ПОВЕЌЕ

    Владата со антикризни мерки „тешки“ 350 милиони евра ќе им помага на граѓаните

    Време зa читање: 4 минути

    Владата денес го претстави новиот сет антикризни мерки како помош на граѓаните за справување со енергетската и економска криза, вредни над 350 милиони евра. Предвидено е пензионерите со ниски пензии да добијат финансиска помош во наредните неколку месеци, а иста таква поддршка ќе добијат и дел од невработените, како и лицата корисници на права за социјална сигурност.

    Средните и основните училишта пак, ќе бидат вклучени на регулираниот пазар, додека финансиска поддршка ќе добијат и јавните здравствени установи и мерните станици на водните пумпи. Исто така, поддршка има и за микро, малите и средни претпријатија. Ова се дел од мерките за справување со ценовната и со енергетската криза кои денеска ги соопшти на прес – конференција премиерот Димитар Ковачевски.

    Дел од нив, Владата ќе ги донесе согласно Уредбата за кризна енергетска состојба, а за дел ќе биде потребно да се произнесат пратениците во Собранието. За поддршка на компаниите погодени од енергетската криза, пред се големите, премиерот најави дека се водат интензивни разговори со асоцијациите на стопанствениците за да се изнајде соодветно решение кое што нема да значи финансирање на профитабилноста, туку ќе биде врзано и со намалување на постојните цени на нивните производи или да престане нивниот натамошен пораст.

    „Согласно препораките дизајниравме мерки за социјално ранливите категории граѓани. Пред се обезбедуваме по 3.000 денари месечно во наредните четири месеци или вкупно 12 илјади денари за речиси 42 илјади граѓани. Тука спаѓаат лицата кои користат права на социјална сигурност, лица кои го користат право за попреченост, родители на децата со попреченост до 26 годишна возраст, кои користат право за посебен додаток, лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на ГМП, како и невработени лица. За оваа мерка вкупно се издвоени над 8 милиони евра“, рече премиерот Ковачевски.

    Директна финансиска поддршка од 6 илјади денари во наредните четири месеци, значи 1.500 денари месечно, ќе добијат и пензионерите кои земаат до 11.525 денари пензија, а тоа се над 91.650 пензионери.

    Премиерот додаде дека директна финансиска поддршка од вкупно 3 илјади денари има и за пензионерите кои земаат пензија од 11.525 денари до 14 илјади денари, односно над 66 илјади пензионери. За оваа мерка се издвоени над 12,2 милиони евра.

    „Обезбедуваме поддршка на јавни образовни и здравствени установи. Така, ги вклучивме основните и средните училишта на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија, Поддржуваме вкупно 365 основни и 109 средни училишта, за што се издвоени над еден милион евра.  Овозможуваме снабдување на јавните здравствени установи со електрична енергија преку продажба од ЕСМ со далеку поповолна цена од пазарната, кои до сега плаќаа берзанска цена плус 50 проценти“, рече Ковачевски.

    Исто така се обезбедува снабдувањето со електрична енергија на мерни станици со водни пумпи преку ЕСМ продажба со поповолна цена од берзанската.

    „Потребната електрична енергија од 34 илјади мегават часови е разлика на цена на електрична енергија која ќе има финансиска импликација за буџетот од 3,4 милиони евра. Бидејќи не смееме да дозволиме во општините каде што се снабдуваат со вода преку пумпи граѓаните да останат без вода“, рече Ковачевски.

    Тој посочи дека не  е заборавен и приватниот сектор, пред се микро, малите и средните компании кои се столбот на нашата економија.

    „Го прошируваме опсегот на компании кои се корисници на кредитно гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање за обезбедување на обртни средства за што се предвидени околу 5 милиони евра. Обезбедуваме директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро малите и средните претпријатија, односно трговски друштва согласно нивната тековна состојба, како и занаетчии кои плаќаат давачки на реален доход“, рече Ковачевски.

    Тој истакна дека се овозможува забрзан и зголемен поврат на данокот на додадена вредност, со помалку од 30 дена за поврат на ДДВ за што се одвоени ликвидни средства од речиси 160 милиони евра со цел да се одржи на повисоко ниво ликвидноста на компаниите. „Обезбедуваме поволна консултантска поддршка за изработка на проекти и студии за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со цел полесен пристап до капиталот. Продолжуваме со кредити за проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со структура на финансирање 60 спрема 40 проценти за што се одвоени десет милиони евра“, додаде Ковачевски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично