ПОВЕЌЕ

    ЗОШТО ВО СКОПЈЕ СНЕМУВА ВОДА: Да читаш, па да ти се плаче

    Време зa читање: 4 минути

    Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје деновиве постојано известува дека енормно зголемената потрошувачка на вода, како и нерационалното користење, доведуваат до нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем во градот. Како што велат оттаму, поради преоптовареноста, системот функционира со намален притисок и повремени прекини на водоснабдувањето во одредени делови на Скопје. Во тие делови на Скопје, жителите не знаат што да прават без вода, и тоа на температура што достигнува и до 40-тиот Целзиусов степен!

    Но, дали проблемот е во тоа што има енормна потрошувачка на вода, или пак во тоа што водата мистериозно исчезнува низ водоводните цевки и незаконските приклучоци? Пари го побара одговорот во официјалните документи, а во нив има и што да се прочита – да читаш, па да ти се плаче!

    ФАКТУРИРАНА МАЛКУ ПОВЕЌЕ ОД ТРЕТИНА ОД ПРОИЗВЕДЕНАТА ВОДА?!

    „Претпријатието во текот на 2024 година има произведено вкупно 110.055.436 м³ вода од двете изворишни подрачја Рашче 1 и Рашче 2, како и од бунарските подрачја Лепенец и Нерези. Од вкупно произведените, кон своите корисници има фактурирано 41.395.367 m³“, пишува во Извештајот на ЈП Водовод и канализација – Скопје за 2024 година. Математички, ова значи дека е фактурирана одвај малку повеќе од една третина од произведената вода, или точно 37,6 отсто. А, и оваа фактурирана вода не е целосно наплатена.

    Според Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2024 година, ефикасноста на наплатата на водоснабдувањето во Скопскиот Регион била 80,25 насто и е помала отколку во 2023 година, кога изнесувала 83 насто. Во однос на водоснабдувањето, државата е поделена на 8 региони.

    КАДЕ ИСЧЕЗНУВА ВОДАТА?

    Првото прашање е зошто толку малку се фактурира вода, а второто е наплатата.

    Според Извештајот на ЈП Водовод и канализација, постојат две причини за тоа зошто се фактурират само 37,6 насто од произведената вода. За едната се виновни водоводните цевки, а другата е кражбата на вода.

    „Стварни загуби во 2024 година произлегуваат од истекување на цевките и на приклучните цевки, истекување на транспортните цевки, заднинско истекување. Административни (привидни) загуби во 2024 година произлегуваат од неизмерена нефактурирана потрошувачка, потрошувачка од испорачаната количина на вода, грешки при мерење на потрошувачка кај корисниците и од нечитани состојби“, пишува во Извештајот.

    Од самиот извештај се гледа и лекот за проблемот: инвестиции во мрежата и спречување кражба на вода.

    Според Извештајот, во 2024 година претпријатието има инвестирано 350.000 евра во нови градежни и инфрастуктурни објекти. Дополнително се инвестирани 960.000 евра во нова опрема, а во нематеријални средства 123.500 евра. ЈП Водовод и канализација ‒ Скопје одржува 1.265 km водоводна мрежа, реализирани се 360 нови приклучоци, извадени од мрежа се вкупно 2.245 водомери.

    ЛАНСКАТА ЗАГУБА Е 4,1 МИЛИОН ЕВРА

    Бројките за финансиската кондиција на ЈП Вододвод и канализација се катастрофални. Извештајот од независниот ревизор Форвис Мазарс укажува дека минатата година претпријатието направило загуба од 4,1 милион евра, а во 2023 година загуба од 340.000 евра. Ревизорот искажал голема загриженост за континуитетот на ова претпријатие.

    „За годините што завршуваат на 31 декември 2024 и 2023, претпријатието оствари нето-загуба во износ од 256.105.000 денари и 20.927.000 денари, соодветно. Понатаму, за годината што завршува на 31 декември 2024, претпријатието оствари негативни парични текови од оперативни активности во износ од 559.923.000 денари, како и финансирање во форма на донации од Европската инвестициона банка преку Инвестициската рамка за Западен Балкан во износ од 925.722.000 денари за цели на изведба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Исто така, бројот на вработени во Друштвото е значително намален во текот на 2024 година, а трошоците за вработени се зголемени за 28.854.000 денари во однос на претходната година. Овие фактори укажуваат на постоење на значајна неизвесност што може да предизвика сомневање во однос на состојбата на претпријатието да продолжи да работи врз основа на принципот на континуитет, без да се земе предвид поддршката од основачот, Советот на Град Скопје, пишува во Извештајот на независниот ревизор Форвис Мазарс.

    Реадакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично