ПОВЕЌЕ

    ПЕНЗИЈА ШТО ЌЕ ТРАЕ ЦЕЛ МЕСЕЦ – Желба на секој пензионер

    Време зa читање: 5 минути

    Сосема е извесно дека во септември кај пензиите ќе има поместување диктирано од растот на инфлацијата и на просечната плата. По отстапувањето направено со линеарното зголемување за пет илјади денари, се враќа методологијата на усогласување. „Не можеме да си играме со пензискиот систем. Не можеме да дозволиме наши граѓани да останат без примања во пензионерските денови“ – образложи неодамна заменик министерот за труд, социјалана политика и млади, Ѓоко Велковски.

    Пензионерите – и со ниски и со високи примања – на двапати добија по 2.500 денари, со што целосно се реализира предизборното ветување дадено од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кое според одредени проценки, на партијата и донело 250 илјади пензионерски гласови. Секако, останува тврдењето дека тоа бил направено со единствена цел, да се подобри состојбата на сите пензионери. Оттаму, додаваат, расчекорот меѓу најниската и највисоката пензија повеќе не е еден спрема седум, туку еден спрема четири. Но, понатаму, оваа практика не само што не е изводлива, туку е и опасна по стабилноста на пензискиот систем. На што често предупредуваа(т) и економистите и одделни пензионерски активисти.

    Откако сите пензии, и тие од 16 илјади и тие од 86 илјади денари се зголемија за ист износ, сега сѐ почесто пензионерите го споменуваат предлогот за скалест раст. Или, повисоките примања да се поткрепат со помал, а пониските со поголем процент. Можеби и ќе се случи такво нешто, но како што рече Велковски, формирано е владино тело од стручни лица кои работат на промени во пензискиот систем. А, промените мора да се засновани на анализи, а не на ад-хок решенија, затоа што односот вработени – пензионери веќе не е 2:1, туку е 1:1,5, дури ни толку, нагласи заменикот министер.

    Исплатата на пензиите одамна е зависна од буџетските дотации. Најголемиот дел од средствата во државната каса се наменети за социјала и пензии. Сумите постојано растат, а таков е случајот и во предложениот ребаланс за кој дебатираат пратениците. Парите потребни за пензионерите се засилуваат со дополнителни 2,5 милијарди денари, односно над 40 милиони евра.

    Најлесно и најчесто се испорачуваат решенија кои во одреден период ја смируваат ситуацијата. Коренитите промени за кои сите се согласни дека се неопходни, никако да стасаат до пензискиот систем.

    ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ РЕГРУТИРАНИ 469 НОВИ КОРИСНИЦИ НА НАЈНИСКИТЕ ПЕНЗИИ

    Барем се редовни пензиите, велат пензионерите, кои знаат дека првиот ден од месецот им носи прилив на платежните сметки. Во мај, според статистиката на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, вкупниот износ за пензии бил распореден на 344.796 банкарски сметки.

    Во петтиот месец од годинава била исплатена просечна пензија од 26.157 денари, што е еднакво на 425 евра. Најнизок е просекот на земјоделската (259 евра), а највисок на воената пензија (564 евра). Старосната пензија, чии корисници се и најбројни – 245.459, изнесува просечни 27.775 денари или 452 евра.

    Бројот на примателите на најниските законски пензии е во пораст. Месечната разлика е 469 лица, од 90.834 во април на 91.303 во мај. Споредено со јануари, кога најмалку пари имале на располагање 89.675 пензионери, состојбата е изменета за дополнителни 1.628 корисници. Платите и придонесите од претходниот работен стаж им обезбедуваат пензии кои се движат од 18.192 до 21.909 денари, а во евра од 296 до 356.

    Поинакви се бројките што ги изразуваат и највисоката пензија и нејзините корисници. Износот е 88.013 денари или 1.431 евро. Во однос на април, ове има еден корисник повеќе. Во мај оваа пензија била исплатена на 18 лица. Кои, пак, се дел од тие 0,93 проценти што не би требало да се пожалат од висината на пензионерските примања. Таа група ја сочинуваат 3.209 пензионери.

    МАЛИ ПЕНЗИИ – ДОБРИ ВИЦОВИ

    Гледано по групите на исплата на мајската пензија, најголемиот дел од македонските пензионери месечните потреби ги задоволуваат со суми од 18.193 до 21.909 денари. Тоа се однесува на 123.289 корисници, кои во целата пензионерска армија учествуваат со 35,76 проценти. Меѓу нив, најголем е уделот на лицата што примаат старосна пензија – 72.207, додека 42.232 се со семејна, а 8.850 со инвалидска пензија.

    Добро е што и покрај сѐ, пензионерите не ги напушта смислата за хумор и желбата да се пошегуваат на своја сметка.

    Па, за зголемување на пензиите коментираат – Политичарите го викаат „историско“, пензионерите го викаат „невидливо“.

    Македонски пензионер влегува во маркет со 1.000 денари, а излегува со два производи, три прашања и еден нервен слом.

    Роденденска желба на секој пензионер – пензија што трае цел месец.

    И, за крај: „Пред пензија имав висока плата и низок притисок. Сега имам ниска пензија и висок притисок“. А друг вели: „Имам пензија што не може да се измери со владин калкулатор. И се прашувам, дали ми е оваа пензија за живот или казна за долговечност?“.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично