Масовно „затемнување“ денес се случи во поголемиот дел на Шпанија, Португалија и дел од југозападна Франција, кои претрпеа масивен прекин на електричната енергија во понеделник, а меѓу погодените беа и големите градови, вклучувајќи ги Мадрид, Барселона и Лисабон.
Куќи, канцеларии, возови, семафори, па дури и отворениот тениски турнир во Мадрид беа погодени, предизвикувајќи хаос за милиони луѓе и поттикнувајќи борба од страна на шпанските и португалските влади и мрежни оператори да го разберат проблемот и да се борат за да го решат.
Во телевизиско обраќање, шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека нема убедливи информации за причината за прекинот на електричната енергија. Тој додаде дека интерконекциите со соседните Франција и Мароко делумно го обновија снабдувањето, додека „комбинираните циклуси и хидроелектраните низ целата земја исто така се реактивирани, што треба да ни овозможи наскоро да го обновиме снабдувањето низ цела Шпанија“.
Шпанската и португалската влада брзо свикаа итни состаноци на кабинетот по прекинот, кој накратко зафати и дел од Франција што се граничи со североисточна Шпанија.
Шпанската влада ги повика жителите да останат на своите места за да избегнат сообраќаен хаос. „Владата работи на идентификување на потеклото на овој инцидент и посветува сите можни ресурси за да го реши што е можно побрзо“, се вели во соопштението од канцеларијата на Санчез.
Red Electrica de España (REE), електричната мрежа на Шпанија, соопшти дека Шпанија и Португалија биле погодени од „el cero“ – нулата. Нејзиниот португалски колега, Redes Energéticas Nacionais (REN), соопшти дека прекинот започнал во 11:33 часот наутро по западноевропско време.
До средината на попладнето, шпанскиот оператор, кој е делумно во државна сопственост, соопшти дека почнал да го обновува напонот на север, југ и запад од Иберискиот Полуостров. Процесот на закрепнување можеше да се спроведе само постепено, за да се избегне преоптоварување на делови од мрежата како што се поврзува секој генератор.
Endesa, најголемата енергетска компанија во Шпанија со 10 милиони клиенти, и Iberdrola, вториот најголем снабдувач, рекоа дека соработуваат со REE во согласност со утврдените протоколи.
ШТО Е ПРИЧИНАТА ЗА „ЗАТЕМНУВАЊЕТО“ ОД ОГРОМНИ РАЗМЕРИ?
Португалскиот премиер, Луис Монтенегро, рече дека проблемот потекнува од Шпанија. Португалската REN рече дека „редок атмосферски феномен“ предизвикал сериозен дисбаланс на температурите што довел до широко распространети исклучувања.
REN соопшти дека „поради екстремните температурни варијации во внатрешноста на Шпанија, имаше аномални осцилации во многу високите напонски линии (400 kV), феномен познат како „индуцирана атмосферска вибрација“. Овие осцилации предизвикаа дефекти во синхронизацијата помеѓу електричните системи, што доведе до последователни нарушувања низ меѓусебно поврзаната европска мрежа.“
Ризиците што ги претставуваат големите варијации на атмосферските температури за електричните системи се добро познати во индустријата, дури и ако е ретко проблемите да се манифестираат на ова ниво.
„Поради варијацијата на температурата, параметрите на проводникот малку се менуваат“, рече Тако Енгелаар, генерален директор во Неара, добавувач на софтвер за енергетски комунални претпријатија. „Тоа создава нерамнотежа во фреквенцијата“.
Георг Закман, виш соработник во Бругел, бриселски тинк-тенк, рече дека системот претрпел „каскадни исклучувања на електраните“ – вклучително и едно во Франција – кога фреквенцијата на мрежата паднала под европскиот стандард од 50 херци.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кој беше премиер на Португалија од 2015 до 2024 година, рече дека „нема докази дека станува збор за кибер-напад“, но предупреди дека крајната причина е сè уште нејасна. Високата потпретседателка на Европската комисија, Тереза Рибера, исто така, изјави за шпанското Радио 5 дека нема докази за намерен чин што го предизвикал прекинот.
Сепак, Националниот совет за безбедност на Шпанија беше свикан во понеделник за да го процени прекинот. Португалскиот премиер рече дека е прерано да се каже со сигурност што го предизвикало прекинот на електричната енергија.
Енгелаар рече дека толку широко распространет дефект е „исклучително необичен“. Сепак, имало и претходни примери. Во 2003 година, проблем со хидроелектричен вод помеѓу Италија и Швајцарија предизвика голем прекин низ цела Италија од околу 12 часа. Преоптоварувањето со електрична енергија во Германија во 2006 година предизвика прекини дури до Португалија и Мароко.
„Интерконекцијата меѓу земјите е од витално значење за споделување на чиста енергија, но исто така создава нови патишта за брзо ширење на дефектот“, рече Енгелаар.
ТЕЛЕФОНИТЕ „ЗАНЕМЕА“, МЕТРОАТА ЗАСТАНАА…
Во центарот на Мадрид имаше сообраќајни метежи бидејќи семафорите престанаа да работат, објави радио станицата „Кадена СЕР“, како и луѓе заглавени во застоени вагони на метрото и лифтови во шпанската престолнина, јавува Ал Џезаира.
Паничните жители залудно се обидуваа да добијат сигнал бидејќи телефонските линии се прекинаа. „Нема [телефонска] покриеност, не можам да се јавам на моето семејство, на моите родители, ништо: не можам ни на работа“, изјави Карлос Кондори за АФП. „Луѓето се запрепастени, бидејќи ова никогаш не се случило во Шпанија“.
На плоштадот Сибелес, една од најпрометните сообраќајници во Мадрид, запирањето на семафорите предизвика какофонија од сирени, свирчиња и автомобилски свирки додека полицијата се обидуваше да го контролира сообраќајот.
Степ Васен од Ал Џезира, известувајќи од шпанскиот град Валенсија, рече дека аеродромот е едно од ретките места што сè уште имаат струја. „Многу луѓе чекаат вести за нивните летови, но аеродромот функционира“, рече Васен.
„Луѓето се крајно фрустрирани, зјапаат во своите телефони, надевајќи се дека ќе се поврзат со некого“, додаде таа. „Властите изјавија дека ова е прв пат во историјата да се случи толку голем прекин на електричната енергија.“
(Фото: USA Today)