ПОВЕЌЕ

    За минимум живот 1.062 евра: Една или пет потрошувачки кошници, цените секако растат

    Време зa читање: 4 минути

    Од јуни до јули минималната синдикална кошница натежнала за дополнителни 630 денари. Најзаслужни за тоа се храната и пијалаците, кои за еден месец поскапеле 515 денари и имаат удел од 81,75 отсто. Животот во Македонија станува сѐ поскап, а платите не го следат тој тренд – предупредуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија, откако ги објавија јулските пресметки. На просечно четиричлено семејство, за најосновна живеачка, му се потребни 65.328 денари, што е еднакво на 1.062 евра. Врз основа на овие движења, ССМ повторно ја актуелизира потребата од итно зголемување на минималната плата, но и на сите останати работнички примања.

    Податоците од ССМ покажуваат континуиран пораст на основните трошоци. Од април, кога истече рокот на владините мерки, па наваму, вредноста на минималната кошница е зголемена за 2.637 денари. Тоа претставува раст од 4,2 насто.

    Најважниот сегмен, храна и пијалаци, кој содржи 63 основни производи, во истиот тој период бележи промена од плус 2.202 денари или за 10,25 проценти. Во јули, во оваа ставка се запишани 23.682 денари, наспроти 23.167 денари во јуни, 22.434 денари во мај и 21.480 денари во април. Инаку, во структурата на последната кошница, овие животни потреби зафаќаат 36,3 отсто.

    Ако се земе предвид дека не сите семејства имаат свој дом, па изнајмиле стан од 60 квадрати, тогаш вкупната вредност на синдикалната кошница за едно четиричлено семејство достигнува дури 80.703 денари (над 1.300 евра). Износ кој е недостижен за голем дел од домаќинствата во земјава. Просечната нето-плата е 45.452 денари (според податокот на Државниот завод за статистика, кој е за април). Или, просечната плата покрива само 69,6 проценти од вредноста на синдикалната минимална кошница. Кусок се 19.876 денари.

    Со минималната плата, пак, која од март годинава е позиционирана на 24.379 денари, пресметките се уште пообесхрабрувачки. Со минималецот можат да се обезбедат одвај третина од потребите. Или, доволен е за само 37,3 проценти од содржината на синдикалната кошница. Недостасуваат 40.949 денари.

    Во насока на овие предизвици со кои се соочува најголемиот дел од населението во државата, премиерот Христијан Мицкоски рече – интензивно работиме со академски експерти и со Министерството за економија за преземање мерки за намалување на цените. И најави – воведување на пет различни категории потрошувачки кошници. За самец, за млад брачен пар, за тричлено, за четиричлено семејство и за пензионери. Зашто, различните профили граѓани имаат различни потреби.

    „Мислам дека е добро за разгледување и за дебата на тој Економско-социјален совет да имаме неколку потрошувачки кошнички, бидејќи потребите на еден пар пензионери не е ист како на еден млад брачен пар, или, пак, на тричлено и на четиричлено семејство, или на самец. Јас немам проблем да направиме една ваква темелна анализа, бидејќи само со повеќе анализи, со повеќе податоци можеме да дојдеме до подобри резултати“, смета Мицкоски, кој наведе дека процесот за утврдување на репрезентативност на синдикатите е завршен и наскоро ќе се одржи седница на ЕСС, на која ќе се разговара и за потрошувачката кошница.

    Власта ги осиромашува граѓаните, тврдат од опозицискиот СДСМ – животот станува уште поскап, инфлацијата притиска, а куповната моќ на граѓаните е срушена. Заедно со инфлацијата зголемена на 4,5 проценти, тоа се „поразителни бројки“, кои се „показател за целосниот дебакл на економските политики на Владата”.

    Без оглед на „виновниците“ и на тоа „кој прв почна“, релност е додека трошоците растат, а стандардот паѓа. Статистиките се само потврда на секојдневието, во кое граѓаните за парите со кои располагаат – добиваат сѐ помалку. Веќе ни летото не е нивен сојузник, кога цените на зелените пазари влијаеа врз инфлацијата, односно се регистрираше дефлација. За потсетување, Државниот завод за статистика неодамна објави (за јуни) дека земјоделските производи и натаму поскапуваат, а најголемата годишна промена, од 46 проценти, е евидентирана кај цените на зеленчукот. А, цените на овошјето и грозјето се зголемени за 20,5 насто.

    За голем дел од граѓаните синдикалната кошница не е само показател за основното преживување, туку станува индикатор за животната недостижност. „Животот во Македонија станува сѐ поскап, а платите недоволни за овозможување на најосновните услови за достоинствен живот и затоа е потребно зголемување на минималната плата и на сите останати плати“, порачуваат од ССМ. Алармот за зголемување на платите не е притисок, туку реален економски сигнал.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично