влечат.
Сепак, најмногу загрижува фактот што нема позначајна консолидација во тековните трошења. До ММФ е репортирано дека мерките за консолидација на трошењата се во износ од 24 мил.евра, заради штедењето на електрична енергија, кратење на трошоците за патувања и репрезентација, на регрес на надворешни консултанти, на трошоци за наем и опрема. Ова според мене е малку, односно дали 24 мил.евра е доволно во буџет тежок 5,3 милијарди евра? Но, затоа пак разните трансфери се повторно високи околу 440 мил.евра, а трошоците за стоки и услуги се 380 мил.евра т.е трета година по ред на исклучително високо ниво наспроти историскиот просек од 250 мил.евра. Ова не е консолидација на трошењата. Мерките за справување со ковид-19 кризата и други антикризни мерки (уште ги викаат ковид мерки) во 2022 година се во износ 188 мил. евра, а за 2023 година во износ од 239 мил.евра. Овие средства во најголем дел се однесуваат на трансферите од буџетот до ЕСМ, за покривање на загубите во услови на целосно потфрлање на домашното производство на електрична енергија и потреба од увоз којшто е по повисока цена од домашната производна цена. Трансферите до ЕСМ се планира да се зголемат и покрај тоа што Владата пристапи кон прогресивна цена на електричната енергија и неколкукратно ја зголеми цената на електичната енергија (и уште ќе ја зголемува), со што полека ги напушната општите (за сите) субвенции за струја. За издвоените средства за патната и железничката инфраструктура не зборувам, зошто реализацијата на истите е утопија за оваа Влада.
Пари: Како ќе се финансира буџетскиот дефицит од 700 милиони евра?
Кадиевска Војновиќ: Покрај овие 700 мил.евра буџетски дефицит којшто треба да го финансираме нѝ требаат уште 846 мил.евра за отплата на стари долгови или вкупните потреби за финансирање се над 1,54 милијарди евра и од некаде треба да се најдат. Според Владата, домашно ќе обезбедиме 545 мил.евра (на домашен пазар на ДХВ) и во странство ќе обезбедиме над 1 милијарда евра, или на нето основа ќе создадеме нов домашен долг од околу 290 мил.евра, а странски околу 490 мил.евра. Но, оваа година наспроти желбата домашно да се соберат околу 340 мил.евра на нето основа, до 19.12.2022 година Владата има само 1/3 од овој износ. Ова е од причина што просторот на домашен пазар е значајно стеснет, при веќе висока изложеноста на банките кон државата и ограничен капацитет на останатите институционални инвеститори. Ова е ризик на среден рок и е спротивно од она што го има во фискалната стратегија од 2023-2027 година дека државата ќе најде повеќе средства на домашен пазар. Исто така, затегнатите условите на меѓународните финансиски пазари при раст на основните каматни стапки и затегање на квантитативното олеснување од страна на глобалните централни банки, зголемената побарувачката од европските држави кои создаваат нов долг за да ги покријат зголемените потреби за обемните мерките, го прават нашето пазарно задолжување во странство тешко. Доказ е оваа година, во којашто наместо Владата да се задолжи на меѓународен пазар на капитал на подолг рок по сѐ уште поволни каматни стапки особено во првиот квартал на годината, мораше во втората половина на година да пристапи кон пократкорочно задолжување со повисоки и тоа варијабилни камати на заемите (со 6 месечен еурибор) кај комерцијални кредитори и преку Дојче банк да издаде хартии од вредност на германскиот пазар. Заемот од ММФ од 530 мил.евра е добар бафер, но мојата проценка е дека нема да се искористи целиот износ, а истиот ќе послужи како котва за сигурност пред меѓународните инвеститори, кои ќе бараат значајно повисоки камати од она што до сега се научи Владата. Комоцијата којашто ја имаше Владата веќе не постои, па затоа пристапија кон фискална консолидација, што за мене не е доволна. Единствено министерот за финансии ја разбира ситуацијата во којашто се наоѓа државата. Најголемиот товар од политиката на оваа Влада тековно е на негови плеќи.
Јавниот долг на крајот од 2023 година треба да достигне 60,6% од БДП, но овој релативен показател базира на исклучително висок номинален БДП (заради раст на БДП дефлаторот). Но ако гледаме во апсолутни броеви, според фискалната стратегија од 2023-2027 година, вкупните потреби за финансирање (планирани дефицити плус стари долгови) кумулативно се околу 6,5 милијарди евра! Во 2023 година достасува еврообврзицата издадена во 2016 година од 450 мил.евра, а во 2025 година достасува 500 мил.евра еврообврзница издадена во 2018 година, и во 2026 и 2028 година достасуваат две еврообврзници од по 700 мил.евра издадени во 2020 и 2021 година. Ова е голем ризик на среден рок. Не само што рефинансирањето ќе биде скапо, туку дали ќе можеме да рефинасираме или ова уште сега повикува на реструктуирање на долг.
