ПОВЕЌЕ

    Условите утврдени, бизнисите ќе почекаат на унгарските пари додека да завршат банкарските процедури

    Време зa читање: 3 минути

    Минимален износ по корисник до 10 милиони евра. Рок на отплата од страна на крајниот корисник до 15 години со вклучен грејс период до три години и квартална отплата по завршување на грејс периодот. Фиксна каматна стапка од 1,95 отсто без надомест за одобрување и управување. Сопствено учество на крајниот корисник од минимум 20 отсто од вкупната вредност на инвестицијата, се условите потврдени со заклучок од страна на Владата.

    Парите, пак, ќе стигнат до крајните корисници откако ќе завршат потребните банкарски процедури. Прво Министерството за финансии треба да и ги префрли средствата на Развојната банка, која ќе склучи договор со банките. Понатаму, договорите треба да поминат пред надлежните тела кај банките. Потоа ќе станат достапни за компаниите. Како што рече владината портпаролка Марија Митева, очекува тоа да биде наскоро.

    Со парите кои до бизнисите ќе се пласираат преку најголемиот дел од банките, како што посочи Митева, во целост ќе се придвижи стопанството.

    „На седница на Влада одржана на 26 ноември се донесе заклучок во врска со предлогот на Министерството за финансии за условите за кредитна линија од унгарскиот кредит, а во однос на користење на средствата од кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва. Врз основа на тоа, Владата го задолжи Министерството за финансии во соработка со Развојната банка да преземат активности околу операционализација на средствата од кредитната линија“, рече Митева

    Средствата ќе се користат за финансирање инвестиции и развој на приватни трговски друштва. Како што наведе: за инвестиции во опрема, како што се машини и останато; во недвижности, односно во погони, фабрики, деловни објекти за сопствена употреба; во транспортни средства поврзани со производствениот процес; во обновливи извори на енергија наменети за производство на енергија и за нематеријални средства како што се инвестиции во развојот и софтвери.

    „Исплатата ќе биде извршена врз основа на доставени фактури од страна на крајниот корисник, со цел обезбедување на соодветна контрола на искористувањето на средствата“, појасни Митева.

    Воедно, владината портпаролка напомена дека бруто-домашниот производ е проектиран на 16 милијарди денари, а ова се пет отсто од БДП, средства што се очекува да бидат инвестирани оваа и следната година.

    „Тоа е алатка со која што ќе се бориме против евентуалната економска криза и со која ќе ја придвижиме економијата во целост“, нагласи Митева.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично