Тимот на Генерали Инвестментс подготви резиме за актуелните настани кои влијаат врз пазарите на капитал.
Декемвриската инфлација во САД на најниско ниво од октомври 2021 година
Главен настан на берзите во изминатава недела беше објавувањето на податоците за декемвриската инфлација во САД. Цените, мерени со индексот CPI, во склад со прогнозите на економистите се зголемија за 6,5% на годишна основа, што е најниско ниво од октомври 2021 година. Поради тоа, дезинфлацискиот тренд (намалување на стапките на инфлација) доби на интензитет во САД. На месечна основа, растот на цените, мерено според Индексот на трошоци, беше дури и благо негативен во однос на ноември. Ова во голема мера се должи на пониските цени на енергетските производи. Цените на половните автомобили паѓаат шести месец по ред, а за прв пат по две години паднаа и цените на новите автомобили. За разлика од ЕУ, базичната инфлација исто така се намалува. Тоа е добар знак. Побавниот раст на цените не е резултат само на поевтините енергетски производи, се намалуваат внатрешните инфлациски притисоци и очекувања. Но, бидете внимателни. Инфлацијата веројатно сè уште не го кажала последниот збор и можно е овој период да е само преоден, кој може да трае цела 2023 година. Доволно за смирување на пазарите.
Бројките ги исполнија очекувањата на инвеститорите, кои сега гледаат на иднината многу пооптимистички од неодамна. Слично како и во првата недела од јануари, динамиката на движењата на пазарите на капитал беше дијаметрално спротивна од движењата што го карактеризираа најголемиот дел од минатата година. Имено, го следевме растот на цените на акциите, падот на бараните приноси од обврзниците и пониската вредност на доларот во однос на вредноста на повеќето други валути. Помеѓу поединечните индустрии, позитивно се истакнаа минатогодишните губитници, односно акциите на технолошкиот сектор наместо неопходната или дискрециона потрошувачка.
Најголемите инвестициски банки остануваат внимателни
Донекаде засенета од податоците за инфлацијата во САД, започна и сезоната на објавување квартални резултати. Резултатите од деловното рабтење на американските банки JPMorgan Chase, Wells Fargo, Citigroup и Bank of America, во последниот квартал од минатата година, беа претставени во петокот. Тие беа доста охрабрувачки. Позитивниот ефект од повисоките каматни стапки, односно повисоките каматни маржи, барем засега ги надминува негативните ефекти, кои се манифестираат во помалиот обем на издадени кредити и зголемениот ризик од лоши кредити. Сепак, директорите на најголемите американски банки остануваат внимателни во нивните прогнози за следните квартали, кога очекуваат полоши бројки. Но, резултатите беа доволно добри за инвеститорите да реагираат позитивно и акциите на банката пораснаа меѓу 2% и 3%.
Европските берзански индекси во зелено
И овој пат не заостанаа главните европски берзански индекси. Првите проценки покажуваат дека германскиот економски раст во четвртиот квартал од минатата година не беше негативен, а невработеноста на ниво на еврозоната останува многу ниска. Новите податоци покажаа дека, спротивно на очекувањата, во ноември има благо позитивен економски раст и во Велика Британија. Интересно, според Канцеларијата за британска национална статистика, Светското првенство во фудбал, за време на кое цветаше туристичката индустрија, придонесе за подобри бројки отколку што предвидуваа економистите. Економското расположение на стариот континент се подобрува во однос на претходните месеци, но со оглед на податоците за инфлацијата и начинот на справување со растот на цените (главно преку фискалната политика), останува неизвесноста.
Трговската размена помеѓу Кина и Русија нагло скокна
Вестите од САД, исто така, имаа корисен ефект врз акциите на пазарите во развој. Пониска инфлација значи помал притисок врз американската централна банка, што резултира со послаб американски долар, а со тоа и помали трошоци за увоз и отплата на странски долг издаден во долари. Кинескиот извоз се намали за дури 9,9% на годишно ниво во декември во услови на пониска побарувачка од САД и Европа, но прогнозите беа уште попесимистички. За целата 2022 година, трговскиот суфицит на Кина изнесуваше рекордни 878 милијарди американски долари, бидејќи за 30% се зголеми трговијата со Русија, која минатата година стана најголемиот снабдувач на нафта во Кина.
СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ
Макроекономските податоци, со исклучок на инфлацијата, се релативно слаби и укажуваат на рецесија. Но, бидејќи пазарот на трудот останува многу силен, шпекулациите за идната монетарна политика остануваат многу широки, иако се зајакнуваат очекувањата за непосреден крај на зголемувањата на каматните стапки. Промената на политиката на централните банки и покрај нивната различна реторика, останува фактор на пазарите на капитал, а ова оптимистичко сценарио претставува ризик за пазарите. Ликвидноста останува добра и му дава поддршка на пазарот, но за нагорно движење ќе бидат потребни нови и пред се пооптимистички информации. Започна сезоната на објавување резултати за последниот квартал од 2022 година, но главно ги чекаме прогнозите за 2023 година. Ова може да биде извор на оптимизам или песимизам. Забрзаното влошување на макроекономските податоци и брзото лизгање кон рецесија, ќе го потресе пазарот. Отворањето на Кина дава надеж, но влошувањето на кинеските податоци од друга страна покажува дека оваа рецесија на развиените пазари нема да можеме да ја решиме на ист начин како во 2008 година, со растот на кинеската економија. Акциите, со оглед на сите предизвици и очекуваните промени, не се евтини, но одредени сегменти на пазарот сè уште нудат можности, бидејќи иднината или очекувањата на инвеститорите за тоа како треба да изгледа иднината се менуваат многу брзо. Препорачуваме да се задржи долгорочен пристап со периодични зголемувања на инвестициите, што се покажа дека дава добар одговор и најдобар резултат во услови на поголема нестабилност и привремена неизвесност. Диверзификацијата на портфолиото останува клучен двигател за одржување и зајакнување на заштедите. Комбинација од акциски фондови како што се Генерали Топ Брендови, Генерали НОВА ЕУ и паричниот фонд Генерали Кеш Депозит, ги нуди најдобрите решенија за сложениот коктел на актуелната политичка ситуација и економското опкружување. Тоа исто така носи одредени можности. Оние кои имаат поголема позиција во технологијата или одредени други сегменти во нивното портфолио можат да го искористат овој пораст за да ги реконструираат своите портфолија. Генерали БРИК сепак, останува многу шпекулативна инвестиција, бидејќи кинеската држава редовно и често ја менува сликата за иднината што ја предвидуваат инвеститорите, што со себе носи силни флуктуации. Обврзниците ја имаа најлошата година (2022) во последните 50 години. Не веруваме дека тоа може да се повтори во 2023 година, напротив, полека ќе почне да се гради можност за инвестирање. За трпеливите инвеститори ова се моментите за почнување на градење на позиции. Времињата се непредвидливи и ќе се појават можности. Последното отскокнување покажува дека пазарот е непредвидлив и дека се потребни постепени и методички чекори во прилагодувањето на инвестициското портфолио, бидејќи чекањето за оптимален момент води до можност за пропуштање на силни скокови. Отскокнувањето не значи дека кризата е завршена и дека не е можно ново дно. Тоа само покажува дека да се биде премногу самоуверен во една приказна и како резултат на тоа да се има неизбалансирано портфолио може да биде опасно.