Првиот дигитален асистент во јавниот сектор, базиран на вештачка интелигенција- АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош денес беше промовиран од претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот Фатмир Битиќи, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и директорот на Фондот за инвестиции и технолошки развој, Фестим Халили, на заедничка презентација.
АДА е дигитален асистент кој говори три јазика – македонски, албански и англиски. До него се доаѓа преку веб страницата ada.gov.mk, а на потенцијлните инвеститори ќе им е достапен нон-стоп и ќе дава информации за условите за инвестирање и за државната помош.
Асистентот, создаден од домашна стартап компанија, врз база на вештачката интелигенција, има капацитет да опслужува неограничен број интересенти. Извесен период ќе опфаќа 80 отсто од услугите кои се однесуваат на инвестирањето, а со текот на времето опсегот ќе се зголемува. Дигиталниот асистент АДА беше промовиран во Фондот за технолошки развој, од страна на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за ИОА Азир Алиу и директорот на ФИТР, Фестим Халили.
„АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надоградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и граѓаните. Преку тоа ќе влијаеме на зголемување на транспарентноста на сите институции, но и на намалување на корупцијата и елиминирање на човечкиот фактор во процесите“, нагласи Ковачевски.
Воедно, додаде дека употребата на вештачката интелигенција и компјутеризацијата се пресликува и применува и во јавната сфера, како и во работењето на нашите институции.
АДА не е најголемиот проект по средствата, но ќе биде еден од најбитните што ќе им помогне на граѓаните и на бизнисот, потенцира Битиќи. „АДА е во суштина материјализирање на се она што го зборуваме за промената која ни е потребна. Постојано зборуваме за дигитализација, транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор и еве го продуктот што треба да не однесе до таму“.
Притоа, појасни вицепремиерот, ќе може да опслужува неограничен број корисници истовремено, без чекање и непотребно префрлување од институција до институција. Зашто, како што рече, пред две години клучни биле две работи: извештајот на Стејт департментот каде во делот за борба против корупција се анализирала државната помош и помошта за инвестициите, а порака била дека е неопходна поголема транспарентност, која треба да биде императив; вториот предизвик бил личен – како да им се помогне на домашните компании навистина да го покажат тоа што го знаат.
Инаку, како поддршка на инвестициите лани биле исплатени 23 милиони евра на 410 компании, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции.