Заемот од 500 милиони евра може да го зголеми притисокот врз јавниот долг и да создаде предизвици за фискалната одржливост на земјата. Тие средства мора да се управуваат внимателно и да се инвестираат во проекти со висок економски и социјален принос за да се избегнат негативните последици од високиот долг. Затоа, стопанските комори треба да имаат важна улога во нивното менаџирање, бидејќи парите не треба да се прелеваат без анализа и без јасни цели за тоа што како земја би сакале да постигнеме со нив, порачуваат од Стопанската комора на северозападна Македонија. Сепак, сметаат, има потреба од таков вид инфузија, па бизнисот ќе даде придонес во зголемувањето на обртот на парите, што ќе значи и зголемување на приходите во државната каса.
„Кредитот од 250 милиони евра од Унгарија значи важен поттик за бизнисите во Северна Македонија. Оваа нова инвестиција се очекува позитивно да влијае врз продуктивноста на различните економски сектори, да го зголеми извозот и да придонесе за раст на бруто домашниот производ. Доколку овие средства се искористат целосно и ефикасно, ќе се почувствуваат позитивни ефекти во целата економија, вклучително и отворање нови работни места, подобрување на инфраструктурата и поддршка на стратешките сектори кои можат да го поттикнат долгорочниот развој“, наведуваат од СКСЗМ како одговор на прашањата од „Пари“ за нивниот став во врска со новото задолжување на државата.
Укажуваат дека е особено важно средствата да се распределат на начин кој ќе овозможи тие максимално да се капитализираат.
„Секако, стопанските комори треба да стојат на располагање и да играат важна улога кога станува збор за нивното менаџирање, бидејќи не треба да се прелеваат средствата без некаква анализа, и без јасни цели за тоа што ние како земја би сакале да постигнеме со овие средства. Предлог на Стопанската комора на северо-западна Македонија е, и другите капитални инвестиции за кои Владата ќе одвојува буџет, да бидаат извршени од домашните компании. Така ефектот ќе биде повеќекратно позитивен, а овој концепт, освен што ќе ги држи парите во нашата држава и освен што ќе отвара нови работни места, ќе ги поттикнува нашите компании да создаваат партнерства меѓу себе, што е многу важно доколку сакаме да ги оспособиме нашите компании да конкурираат и во странство“.
За да се постигнат саканите ефекти, предвидените 250 милиони евра за бизнисот треба да завршат таму каде што потенцијалот е најголем.
„Приоритет во распределбата на овие средства треба да бидат секторите кои имаат најголем потенцијал за генерирање одржлив раст и подобрување на меѓународната конкурентност на земјата. Ова вклучува инвестиции во инфраструктурата, што ќе помогне да се поврзат регионите и да се поттикнат трговијата и туризмот. Подобрување на образованието и здравството што помага да се создаде поздрава и посоодветна работна сила за пазарот на трудот, зголемување на продуктивноста и иновациите. Во меѓувреме, поддршката на малите и средни бизниси ќе создаде работни места и ќе ја диверзифицира економијата“, потенцираат од оваа деловна заедница и додаваат – средствата треба да се користат за да се поттикне самоодржливоста кај домашните компании, каде што со намалување на трошоците се зголемува и можноста за подигање на стандардот, но и зголемување на капацитетите.
Што се однесува до условите под кои парите ќе бидат достапни за фирмите, од СКСЗМ нагласуваат дека проблемот за пристапот до финансии е многу комплексен и не треба да се анализира само од гледната точка на стапките на камати.
„Треба да се разгледа и целокупната слика на економијата, а особено делот – каде нашите компании ги вложуваат или трошат парите со кои располагаат. Дали има услови за инвестирање, дали имаме институции кои првично ќе обезбедат фер и безбеден пазар, но и клима за водење на легитимен и формален бизнис. Исто така, треба да се разгледа детално зошто многу од компаниите се двоумат да земат заем од банките? Сите овие прашања треба да се одговараат и доколку има забелешки во системот – да се поправаат со цел да може компаниите да оперираат“.
Парите од Унгарија, колку и да се даваат под поволни услови, сепак претставуваат опасност за државата, која и онака има голем должнички товар.
„Важно е овие средства да се управуваат внимателно и да се инвестираат во проекти кои имаат висок економски и социјален принос за да се избегнат негативните последици од високиот долг. Мора да бидеме внимателни во натамошното зголемување на јавниот долг. Дополнителните заеми од 500 милиони евра може да го зголемат притисокот врз јавниот долг и да создадат предизвици за фискалната одржливост на земјата во иднина. Но, имајќи ја предвид потребата од таа инфузија, сметаме дека бизнисот ќе успее да придонесе позитивно во зголемување на обртот на парите во земјата, што по автоматизам ќе значи зголемување на приходите за државната каса“.
Во таа насока, од Стопанската комора на северозападна Македонија посочуваат дека од извонредна важност е во фокусот на државата да биде економскиот раст и развој, при што предвид ќе се земат тешкотиите со кои се соочува бизнис заедницата поради последователните кризи.
„Сите макроекономски индикатори покажуваат дека имаме застој во развојот на економијата. Затоа, со цел да опстојуваат и да се развиваат сите други сектори, како што се образованието, здравството, правниот систем, безбедноста итн, треба да ја зајакнеме економијата и конкурентните способности на земјата. Кога ќе имаме активна и брза економија која може да се постигне со капиталните инвестиции, тогаш не ќе мора да се плашиме од зголемувањето на јавниот долг и од заемите коишто како земја во иднина ќе ги земеме“.
М.А.