Цените на нафтата се зголемија, при што Брент нафтата во четвртокот за првпат од 2014 година надмина 100 долари за барел, веднаш откако Русија ја нападна Украина, јавува Ројтерс. Ова ја влоши загриженоста дека војната во Европа може да го наруши глобалното снабдување со енергија.
Откако рускиот претседател Владимир Путин одобри, како што изјави, специјална воена операција, министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба објави на Твитер дека Русија започнала целосна инвазија на Украина и дека таргетира цели градови со воени напади.
Суровата нафта од типот „брент“ достигна највисоко ниво од 102,48 долари за барел, што е највисоко од септември 2014 година и беше на 102,06 долари за барел на 547 часот по Гринич, што е зголемување од 5,22 долари или 5,4%. Цените на фјучерсите на американската „Вест Тексас интермедијт“ (WTI) скокнаа за 4,85 долари, или 5,3 отсто, на 96,95 долари за барел, откако се искачија на дури 97,40 долари, највисоко од август 2014 година.
Цените на нафтата се зголемија за повеќе од 20 долари за барел од почетокот на 2022 година поради стравувањата дека САД и Европа ќе воведат санкции врз рускиот енергетски сектор, со што ќе го нарушат снабдувањето. Русија е втор по големина светски производител на нафта, главно продавајќи ја својата сурова нафта на европските рафинерии и е најголемиот снабдувач на природен гас во Европа, обезбедувајќи околу 35% од снабдувањето на последната.
„Поради руската воена операција во Украина цените на нафтата веројатно ќе останат нестабилни и покачени“, . Ворен Патерсон, шеф на стоковното истражување на ING.
Западните земји и Јапонија во вторникот ја казнија Русија со нови санкции затоа што воено интервенираше во сепаратистичките региони во источна Украина и се заканија дека ќе продолжат понатаму доколку Москва започне сеопфатна инвазија на нејзиниот сосед. Засега нема санкции за трговија со енергија. „Не е проблемот само геополитичкиот ризик, туку дополнителното оптоварување на понудата“, изјави за Ројтерс економскиот екперт на OCBC, Хауи Ли.
„Руското снабдување со нафта ќе исчезне преку ноќ ако се соочи со санкции, а ОПЕК не може да произведува доволно брзо за да ја покрие оваа празнина. Некои членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), пак, сметаат дека нема потреба производителите на нафта и нејзините сојузници дополнително да го зголемуваат производството бидејќи потенцијалниот договор меѓу Иран и светските сили ќе ги зголеми испораките. Некои членки на ОПЕК веќе се борат да ги исполнат сегашните цели.
Јапонија и Австралија во четвртокот најавија дека се подготвени да ги искористат своите нафтени резерви, заедно со другите земји-членки на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), доколку глобалните резерви бидат погодени од непријателствата во Украина.
Аналитичарите предупредуваат и на инфлациски притисок врз глобалната економија од нафтата од 100 долари, особено за Азија, која увезува најголем дел од потребите за енергија.
„Зголемените цени на нафтата доаѓаат во особено тежок момент“, рече економистот на HSBC, Фредерик Нојман. „Ахиловата пета на Азија и понатаму е нејзина огромна потреба од увоз за енергија, со зголемените цени на нафтата кои сигурно ќе одземат голем дел од приходите и растот во наредната година“.
Соединетите Држави и Иран имаат индиректни нуклеарни разговори во Виена, во кои договорот може да доведе до отстранување на санкциите за продажбата на иранска нафта и да ја зголеми глобалната понуда.
Сепак, Иран во средата ги повика западните сили да бидат „реални“ во разговорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година и рече дека неговиот главен преговарач се враќа во Техеран на консултации, сугерирајќи дека напредок во неговите дискусии не е загарантиран.
Дополнително, резервите на сурова нафта во САД се зголемија за 6 милиони барели минатата недела, додека залихите на дестилати паднаа, според пазарни извори кои ги цитираа податоците на Американскиот институт за нафта доцна во вторникот. Аналитичарите прогнозираат зголемување на сурова нафта од 400.000 барели и намалување на резервите на гориво.
Залихите на бензин се зголемија за 427.000 барели, а залихите на дестилати паднаа за 985.000 барели, покажаа податоците на API според изворите, кои сакаа да останат анонимни.