Плаши и фактот што растот на каматните стапки и растот на нивото на јавниот долг значајно се пресликува врз буџетот и го стеснува просторот на пр. за капитални расходи. Така, каматните отплати во 2023 година ќе достигнат 210 мил.евра, а во 2017 година беа 136 мил.евра, што е раст од високи 54%. Според фискалната стратегија од 2023-2027 година во 2024 година отплатите на камати ќе бидат 254 мил.евра, а во 2027 година ќе достигнат и до 390 мил.евра.
Пари: Во летото се донесе новиот Закон за буџети со кои се поставија фискални правила и се уреди формирање на фискален совет. Што ќе значи ова за фискалната политика?
Кадиевска Војновиќ: Прва година на примена на новиот Закон за буџети во кој има фискално правило дека дефицитот на општата влада не може да биде повисок од 3% од БДП и прва година на негово прекршување. Буџетскиот дефицит е планиран на 4,6% од БДП во 2023 година. Во член 10 точка (6) стои: Владата може да отстапи од утврдените фискални правила при настанување на која било од следниве исклучителни околности и тоа: природни катастрофи и екстерни шокови кои влијаат на загрозување на националната безбедност или животот и здравјето на луѓето; вонредна и/или кризна состојба; остри финансиски или економски шокови, кои ќе резултираат со негативен или многу низок годишен реален раст на БДП блиску до нулата, за чие надминување e потребна значителнa поддршка од фискалната политика. Во точка (7) стои: Отстапувања од фискалните правила се дозволени за реализација на инвестициски проекти со позитивно влијание врз БДП. Отстапувањата не треба да надминуваат 0,5% од БДП годишно и кумулативно во период од пет години.
Е тука се поставува прашањето: Кое оправдување ќе го даде Владата? Ќе бидеме ли цела година во кризна состојба? Ќе бидеме ли во војна? Или проценуваат остри економски шок и низок БДП блиску до нула раст? Кој остар економски шок, па нели енергетската криза е решена и смирена во Европа и истите успешно се справуваат со кризата? Воедно, според ревидираната фискална стратегија за 2023-2027 година, надминување на фискалното правило за буџетскиот дефицит ќе имаме до 2025 година. Значи, до 2025 година ќе бидеме во криза.
Пари: Во повеќе наврати потенциравте – ова не е одржливо. Зошто?
Кадиевска Војновиќ: Сѐ ова што истакнав погоре е неодржливо. Веќе подолго време алармирам дека фискалната одржливост во Македонија е нарушена. Фискалните бафери или фискалниот простор преставен преку релативно ниското ниво на јавен долг веќе го немаме, а политиката на умерени фискални дефицити се напушти во кризните пандемиски години и по нив. Приходите беа погодени во 2020 година заради кризата со ковид-19, но под влијание на отварање на економијата и почеток на инфлацијата во 2021 и 2022 година значајно се опоравија. Затоа пак, расходите во континуитет бележат раст и нема никаква консолидација од расходна страна. И понатаму се вработува во јавен сектор, и понатаму се префрлаат трансфери на општини кои не се грижат за сопствените финансии. И понатаму се толерира сивата економија. Алармирав и дека времето на негативни реални каматни стапки ќе бидат минато, а големите потреби за рефинансирање на долгот којшто беше кумулиран во овие години на среден рок ќе бидат скапи и пристапот до пазарно надворешно финансирање ќе биде потежок во услови на исцрпен фискален простор и отсуство на кредибилна фискална консолидација. Наспроти тврдењето на Владата дека консолидацијата на приходите обезбедува правичност и ефикасност во одданочувањето тоа никаде не го гледаме. Консолидацијата започнува од оние кои плаќаат даноци, а не од оние кои не плаќаат даноци. Борбата со сивата економија и примена на мерки за нејзино искоренување изостанува. Правичност во одданочување нема додека некои општини собираат даноци, а други живеат на сметка на сите нас. Правичност нема кога некои фирми плаќаат давачки на државата, а некои работат во сива зона и создаваат нелојална конкуренција.
Исто така алармирав дека високото ниво на јавниот долг заедно со неповолната структура на буџетот ќе преставуваат сериозна кочница за идниот раст на македонската економија. Од 2018-2022 година просечниот економски раст е само 1,7%, што покажува дека оваа Влада нема капацитет за повисок раст, а планира на сред рок да оствари раст од 5%. Што ќе биде кога инфлацијата на среден рок ќе спласне, а веќе имаме зголемени преземени обврски за пензии, плати на јавна администрација, големи кумулирани доспеани а неисплатени обврски на државата?
Во економијата нема бесплатен ручек. Сметката од владеењето на оваа Влада доаѓа. Неуспехот да се справи со кризите и да креира услови за долгорочен економски раст нѐ носи кон, како што ќе напише Ернест Хемингвеј: „Како банкротираш?“ На два начини. Постепено, а потоа одеднаш“ (зборови од романот на „Сонцето исто така изгрева“).
ЧИТАЈТЕ И: 16 МИНИСТЕРСТВА ЌЕ ДОБИЈА РАЗЛИЧНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ
ОТКРИЕНИ ОМИЛЕНИТЕ АДМИНИСТРАТИВЦИ: Во кое министерство платите ќе пораснат 30%?
Редакција Пари