ПОВЕЌЕ

    TOW#535 – Корона економија

    Време зa читање: 6 минути

     

    Веројатно и ние не може да се правиме како ништо да не се случува и неизбежно е да ја обработуваме новонастанатата ситуација, и како таа влијае врз нас и нашето секојдневје.

    Од сите страни сме бомбардирани со секакви информации за новиот непријател – короната. Се натпреваруваме кој има повеќе нови и свежи информации, кој чул нови статистики, анализи и теории на заговор. И, како да се заштитиме, како да миеме раце и да не се заразиме. Целиот фокус, или барем поголем дел, е ставен на директната борба со непријателот. Во ситуација на напад и загрозување на животот (како што е сега вирусот), мозокот целосно се трансформира, се фокусира и размислува само на едно. Како да преживее! Како да се заштити од нападот на непријателот.

    Како сето тоа влијае врз нас самите, нашата психа и живот, воопшто, е тема за широка расправија и анализа, а богами е и добро разработено на ФБ. Но она што сакам овде да го истакнам е дека помалку сме фокусирани на другите индиректни (негативни) случувања и ефекти од борбата за преживување со вирусот. И, нормално е да се има таков став, поради тоа што и психолошки многу е тешко да се бориме на два фронта. Од една страна, вирусот напаѓа со цела армија, а од друга страна, треба да се опстане и да се преживее тој напад и да продолжиме да функционираме како во нормални услови.

    Економскиот ефект што допрва следува во идниот период може да биде уште полош во однос на „првиот“ непријател. Анализите велат дека многу голем број мали и средни претпријатија (нормално, ако ова продолжи вака уште некое време) ќе бидат сериозно погодени, а богами и големите не се безбедни, доколку не се промени нешто итно во стратегијата и во процесите на работа. Некои истражувања што ги читав велат дека дури 35 % од фирмите имаат пристап „чекај и гледај“ што ќе се случи, па потоа реагирај. Добро е што поголем дел се подготвени за акција и за менување, но мене ми се виде овој број (35 %) многу висок.

    Колку и да е тешко, мора да најдеме начин, сила и мудрост како во целата оваа ситуација ние да опстоиме со нашите бизниси. Преземањето акција, да се биде проактивен, е единствената мерка што може да се преземе во овој момент. Не смееме да чекаме да видиме што ќе се случи, туку мора да размислуваме визионерски и да се адаптираме и да реагираме на моменталните случувања. По цена и да згрешиме во своите предвидувања.

    Што може да се направи:

    • Прифатете ја ситуацијата: не е борбата на едно поле, туку на минимум две (или повеќе) полиња. Ова е нешто што морате прво да го прифатите. Мозокот веднаш да се подели на повеќе фронтови и да го смени фокусот од една ситуација на повеќе.
    • Трансформација на бизнисот: нешто мора да се смени! Па, дури и да не сте премногу зафатени од негативните економски случувања, нешто со стратегијата или со тактиките на работење треба да се промени. Мислете на ширење на бизнисот, реадаптација или целосно менување и, ако имате можност, искористување на моменталните ресурси.
    • Размислувајте надвор од кутијата: сега е најдобро време тоа што го кажуваат сите „размислувај надвор од кутијата“ вистински да се покаже на дело и во практика. Во овој момент нема „глупави“, „ненормални“ или „откачени“ идеи. Сите идеи може да се добредојдени.
    • „Сите сме во кошот“ – ова не се однесува само на сопствениците и на директорите, ова се однесува на сите работни луѓе. Сите сме засегнати. И, секој мора да помогне. Ако некој има што да каже, да предложи што може да се подобри во компанијата, треба да се избори за тоа. Секој предлог е добредојден. А, и иницијативата од тој тип менаџерите секако ќе ја сфатат добредојдено и позитивно.
    • Заеднички „brainstorming“ со тимот: вклучете го целиот тим. Направете работни групи каде што ќе дискутирате за тоа како да се преживее оваа ситуација. Почитувајте ги и слушајте ги идеите и предлозите на сите. Ако имате голем тим, направете некој модел на анкетирање, каде што секој од вработените ќе може да даде свој придонес.
    • Ширење на каналите на продажба: секоја компанија има некои свои основни канали на продажба. Сега е време да се прошират каналите. Размислувајте за онлајн-продажба, размислувајте како да дојдете до нови целни групи, како да отворите нови иновативни канали каде што може да продавате. Сигурен сум дека, ако размислите убаво, ќе дојдете до 2-3 нови канали.
    • Ширење на бројот на клиентите: локално, регионално, интернационално. Сите компании живеат од своите активни клиенти. Но тие во вакви ситуации или ја намалуваат фреквенцијата на купување или ја одложуваат. Затоа е потребно да размислувате за нови начини како да ја проширите дата-базата на клиенти.
    • Инвестиции во маркетинг и во продажба: во вакви ситуации сите кратат на промоција и поддршка на продажбата. Секако дека мора да се има рационален и домаќински пристап со инвестициите, но немојте целосно да ги кратите промотивните и продажните активности. Тоа е нешто што ќе ви помогне да ги развиете претходните точки.

    Знам дека е лесно да се напише/каже сето ова, но и јас најмногу го пишувам овој текст со цел самиот да се мотивирам и да размислувам проактивно. Убаво е што сите ние во овие услови го практикуваме будистичкиот концепт „живеј во моментот“, но сега е време да се размислува проактивно и за времето што доаѓа.

    Со успех во промените,
    Петар Лазаров
    Член на тимот
    МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг

    www.macedonia-export.com
    „Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат на www.pari.com.mk во соработка со www.tipoftheweek.co обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој:
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично