Пензионерите ќе добијат по илјадарка, а за државната каса тоа ќе претставува дополнителни 1,5 милијарди денари, односно 24,4 милиони евра. Според статистиката за ПИОМ, во мај се исплатени пензии на 344.796 корисници. Ако се смета по тие бројки, тоа значи дека секој месец треба да се обезбедуваат плус 344.796.000 денари (5,6 милиони евра).
„Предлогот на законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување предизвикува фискални импликации. Дополнителните фискални импликации за 2025 година изнесуваат 1.500.000.000 денари“, пишува во текстот што е на разгледување во Собранието. Всушност, во текот на денот парламентарното мнозинство ќе го изгласа предложениот законски текст, во кој не е наведен конкретниот износ.
„Сите видови на пензии, кои се исплаќаат во Република Северна Македонија, на 1
септември 2025 година и на 1 март 2026 година се усогласуваат на начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите пресметан како збир од 50% на порастот на индексот на трошоците на живот и 50% на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година“, предвидено е во вториот став од член 2.
Како и да е, вревата се крена за вкупно две илјади, кои ќе уследат со промените во септември и потоа во март.
На овој начин ќе бидат оштетени најголем дел од пензионерите, реагираат од СДСМ, нагласувајќи дека се нарушува и принципот на правичност – секој да добива според својот придонес. „Ова е не само нечесно, туку и штетно за пензискиот фонд, кој веќе се соочува со дефицит над 47 проценти и сооднос од само 1,6 вработени на еден пензионер, најлош досега“, се вели во партиското соопштение.
Од нивната анализа произлегло дека 92,5 отсто од пензионерите ќе земаат помалку пари од тоа што би добиле со редовно усогласување. Паралела е направена за тоа колку би се зголемиле пензиите со редовното усогласување, а колку со линеарното. Еве што покажале нивните пресметки.
Исто така, нагласуваат дека „пензионерите не само што се оштетени сега, туку и идното усогласување во март 2026 ќе се врши на пониска основица, што значи дека и тогаш ќе добијат помалку од заслуженото“.
Се уште актуелниот Закон за пензии предвидува усогласувањето кое се врши двапати годишно, да ги следи движењата на просечната плата и на инфлацијата, односно на трошоците на животот. Доколку остане така, тогаш пензиите во септември ќе се зголемат за околу пет насто, посочуваат од СДСМ.
„За пензија од 25.000 денари зголемувањето ќе беше 1.250 денари, а сега се добива само 1.000 денари. Кај повисоките пензии штетата е уште поголема. На пример, за пензија од 40.000 денари, наместо 2.000 денари, пензионерите ќе добијат двојно помалку“, укажуваат од опозициската партија. Од Владата побараа да го повлече предложениот модел и пензионерите да добијат зголемување согласно важечкиот закон и нивниот реален придонес во системот.
Пред да се направи пресврт во поглед на растот на пензиите, и заменик минстерот за труд, социјалана политика и млади, Ѓоко Велковски, зборуваше во полза на постојната методологија. „Не можеме да си играме со пензискиот систем. Не можеме да дозволиме наши граѓани да останат без примања во пензионерските денови“. На партиска трибина пред пензионерите тој наведе дека се работи на промени, но „промените мора да се засновани на анализи, а не на ад-хок решенија, затоа што односот вработени – пензионери веќе не е 2:1, туку е 1:1,5, дури ни толку“.
Работите се сменија по реакциите на пензионерите од Свети Николе, кои инсистираат на линеарно зголемување.
„Тоа го бараат пензионерите од Владата. Ние тој глас го слушнавме како Влада“, изјави неодамна премиерот Христијан Мицкоски. Потоа, веднаш се премина од зборови на реализација.
Оваа изјава на Мицкоски го предизвика коментарот на некогашниот министер за финансии, Џевдет Хајредини: „На пензионерите со многу ниски пензии, како и на други граѓани со ниски примања, државата може и треба да им додели линеарна помош. Но, ќе го прифати ли Мицкоски и евентуалното барање, пензиите да бидат еднакви за сите, ако тоа од Владата пред избори го бараат пензионерите, како што не било никогаш и нигде. Многу повеќе пензионери би гласале за партијата на власт, доколку сите пензии се изедначат“.
Дел од пензионерите бараа линеарка, но не се надеваа на илјадарка. Оттаму и поделените мислења за претстојните зголемувања. И да не е популистички предизборен потег, велат економските експерти, сепак му штети на пензискиот систем, чија одржливост и премногу е зависна од државниот Буџет. Во тој контекст е и коментирот на еден од нив: „Ова е рушвет што на пензионерите им се дава пред избори. А, рушветот го нема во Кривичниот законик“.