ПОВЕЌЕ

    ВО ЕВРОПА ПОМАЛА МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД НАШАТА има во Косово, Босна и Албанија

    Време зa читање: 4 минути

    Околу 35.000 вработени земаат минимална плата која сега изнесува 22.567 денари, обелодени Сојузот на синдикати кој бара минималецот да се зголеми на 450 евра, што ќе повлече зголемување на платите и на останатите речиси 600.000 вработени во приватниот и јавниот сектор. Оваа идеја на синдикалците предизвика негодувања кај премиерот Христијан Мицкоски, кој барањата на синдикалците ги оквалификува како партиски и непринципиелни.

    Премеирот вели – пари за зголемување на минималната плата нема во државната каса за тоа да се спроведе во јавниот сектор. Во приватниот сектор сѐ помалку се нуди минимална плата, но минималец од 27.675 денари (450 евра) дефинитивно би ги поматил сметките на газдите.

    „Пари“ направи компарација каква е минималната нето–плата во регионот. Податоците покажуваат дека помала од нашата, во моментов има на Косово и во Босна и Херцеговина.

    На Косово, според пишувањата на тамошните медиуми, минималецот не е мрднат од 2011 година и е 130 евра за работници до 35 години и 170 евра за работници до 65 години. Оваа тема е жешка во косовските медиуми, особено затоа што минатата година се изгласа закон, според кој, минималната плата треба да биде 250 евра, но тој се оспорува и не се применува.

    Во Федерација Босна и Херцеговина минималната плата е 316 евра, а во Република Српска минималецот е поголем и изнесува 460 евра, пишува Мојаплата.ба.

    Од другите земји во регионот кои не се во ЕУ, Србија има минималец од 400 евра, а Црна Гора – 450 евра. Од земјите од поранешна Југославија кои го фатија приклучокот кон ЕУ, Хрватска има минимална плата од 677 евра, а Словенија 902 во нето износ.

    Статистичкиот портал Statista.com ги објави минималните плати во Европската унија во бруто износ (https://www.statista.com/statistics/1450177/monthly-minimum-wage-rate-european-countries/)

    На врвот од табелата се најде Луксембург со месечен минималец од 2.571 евро, а на дното е Албанија со 385 евра бруто минимална плата. Колку е во нето-износ не успеваме да откриеме, но веројатно е помалку од нашите 366 евра, кога ќе се одбијат придонесите и даноците. Веднаш по Албанија, на опашката е Бугарија со 477 евра бруто минималец, за кој бугарските медиуми пишуваа дека всушност е 366 евра во нето-износ, односно исто колку и кај нас. Значи, од Европските земји полоши минимални плати имаат на Косово, во Федерација БиХ и во Албанија. Секако, куповната моќ на парите не е секаде иста.

    Во средата на прес-конференција претседателот на Сојузот на Синдикатите, Слободан Трендафилов, и порача на Владата да седнат заедно на маса и да го исполнат ветувањето дека во првите 100 дена ќе го разгледаат барањето за минималната плата.

    Во четвртокот, премиерот Христијан Мицкоски на прашање на новинарите дали ќе се разгледа предлогот, одговори – средба со претставниците од Синдикатот ќе има набргу, но во ребалансот не се предвидени пари за повисоки минимални плати.

    „За помалку од два месеци од работата на Владата гледам еден синхронизиран, би рекол напад спротивен и на закони и на етика и на принцип и на сè од страна на претседателот на Сојузот на синдикати и од претседателот на најголемата опозициска партија, и тоа мене ме доведува во ситуација да размислувам дека тука има политичка заднина. Секој од нас живее од плата, ние не живееме од провизии, не живееме од криминални тендери, ние не живееме од трговски центри, од фабрики за марихуана, не живееме од тоа, ние живееме сите од плата, барем ние коишто сме овде. Јас би сакал и 5.000 евра да биде платата, но треба да дојдеме до тоа, имајќи ја состојбата во Буџетот којашто ја оставија и непредвидените усогласувања согласно колективните договори, па мораше сега со ребалансот да се усогласуваат“, рече премиерот Мицкоски.

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично