Цените почнаа да се нормализираат. Големите маркети на рафтовите, но и со повици за акциско намалување ја покажуваат општествената одговорност откако Владата се закани со ригорозна реакција по поплаките на граѓаните за неконтролираниот раст на цените. Особено на основните намирници кои не се опфатени со новогодишната кошница, а кои претходниве денови се зголемија и за 25 проценти. Токму тие почнале да поевтинуваат.
Со флаерите што се споделуваат преку социјалните мрежи, маркетите ги информираат потрошувачите дека јајцата, гравот, маслото за јадење, видови колбаси, месо, кафе… можат да се купат по пониски цени. На пример, брашно за 34 до 42 денари, шеќер за 45, мешан кашкавал од 529 намален на 475 за килограм, табла јајца од 254 на 199 денари, грав од 73 на 59 денари, прасе од 399 на 359 за килограм… Намалени се цените на замрзнат грашок, на млеко, путер…
Заменикот министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во телевизиските настапи посочи дека маркетите имаат рок до петок да ги намалат енормно зголемените цени на одделни производи. Смета дека ќе одговорат на таа обврска, па ќе нема потреба Влдата да реагира. Освен тоа, наведе дека анализата на претходната есенска кошница потврдила дека некои некои трговци ги злоупотребиле мерките со тоа што ги качиле цените пред да стапи во сила обврската за намалување. Оттаму, вели, власта нема да дозволи тоа да се повтори.
Според Државниот пазарен инспекторат, ефекти има. Трговците во ове два дена ги коригирале цените за дваесеттина проценти.
Од ССМ постојано укажуваат на навиките на трговците, пред стапување во сила на конкретна мерка која влијае врз цените, да ги зголемат. Затоа инсистираат во иднина мерките од овој вид да се стартуваат одненадеж, без претходна најава.
Новогодишната кошничка содржи повеќе од илјада производи и е предлог на производителите и дистрибутерите, па никој од Владата не веруваше дека самите ќе ја минираат или изиграат. Тие артикли добија за десеттина отсто пониски цени, но затоа вивнаа цените на голем број други намирници. Поради тоа граѓаните остро реагираат, тврдејќи дека сите мерки со кои треба да се намалат или ограничат цените се само „мачкање очи на народот“.