ПОВЕЌЕ

    Во Маврово се подметнуваат пожари, се лови редок дивеч, надлежните знаат ама молчат

    Време зa читање: 4 минути

    Десетици хектари пасишта на планината Бистра веќе втор ден горат, но случајот го следи молк од надлежните институции. Очевидци, планинари од Скопје, кои биле на терен во времето на избувнувањето на пожарот, за pari.com.mk сведочат дека виделе дека пожарот бил подметнат од едно лице и тоа на повеќе места последователно. Пред да го пријават инцидентот на надлежните, ги пресретнала група до заби вооружени лица, од кои едниот се претставил како вработен во Националниот парк Маврово но не биле заинтересирани да ги слушнат информациите за подметнувањето туку грубо ги избркале планинарите со зборовите: „Овде е забрането движење, ловна сезона е. Има странци… “ 

    Планинарите, кои се јавија во нашата редакција, вознемирени од случката раскажуваат дека, иако уредно биле пријавени и ја платиле таксата за движење низ НП Маврово, никој не ги информирал дека не смеат да се движат на падините на Бистра и прашуваат како е можно во еден национален парк какво што е Маврово, кој изобилува со ретки и загрозени животински видови да е дозволен лов.

    Ако е дозволен лов во НП Маврово, зошто тоа никаде не се кажува, бидејќи е застрашувачки да се сретнеш очи в очи со вперен снајпер, прашуваат планинарите со кои разговараше Пари. „Се обидовме да им кажеме дека сме планинари, дека никаде нема споделено информација за било каква забрана, дека кога уплативме влез (онлине) во националниот парк, не добивме информација дека не смееме да се движиме… Човекот се јави кај некого, кажа дека има туристи и после тој муабет не упати да се вратиме назад“, вели едниот од планинарите и прашува: Дали во национален парк е дозволено да се лови и дали ренџерите имаат право да ги пренасочуваат планинарите?

    Од управата на Национален парк Маврово потврдија дека на Бистра беснее пожар и дека се работи за подметнат пожар, но кога се обидовме да добиеме одговор за тоа дали навистина се одвива лов во националниот парк, наидовме на молк. Иако од страна на директорот на НП Маврово Самир Ајдини, како и од вработениот во паркот, Томе Ѓорѓиоски ни беше ветено дека ќе ни биде испратен писмен одговор, тој до времето на објавувањето на овој текст не беше испратен.

    Од НП Маврово побаравме одговор за тоа како е можно дивеч се лови во пределот за кој станува збор, на кој, инаку, живеат дивокози, кои се заштитен вид, како и рисот, кој е критично загрозен вид. Рисот е животно кое е заштитено со закон во Македонија. Законот за ловство го дефинира рисот како дивеч и го категоризира како заштитен дивеч, а неговиот лов е трајно забранет. „Што ли ловат ловџиите на Бистра“, прашуваат планинарите, „бидејќи видовме дека во пределот имаше стадо дивокози, кое тие го пропуштија. Да не чекаат некој поредок и поскапоцен трофеј и дали ние како сведоци не сме добредојдени“, прашуваат двајцата планинари.

    Ниту од Центарот за управување со кризи до објавувањето на овој текст немаа конкретни информации каква е состојбата со пожарот, но од извори на теренот во мавровскиот крај, пари.ком.мк дознава дека пожарот е се уште активен и дека огнените јазици се придвижиле кон кичевскиот дел на Бистра, како и дека огнот веќе ја загрозува и шумата.

    На една од неодамнешните прес-конференции, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, изјави дека тие како институција имаат сознанија дека одреден број на пожарите со кои се соочија летово и есенва се подметнати, поради палење на пасишта од страна на сточарите, кое што го има во помал обем, но почесто од страна на ловџии, а тука се и намерните палежи за изгорените дрва да ги откупат по пониска цена.
    „Сточарите намерно ги палат трњата кои што им сметаат на стоката која што напасува таму. Еден нов момент кој што претходно го немавме се и ловџиите, бидејќи во недела се идентификуваа повеќе пожари, некои од ловџиите користат петарди за гонење на дивечот. Притоа, имаме, би рекол непотврдени информации за појава на неколку пожари, но, мотивите, секако може да бидат и криминални, некој намерно да предизвикува палежи со намера потоа изгорените дрва да ги откупи по пониска цена“, соопшти тогаш Ангелов.

     

    Југослава Дуковска

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично