Најниската цена и натаму е единствен критериум за избор на најповолната понуда на тендерите, со што не се користи законската можност за земање предвид и на квалитетот на набавките. Загрижувачки манипулативна е состојбата со необјавувањето на проценетата вредност на набавките. Сѐ уште е висок процентот на поништени јавни набавки.
Ова се дел од наодите на Центарот за граѓански комуникации од мониторингот на јавните набавки извршени во првото полугодие лани.
Во првото полугодие од 2020 година 464 тендери се реализирани без објавен оглас или повеќе за 14,58 отсто во однос на истиот период од 2019 година. На овој начин се склучени договори во вредност од 11 милиони евра.
-Дел од овие договори вкупно 198 се склучени поради избивањето на кризата со коронавирусот, која ја наметна и потребата од итни набавки на стоки, услуги и работи за заштита и спречување на ширењето на заразата од овој вирус. Притоа, вредноста на договорите за набавка на средства за заштита и лекување од коронавирусот вкупно изнесува околу 2,4 милиони евра. Ова значи дека во првите шест месеци од 2020 година, само 22 отсто од вредноста на договорите склучени без претходно објавување на оглас можат да ѝ се припишат на кризата со ковид-19 – велат од Ценатрот.
Во 96 отсто од јавните набавки одлучувачки критериум за најповолна понуда бил „најниската цена“.
Од Центарот велат дека тоа доведува до оправдан сомнеж дека со толку големата примена на критериумот – најниска цена се доведуваат во прашање начелата на економичност, ефикасност и ефективност на јавните средства.
Трендот на реализирање на јавни набавки во четири очи и натаму е висок.
Поништувањата на тендерите во првото полугодие од 2020 година бележат раст во однос на истиот период претходната година и изнесуваат 27%.