Да се оди во пензија на 67-годишна возраст, значи и да се робува до крајот на животот за своите имоти. Предлогот на Фискалниот совет да се зголеми старосната граница за пензионирање предизвика лавина реакции во јавноста. Крпење на буџетот на пензискиот фонд со зголемување на старосната граница не е добра мерка за Македонија, велат експертите за порталот Пари.
И во минатото сме биле сведоци на вакви предлози кои биле на штета на работниците. Прашањето кое се провлекува со децении е како да се подобри кондицијата на пензискиот систем, а да не е тоа зголемување на старосната граница?
Во разговор со Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, за оваа проблематика, тој вели дека е категорично против овој предлог во овој момент.
– Главниот аргумент ми е дека во Македонија животниот век по пензионирање е меѓу најкратките во Европа – само околу 10 години. Во Австрија или Франција тоа е 18 години. Ако се крене границата за пензионирање на 67, тоа ќе се скрати на само 6 години, што веројатно ќе биде најкратко во светот. Практично, луѓето ќе треба да се мачат да работат до 67 години, да плаќаат даноци и придонеси цел живот, за после тоа да „уживаат“ во пензија само 6 години. Просто, прекратко е – ни објасни Јовановиќ.
Освен тоа, додава тој, меркава нема да даде скоро никаков ефект на краток рок. Кревањето на границата за пензионирање дава ефекти на долг рок, по десеттина години, а дотогаш дел од сегашните проблеми со дефицитот на Пензискиот фонд ќе изчезне, бидејќи дел од пензиите ќе почне да се исплаќа и од вториот пензиски фонд.
– Прво и основно што треба да се направи за да се подобри кондицијата на пензискиот фонд е укинување на сите оние бројни ослободувања од плаќање даноци и придонеси. Тие креираат дел од оваа дупката за која се зборува. Второ, треба да се покачи придонесот за пензиско осигурување, кој во Македонија е меѓу најниските во Европа, а и беше значајно намален од 21% на 18%. И при двете овие работи мора да се внимава зголемувањето да не падне врз грбот на работниците, односно да се предвиди дека нето платата на работниците не смее да се намали поради повисоките придонеси – укажува Јовановиќ.
Според него, оваа мерка може да има и контра ефекти, ќе се влоши здравјето на луѓето и дополнително ќе се намали животниот век, кој и сега е меѓу најкратките во Европа. Ќе се намали и продуктивноста на фирмите, затоа што возрасните луѓе не се толку продуктивни како младите.
– Има причина зошто постои граница за пензионирање секаде во светот – тоа е за да се заштити здравјето на луѓето, но и затоа што продуктивноста се намалува со годините. Ако некој сака да работи на стари години, и фирмата смета дека тој човек може да работи и е продуктивен, може да се одложи пензионирањето, законот и сега го дозволува тоа. Нема потреба да се крева старосната граница за сите – нагласува Јовановиќ.
АНАЛИЗА: ПЕНЗИИТЕ И БУЏЕТСКАТА ДУПКА НИЗ ГОДИНИТЕ ‒ влегуваме ли во полошо сценарио од сегашното?
Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организација на работодавачи на Македонија, за порталот Пари истакна дека предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за одење во пензија е како резултат на зголемувањето на уделот на средствата од буџетот кои се користат за исплата на пензија, додавајќи дека на ова влијаело и поголемото најново линеарно зголемување на износот на пензиите.
– Прашањето дали смееме и понатаму голем дел од пензиите да ги финансираме од буџетот е идеолошко, а не економско. Буџетот се полни од граѓаните и од компаниите. Владата и Собранието одлучуваат за кои намени ќе се користат тие средства. Во секој случај, кога овие средства се трошат за потрошувачка, која не ја подобрува економијата, туку ја одржува социјалата или го зголемува стандардот на населението, а помеѓу нив и на пензионерите, кои се сè поголем дел во однос на работоспособното население, се нарушува макроекономската стабилност на долг рок и ќе доведе до проблеми во иднина – дециден е Димитров.
Во секој случај, како што вели тој, намалувањето на наталитетот и заминувањето на младите надвор од земјава на долг рок води кон голем дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и решението на овој проблем е многу комплексно.
– Зголемувањето на старосната граница за некои професии воопшто не е проблем и работниците ќе бидат среќни и понатаму да работат, бидејќи платите се повисоки од пензијата. Но, има професии и дејности каде работата е физички потешка и заминувањето во пензија на 62 години за жена или 64 години за маж се очекува со олеснување. Ова нè води кон идејата дека можеби ќе треба старосната граница да се разликува од дејност до дејност – потенцира Димитров.
На прашањето како да се подобри кондицијата на пензискиот систем, а да не е тоа зголемување на старосната граница, тој вели дека опција е работникот да може сам да одлучи дали сака да работи уште три години, бидејќи заминувањето во пензија на помлади години носи и пониска основица за пензија, и ако сака да добие повисока основица за пензија, да го продолжи работниот век.
– Треба да се изанализира и идејата за зголемување на процентот за придонесот за Пензиско и инвалидско осигурување. Ние и сега плаќаме поголеми придонеси во однос на државите во регионот. Дали зголемената стапка ќе доведе до нарушување на конкурентноста на нашите компании и намалување на работните места. Во тој случај тоа не би довело до зголемување на вкупните средства во Фондот за ПИО. Не треба воопшто да се чека да се изменат законите за ПИО и работните односи и да се дозволи пензионерите, кои сакааат, да работат и понатаму, притоа да ја задржат пензијата. Во секој случај треба да се придржуваме до онаа народната „испружи си ги нозете колку што ти е долга чергата“. Во економијата не постои алхемија или магионичарски трикови, ако сакаме повисоки пензии мораме да работиме повеќе – истакна Димитров.
Миле Бошков, претседател на Бизнис – конфедерација на Македонија, посочи дека воопшто не е сигурен дека ќе се обезбеди стабилност на пензискиот систем, бидејќи не е сигурно однесувањето и постапувањето на работниците и работодавачите, особено не поради фактот на концептот на социјална правда и слобода во одлуките на приватниот сектор.
– Патем, пристапот на предлагање од Фискалниот совет е стрикно статичко-математички, без оставање простор на останати социо-економски мерки, како што е намалување на сива економија, формализирање на работни места, дисциплина во наплаќање на социјални придонеси, мерки за трансфер на јавна администрација во приватен сектор.
Македонските граѓани можат да издржат да работат до 67 години само ако сакаат и се договорат за тоа, бидејки старосните и биолошки ограничувања можат негативно да влијаат на животот на работниците, патем да иницираат проблеми за работодавачите од аспект на безбедност, здравје, продуктивност и штети – нагласува Бошков.
ОДЛИЧНА Е ПЕНЗИЈАТА! – Можат да се пофалат 0,0079 проценти од македонските пензионери
Катерина Михајлова