Амбициозно и сигурно во 2025 или како досега така и понатаму. Во бизнис планот на „Алкалоид“ се зацртани високи дострели во натамошниот развој, иновациите, инвестициите, освојувањето пазари и отовореноста за нови партнерства… Сето тоа води кон повисоки деловни остварувања.
Приходите од продажбите што ќе се реализираат идната година, треба да се повисоки за осум проценти од оостварувањата во оваа 2024.
Предвидени се консолидирани продажби од над 332 милиони евра. И тоа, 90 отсто од продажбите се планирани во Профитниот центар Фармација, а 10 проценти за Хемија, козметика и билкарство.
„Алкалоид“ е компанија која делува глобално, па оттаму и очекувњата дека 68 отсто од консолидираните продажби ќе се остварат од извоз, а 32 процнти на домашниот пазар.
Во таа насока и планираниот биланс на успех – предвиден е раст од девет проценти кај консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). А, пак, консолидиранaтa нето-добивка би требало да се зголеми за најмалку седум проценти во однос на очекуваната за годинава.
Инвестициските активности продолжуваат и во 2025 година. Во план е инвестирање на околу осум отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства.
„Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении Алкалоид АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи повеќе од 250 милиони евра“, велат од компанијата.
Тука се напоменува дека во текот на последниов месец од 2024 се регистрирано ново капитално поврзано друштво – „Алкалоид Енергетика“ ДООЕЛ Скопје, каде што ќе се произведува електрична енергија. Фотоволтаичната централа што ќе се гради во Гевгелија, со производен капацитет од околу 11 илјади мегават-часови годишно, ќе обезбеди 75 до 85 % од електричната енергија која се користи за производствените капацитети на компанијата. Која, со овој проект ги потврдува заложбите за намалување на јаглеродниот отпечаток во рамките на својата ESG стратегија и напорите за одржлив развој.
Согласно долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во 2025 ќе има вложувања за зголемување на капацитетите во Контрола на квалитет – фармација. Планот предвидува проектирање и изведба на нова микробиолошка лабораторија на површина од 600 м2. „Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање најсовремени технолошки линии за производство, при што се создадени услови за неколкукратно зголемување на производствените капацитети. Сите инвестиции во производствените капацитети на Фармација се изведени во согласност со најсовремените GMP-препораки за производство на фармацевтски производи“, истакнуваат од компанијата.
„Алкалоид“ е навлезен во деветтата деценија од постоењето. Има пет капитално поврзани друштва во земјава и 22 капитално поврзани друштва и две претставништва во странство (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Руската Федерација, Казахстан, САД, Велика Британија и Романија). Зад големите деловни остварувања стојат залагањата на 2.300 вработени на домашен терен и 730 надвор од границите на државата.
Всушност, „Алкалоид“ е во секојдневно остварување на сопствената мисија за поздрав свет, супериорен квалитет на производите и на услугите, висока професионалност и континуиран успех. Притоа, императив претставува заштитата на интересите на вработените, потрошувачите, на акционерите, деловните партнери, и на сите вклучени страни.
Исто така, се стремат кон изразена конкурентност и пазарна позиција. „Постојано сме отворени за градење нови пазари и нови партнерства, а произведуваме и пласираме производи со највисок квалитет, применувајќи најсовремени технологии и деловни стандарди“, порачуваат од „Алкалоид“.
Потврда за сериозниот однос во работата и бизнис предизвиците дава и акцијата издадена од „Алкалоид“, која е меѓу најбараните и најтргуваните на Берзата. Цената на акцијата во 2024 година се движеше од 18.151 до 29.000 денари или просечно 21.715,11 денари. А, пак, вредноста на акцијата на последната трансакција реализирана на 27 месецов е 28.299 денари.
Пазарната капитализација на компанијата во декември изнесува 40 милијарди денари.