ПОВЕЌЕ

    Иста месечина, два света

    Време зa читање: 6 минути

    Меѓународниот ден на популацијата (World Population Day) се одбележува секоја година на 11 јули. Овој ден е прогласен од Обединетите нации во 1989 година, со цел да се подигне свеста за прашањата поврзани со популацијата, како што се растот на населението, планирањето на семејството, здравјето на мајките, еднаквоста меѓу луѓето и одржливиот развој.

    Легитимно е да си го поставиме прашањето, што може да направи секој од нас? Како да ни треба уште малку, само еден вистински чекор за да го запреме одливот на луѓе, одливот на мозоци, за да создадеме функционална, праведна, пристојна држава во која луѓето ќе сакаат да останат.

    По повод Меѓународниот ден на популацијата, се потсетуваме дека зад секоја бројка во популацијата стои чoвекова приказна. Во светот на пензиските фондови, анализата и статистиката не се само броеви. Тие претставуваат  животна состојба, миграција, економија, семејства. Иако често работиме со просечни вредности, мора да признаеме дека, како што велат, еден јаде месо, друг зелка – а во просек сите сме јаделе сарма. Но, анализата и статистиката не смее да останат само на просекот. Тие треба да потсетат дека зад секој параметар се крие реален живот.

    Работам во капитално финансираното пензиско осигурување, во Сава пензиско друштво од 2005 година и секоја година повторно се среќавам со еден ист феномен – функционалноста на членството на пензиските фондови. Тоа значи: дали членовите редовно добиваат придонеси, дали се активни, дали се тука. Во минатото намалувањето на функционалноста лежеше во проблемот на невработеноста, во отпуштањата. Но, денес кога бројот на вработени расте, функционалноста не се зголемува.

    Зошто? Затоа што луѓето си заминуваат.

    Овој феномен, кој го следам низ бројки и извештаи, доби една посебна човечка димензија во моите мисли потсетувајќи се на едно мое патување кое го имам остварено во минатото.

    Пред околу десетина години ја посетив Индија — земја полна со контрасти, каде минатото и сегашноста живеат рамо до рамо. Престојувавме во хотел во Пондичери, посебна територија на југоисточниот брег на Индија која, иако е географски опкружена со сојузната држава Тамил Наду, не ѝ припаѓа. Пондичери е дел од поранешна Француска Индија и тоа француско наследство сè уште се чувствува — во архитектурата, атмосферата, па дури и во имињата на улиците напишани на француски.

    Нашиот домаќин, мал бизнисмен од Пондичери, еден ден нè поведе на патување кон неговото родно село во внатрешноста на Тамил Наду. Патиштата беа широки, но не автопати. Од двете страни, луѓето одеа — боси, тивки, со товари на главите и деца во рацете. Во Индија, патот не е само сообраќајница, туку сцена на животот. Постои некоја безвременска динамика — сè се движи, секој оди некаде, со или без цел.

    Стигнавме во селото. Куќите беа од плитар, со покриви од слама. Само една куќа беше од цврста градба — онаа на нашиот домаќин. Тој, иако веќе живееше во градот, ја задржал куќата за своите родители. Но и покрај тоа, тие спиеја на дрвени кревети без душеци, во скромни услови што говорат многу за секојдневието на милиони луѓе во тој регион. Животот беше тежок, но достоинствен.

    Таму живееја Тамилци — еден од најстарите народи во светот, со длабоки културни корени. Тамилскиот јазик е еден од најстарите живи јазици во светот, со пишани траги што датираат над 2.000 години. Тамилците се горд народ, со своја литература, музика, уметност и систем на вредности што преживеал империјализам, колонијализам и сиромаштија. Но и покрај тоа, денес многумина живеат во крајна беда — без инфраструктура, без социјална заштита, со приходи што едвај ги задоволуваат основните потреби.

    Купивме една вреќа кокосови ореви за 100 рупии — околу 100 денари. Евтино за нас, но таму секој орев беше резултат на труд, сонце и чекање. Нема ништо романтично во сиромаштијата кога ја гледаш одблиску.

    На враќање назад кон хотелот во Пондичери, седев во тишина. Ги впивав тие слики — прашливи патишта, лица со историја, живот со тежина. И тогаш, погледнав кон небото. Месечината. Сјаеше. Иста како дома. И покрај сè што беше различно — јазици, мириси, живот — месечината беше иста. Тој момент ми ги врза двата света.

    Се запрашав – дали е системот тој што прави една култура со илјадници години зад себе да остане во сиромаштија? Во Индија, капитализмот влезе со полна сила, но во општество каде што милиони беа без основа. Тој донесе богатство за некои, но остави многумина зад себе. Македонија, пак, излезе од социјализмот во 1991 година. Се поставува прашањето, што направивме за речиси 25 години? Дали градиме системски решенија, што не важат само за еден ден? Дали постои една кратковидост, која за жал нѐ не носи кон долгорочно одржливи решенија?

    Ние, Македонците, не сме ни два милиони. Имаме своја држава, свој јазик, своја територија и исто така древна култура. Изградивме многу — институции, патишта, системи. Но, нешто недостасува. Како да ни треба уште малку, само еден вистински чекор за да го запреме одливот на луѓе, одливот на мозоци, за да создадеме функционална, праведна, пристојна држава во која луѓето ќе сакаат да останат. Држава со систем на кој му веруваме. За разлика од нас Тамилците немаат своја независна држава. Припаѓаат на една голема федеративна држава која се нарекува Индија. Но, имаме уште една значајна разлика со Тамилците, тие се многу. Традицијата на многудетни семејства опстојува и нивниот опстанок како народ не е доведен во прашање, иако процесот на намалување на многудетните семејства кај нив е веќе длабоко навлезен особено во урбаните средини.

    Можеби одговорот на нашето долгорочно опстојување како народ лежи во еден нов баланс —социјална сигурност во која мораме да дадеме и личен пример, свесност и придонес, систем во кој има конкуренција, но и заштита на најслабите. Во кој има пазар, но и ред. Во кој има успех, но и правда.

    Во таа смисла, вреди да се сетиме на една мисла што неодамна ми ја кажа еден мој драг пријател. Оваа мисла често му се припишува дека ја кажал Бенџамин Френклин, иако тоа до крај не е потврдено:

    „Демократијата е кога два волка и едно јагне гласаат што да ручаат. Слободата е кога јагнето е наоружано и го оспорува гласот.“

    Оваа слика на суровата демократија ни укажува дека бројките сами по себе не создаваат праведност. Вистинскиот систем треба да го заштити јагнето дури и кога е малцинство.

    Можеби тоа е нашиот пат: да го прифатиме најдоброто од двата света — динамиката на капитализмот и солидарноста на социјализмот. Капитализам со социјални корективи, со закон и ред. Да изградиме држава што не ги јаде своите најслаби, туку ги штити и им дава можност.

    Месечината е иста — и над Индија, и над Македонија. Но какво ќе биде нашето место под неа, зависи од тоа каков систем ќе изградиме тука долу, а изграденото да го почитуваме и надградиме.

    Извор: Блог портал: НикогашСами

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично