Студенти од Бреинстер Некст колеџот (Brainster Next College) првпат учествуваа на најголемиот Бреинстер хакатон во живо, кој броеше над 140 учесници. Тие заедно со колеги од академиите на Бреинстер работеа на изработка на едукативна веб-платформа за клиентот SCiDEV Албанија
За да им овозможи уникатно и неверојатно искуство на студентите, тимот на практичниот ИТ-факултет Бреинстер Некст колеџ употребува една од најмоќните „алатки“ за стекнување знаење, справување со предизвици и решавање реални проблеми, излегувајќи од традиционалниот амбиент што го нуди училницата – учество на 48-часовен хакатон во живо.
Покрај 16. студенти од студиската програма по Софтверско инженерство и иновации, учество на неодамна одржаниот најголем Бреинстер live хакатон со 140 учесници зедоа и студенти од 5 академии на Бреинстер – UX/UI, Front-End, Full-Stack, Software Testing & Project & Product Management.
Од Бреинстер Некст колеџот велат дека една од најголемите вредности што ќе ја понесат младите студенти е тоа што првпат имале можност да работат со студенти од aкадемиите на нивниот основач Бреинстер (Brainster), да се запознаат со нови колеги и да почувствуваат колку се важни сите аспекти од програмирањето за да се изгради софтверски инженер, да го проверат своето знаење, но и да научат нешто ново.
И додека ваквите образовни искуства за студентите на Бреинстер се веќе секојдневие и се покажале како моќна алатка, сега првпат го искусија студентите од факултетот кои се при крај со првата академска година.
Академскиот координатор на колеџот, Ема Кастратовиќ, вели дека предностите од овој тип на едукација се многу големи бидејќи студентите добиваат интензивно знаење од други колеги во тимот, учат како да се справуваат со предизвици за кратко време и добиваат слика за тоа како е да се работи за реален клиент и на реален проект.
„Ние се трудиме на нашите студенти да им дадеме најдобро образовно искуство преку вакви настани и да им покажеме како сето знаење што го стекнуваат на факултетот може да го употребат во практика, во симулирана работна средина. Затоа и сме применет ИТ-факултет, во срцевината на нашето постоење е практичниот елемент на образованието. На овој хакатон нашите студенти од прва рака почувствуваа како функционира работа под притисок за кратко време, да работат во тим со колеги кои првпат ги запознаваат и како треба да подготват сопствен продукт за клиент. Работеа со колеги од Академиите и покажаа дека можат да се справат со тој предизвик и за 48 часа да постигнат нешто навистина големо, односно да направат веб-базирана апликација“, вели Кастратовиќ.
Најголем хакатон во живо со 140 учесници
Трката по најдобро решение се случуваше во просториите на Бреинстер за клиентот SCiDEV Албанија. Студентите здружени во 8 тима работеа на изработка на едукативна веб-платформа, која како финално решение ќе претставува единствена платформа од ваков вид за студенти.
Преку работа во групи студентите се учат на поттикнување соработка, ефективна комуникација и тимска работа. За повеќето од нив ова е највредното нешто што ќе го понесат со себе. Дел од нив ни раскажаа како се чувствувале додека работеле, со што се соочиле и што е најголемата вредност од ова искуство.
Давид Петковски и Мартин Цветкоски се студентите од Бреинстер Некст колеџ кои се во победничкиот Тим 8 што го понуди најинвентивното решение за клиентот и заедно со колегите од Бреинстер академиите, Благој Ѓорѓиев, Моника Миленкова, Јоана Карадаковска, Панде Бојаџиев, Ѓорѓи Велковски, Андријан Тасевски, Игор Талевски, Константин Јовиќ, Елеонора Богдановска, Елвир Иљазоски, Филип Ѓорѓиевски и Сања Боцеска, во следниот период ќе имаат уште поголем предизвик – доработка на платформата која несебично ќе биде споделена за користење со други организации за едукативни цели.
Како си поминаа студентите?
Давид раскажува дека ова искуство ќе го помни цел живот, особено затоа што му се погодил тимот.
„Како студент на Бреинстер Некст колеџ, ги охрабрувам сите студенти да се пријавуваат за учество на хакатони. Многу луѓе гледаат на програмирањето како на нешто што е тешко да се научи, ама всушност е многу лесно. Но, со многу работа и во средина каква што е нашиот колеџ, каде што се работи со професионалци и има тим што ве следи и мотивира, се учи низ практични примери“, вели Давид.
Дамјан Петрушевски е студент од Куманово и ова му е второ учество на хакатон бидејќи првпат го искусил кога бил дел од Full Stack Академијатa на Бреинстер.
„Ова искуство го сметам како learning curve, многу интензивно и за кратко време научив доста работи што не сум ги знаел. Сакам да им порачам на сите други што сакаат да учествуваат да не се плашат, секогаш имаме поддршка од менторите. Најбитно од сѐ за нас беше да се погодиме и да се синхронизираме во тимот. Софтвер-тестерите, на пример, многу ни помогнаа да дојдеме до главни заклучоци за нашиот проект“, ни раскажа тој.
Студентката Марија Котеска вели дека на хакатонот се почувствувала како да е на работно место, но, се разбира, во позитивна смисла.
„Преубаво искуство. Се чувствував како да сум со колеги на работа и дека имаме многу битна и интересна задача да завршиме. Предизвици ми беа сите нови нешта што не ги знаев, а што требаше да ги совладам и сфатив дека со многу работа, труд и колеги со кои можеш да размениш знаења, може да се постигне тоа. Тимската работа е клучна“.
Стефан Хаџи-Ефтимов ни сподели дека покрај тоа што им донел знаење, хакатонот ќе го памети и по многу дружба и нови пријателства.
„Впрочем, тоа беше и поентата, споделување знаење и вмрежување. Им препорачувам и на другите да се охрабрат и да се пријават на следен ваков настан. На мојата група предизвик ѝ беше целиот продукт да излезе како што треба. Премногу знаење се добива за овие 48 часа. Ова ќе биде дефинитивно искуство плус и како олеснување на нашите следни активности на факултетот, особено со оглед на тоа дека наскоро започнуваме со пракса во компании“, вели тој.
Како е да се учи на Бреинстер Некст колеџ?
Студентите од Бреинстер Некст колеџ наскоро ја завршуваат првата година на студиите по Софтверско инженерство и иновации. Во тек се уписите на нови студенти, а факултетот од годинава ја нуди и новата студиска програма Примена на информациски технологии – дигитален дизајн и интерактивни технологии, која е во процес на акредитација. Она по што се разликува од другите високообразовни институции е револуционерната финансиска поволност „Студирај сега, плаќај по вработување“.
Студентката Мартина Соколеска ни објасни дека пред да се запише на Бреинстер Некст колеџ студирала на друг факултет, но отпосле сфатила дека треба да се насочи кон нешто поинакво.
„Начинот на кој е конципирана самата програма ме намами да го пренасочам образованието и мојот животен тек и сметам дека го направив вистинскиот избор. Како што течат студиите, поубедена сум дека го направив вистинскиот избор. Секојдневно имам контакти со тимот и, секако, професорите, и на овој начин се мотивирам со оглед на тоа дека сум во таква средина“, вели Мартина.
Студентот Филип Ѓоргичков, покрај добрата програма, како најпозитивно нешто за студиите го издвојува индивидуалниот пристап.
„Причината поради која одлучив да се запишам е тоа што тука не нѐ гледаат како поединци и на секој од нас посебно му посветуваат внимание. Се чувствуваме како секој од нас да е вреднуван, а не дека сме само бројка. Секако, тука е и моментот со практичната работа. Тимот за следење на успехот и прогресот на студенти е тука да нѐ води низ целиот пат, од почеток до секакви потребни интервенции“, вели тој.
Давид, пак, како голема предност го посочува уникатниот финансиски модел.
„Покрај практичната настава, за мене пресуден момент беше финансиското олеснување за време на студирањето затоа што не можев и не сакав да им побарам пари на моите родители. Сакав сам да се снајдам. Ова ми дава чувство на спокој“, вели Давид.
Кога се запишал на факултетот лани, бил одлучен да стане Full-stack програмер, но сега му се отвориле други хоризонти откако на факултетот почнале да изучуваат теми од повеќе различни сфери.
„Можеби еден ден и јас ќе предавам на факултет“, вели тој.
Филип додава дека изборот на факултетот е неговата најдобра одлука.
„Професорите се многу посветени, професионалци и достапни во кое било време. Студентите треба само целосно да се вложат и да не се откажуваат при пречките или првите проблеми, само да работат посветено на целта затоа што на колеџот ќе имаат помош од цел тим кој ќе стои зад нив“, вели тој.
Целосна поддршка на студентите од компаниите
Покрај другите нешта што го прават Бреинстер Некст колеџ поинаков од другите факултети, тука е и посветениот тим Партнерства (Partnerships), кој се грижи секој студент да добие шанса за работа на реален проект за клиент, пракса во компании, како и помош при вработување кај партнерските компании кога ќе стекне доволно знаење.
Јана Тодоровска, која го води овој тим, вели дека студентите на хакатонот работеле на креирање продукт кој има огромна општествена важност и дека во иднина ќе работат на многу вакви реални проекти со кои ќе придонесат за благосостојбата на општеството и заедницата.
„Нашите студенти од Бреинстер работат на секакви проекти, но дел од нив се т.н. „tech for good“, односно креирање дигитални решенија кои придонесуваат за општеството, решенија кои помагаат за развој на заедницата и кои им помагаат на организации на кои навистина им е потребно. Вакви проекти ќе бидат во примарен фокус за студентите на нашиот факултет бидејќи сметаме дека тоа ќе им даде дополнителна мотивација“, вели Тодоровска.
Бреинстер Некст колеџ има уникатна програма која е во блиска корелација со партнерите од индустријата. Тодоровска објаснува дека ова се овозможува преку задолжителни предмети со предавачи од ИТ-индустријата, работа на реални решенија кои се имплементираат во заедницата и најважно – летни пракси за сите студенти што се покажуваат како најдобри.
„Со ваков модел, сигурни сме дека нашите студенти ќе бидат најбараните млади таленти во индустријата денес“, вели таа.